ИНФО                                           
   
 

СПОГОДБА ЗА ЗАШТИТА НА МАЛЦИНСТВАТА

Билатералните односи и состојбата во регионот беа клучните теми на средбите на претседателот на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ со македонскиот државен врв. Маровиќ во Скопје оствари средба со претседателот Бранко Црвенковски, со претседателот на Собранието Љупчо Јордановски и со премиерот Хари Костов. 

 
   
  ОДНОСИТЕ СО РУСИЈА НА ПРВО МЕСТО

Не само што е логично туку е и неопходно поголемо присуство на Руската Федерација на Балканот, бидејќи со тоа ставот на меѓународната заедница е поцелосен, изјави претседателот Бранко Црвенковски за весникот "Московски комсомолец", додавајќи дека односите со Руската Федерација се од највисок приоритет за Македонија.
 
   
  ЛЕКОВИТЕ ЌЕ ПОЕВТИНАТ

Од 15 јули граѓаните ќе купуваат поевтини лекови и истовремено ќе имаат и право на избор на поскап лек со определена доплата, најави Никола Пановски, директор на Фондот за здравствено осигурување. Според прогнозите на Фондот, со новиот тендер се очекува да се остварени заштеда од 26 отсто на листата на лекови од примарната здравствена заштита и 6,72 отсто заштеда на болничката листа.
 
   
  ДИВОГРАДБИ НА ТИКВЕШКОТО ЕЗЕРО

Повеќе од 1.000 дивоградби на брегот на Тиквешкото Езеро се закануваат да ја загрозат работата на Хидроелектричната централа "Тиквеш" и еколошкиот опстанок на најголемото вештачко езеро во земјата, предупредуваат надлежните од Општината Кавадарци и од Хидроелектричната централа. Тие апелираат државата итно да ја спречи натамошната секојдневна изградба на нови нелегални објекти на брегот на езерото.
 
   
  БЕСПЛАТЕН ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ ЗА ИНТЕРНЕТ

Граѓанското здружение "Мрежен електронски центар" бара државата да им овозможи на граѓаните еднаков и слободен пристап на Интернет со отворање бесплатен телефонски број. На овој начин граѓаните ќе имаат бесплатно поврзување на Интернет со број што ќе се обезбеди преку Управата за телекомуникации, појасни Златко Николовски од "Мрежен електронски центар".
 
   
  ЖЕЛЕЗНИЦИ ПОВТОРНО ВО ШТРАЈК?!

Синдикатот на подружницата "Влеча на возови" при Јавното претпријатие "Македонски железници" ќе стапи во штрајк на 21 овој месец. Причина за штрајкот се неисплатените плати за последните четири месеци и материјалните трошоци за овој месец, неплаќањето на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување и лошите услови за работа. Железничарите и се лутат на Владата поради неспроведувањето на Законот за Македонски железници во целост.
 
   
  ПАД НА ИНДУСТРИСКОТО ПРОИЗВОДСТВО

Индустриското производство во мај 2004 година во однос на април е помало за 15,2 проценти, а во однос на мај 2003 година е помало за 26,6 проценти. Индустриското производство во мај 2004 година во однос на просечното производство во 2003 година е пониско за 31,5 отсто.
 
   
  ПОТРОШУВАЧКАТА КОШНИЧКА - 9.987 ДЕНАРИ

Вредноста на потрошувачката кошничка за исхрана и пијалаци за едно четиричлено домаќинство за минатиот месец, пресметано врз основа на цените на мало, изнесува 9.987 денари и во однос на мај е пониска за 1,7 отсто.
 
   
  ПОЧНА БЕРБАТА НА ТУТУНОТ

Во прилепскиот регион почна бербата на тутунот од оваа производствена сезона. Споредено со минатата година засадени се 500 хектари повеќе, така што во овој регион тутунот зафаќа површина од повеќе од 4.200 хектари. Тутунопроизводителите се надеваат на повисока откупна цена.
 
   
 

ЛАНСКИ ЦЕНИ НА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ

Бројот на туристите во Струга е под очекувањата, иако ланските цени на аранжманите не се променети. Првиот туристички бран не ја донесе очекуваната посетеност на струшкото крајбрежје. Околу 1000 гости во сите сместувачки капацитети се премалку за да го загреат оптимизмот, се жалат туристичките работници.

 
   
  СПОМЕНИК НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ ВО СТРУМИЦА

Во чест на вториот македонски претседател Борис Трајковски, кој трагично загина во авионска несреќа на пат за Мостар, родната Струмица ќе му изгради спомен-обележје. Според одлуката на Советот на Општина Струмица, споменикот ќе биде поставен во малиот градски парк, а треба да биде подигнат до годишнината од смртта на Трајковски.
 
   
  ЈУБИЛЕЕН ТЕТОВСКИ ФОЛК ФЕСТ

Оваа година јубилејниот "Тетовски фолк фест" ќе биде реализиран по повод манастирското патронско одбележување на големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица во манастирскиот комплекс "Свети Атанасиј" во село Лешок на 27, 28 и 29 август 2004 година, под покровителство на претседателот на Собранието на РМ, господинот Љупчо Јордановски.
 
   
  БОЈКОТ ЗА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ

Граѓанската иницијатива за опстанок на Струга на Советот на Општината Струга ќе му ја предложи својата иницијатива градот да им го откаже гостопримството на учесниците на најголемата поетска манифестација во светот и да ги замрзне сите активности за нејзино организирање, кои треба да ги преземе како град домаќин. Ваквата најава е во знак на револт поради неприфаќањето на референдумското изјаснување.
 
   
  СИЛЈАН И ГИЛЕВСКИ НА КОНГРЕС ВО АТИНА

Од 8 до 12 јули, во Атина, поетите Раде Силјан и Паскал Гилевски ќе учествуваат на Меѓународниот конгрес на тема "Одбрана на малите јазици наспроти глобализацијата". Конгресот се реализира во состав на активностите пред Олимпијадата. Нашите поети на Конгресот одат на лична покана на Министерството за култура на Грција.
 
   
  РЕКИ ПИВО, СКАРА, МУЗИКА

По четиридневна прослава на отворено во центарот на градот, во Прилеп заврши вториот Интернационален фестивал за пиво и скара. Толку многу пиво, скара, посетеност, забава и дружење на Прилеп немаше да му се случат доколку организаторот на "Пиво-фест" не сакаше од градот да направи вистинска туристичка мека. Штандовите на 8 пиварници и 14 скараџилници ги посетиле повеќе од 250.000 посетители. За само два дена на фестивалот Прилепската пиварница потроши 10.000 литри пиво. На 250-те седишта на прилепскиот штанд човек требаше да има вистинска среќа за да најде слободно место.
 
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БИЗНИС ФОРУМ ЗА ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА СТОПАНСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА

Има простор и основа за динамизирање на стопанските активности и за зголемување на инвестициите меѓу Македонија и Словенија, констатираа премиерите на двете земји Хари Костов и Антон Роп на денешниот бизнис форум во Скопје.

"Улогата на Владата е да ги создаде општите услови за стопанисување, да ја интензивира соработката меѓу стопанските субјекти и да им биде на распологање за решавање евентуални проблеми во рамките на законските прописи", рече Костов, порачувајќи им на македонските и словенечките стопанственици да ги интензивираат досегашните контакти.

Според Роп, средбите од ваков тип се одлична можност за разменување искуства и договарање нови проекти и инвестиции што ќе резултира со зголемување на извозот и увозот.

Тој информира дека Словенија во првиот квартал од годинава бележи стопански раст од четири отсто, што до крајот на 2004 се очекува да достигне седум проценти.

"Минатата година инвестиравме многу. Тој тренд продолжува и сега, но очекуваме и влез на странски инвестици. Би ја издвоил онаа на 'Рено' вредна околу 400 милиони евра", рече словенечкиот премиер.

Министерот за економија Стевчо Јакимовски истакна дека царинската управа функционира одлично, корупцијата е исклучок, а не правило и сите странски инвестиции се добредојдени.

Согласно податоците за учество во стоковата размена на Македонија, Словенија во првите три месеци од годинава е рангирана на 12 место според остварениот извоз, односно на шестото од реализираниот увоз.

Приливот на директни инвестиции од Словенија лани изнесувал 6.066.346 американски долари, а оваа година, досега, бројката е сведена на нула.

Бизнис форумот на кој учествуваат повеќе македонски и словенечки бизнисмени го организиираат владите на двете земји, во рамките на посетата на високата државна делегација од Словенија, предводена од премиерот Антон Роп. 

ХОЛАНДИЈА И НАТАМУ ФИНАНСИСКИ ЌЕ ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНИЈА

Шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева вчера во Хаг имаше средба со холандскиот министер за развојна соработка Агнес ван Арден.

Шефот на македонската дипломатија изрази благодарност за тоа што Холандија со континуираната финансиска помош дава поддршка на платниот биланс, на макроекономската стабилност и на развојните процеси на Македонија. Таа додаде дека Македонија е стабилна држава насочена кон економски развој, а пред се кон изнаоѓање начини за привлекување на странски инвестиции.

Ван Арден ја информираше Митрева дека на нејзина иницијатива на 25 октомври во Ротердам ќе се одржи Конференција за инвестиции во западен Балкан. Таа објасни дека конференцијата е со цел да се поттикнат холандските бизнис компании да инвестираат во земјите во регионот и дека на неа ќе учествуваат и министрите за финансии од овој дел на Европа.

Министерот Митрева имаше средба и со претставниците на клубовите на иселениците од Македонија во Холандија.