ИНФО                                           
   
  ПРЕЦИЗЕН ТЕРМИН ЗА НАТО

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Хрватска, Илинка Митрева и Миомор Жужул, очекуваат на претстојниот самит на НАТО во Истанбул да се даде прецизен временски период за членство на двете земји во Алијансата.

На прашањето дали Хрватска ќе воведе визи за македонските граѓани по добивањето статус земја - кандидат во ЕУ, министерот Жужул потенцираше дека приближувањето кон ЕУ не значи и напуштање на регионот и дека ќе се продолжи со развојот на регионалната соработка.

 
   
  КОНСУЛТАЦИИ ЗА АМБАСАДОРИ

Во Министерството за надворешни работи по пауза од една година повторно почна да се зборува за пополнување на празните македонски амбасадорски места во Москва, Канбера, Отава, Њујорк и Женева. Министерката Митрева, наводно стартувала со прелиминарните консултации за испраќање на петмина нови дипломати во македонски мисии. Станува збор за држави каде што долго време нема наши амбасадори и дека во оваа фаза нема да се враќаат дипломати за да бидат заменети со други.

 
   
  ЈАЗОТ МЕЃУ ЦРКВИТЕ Е ПРОДЛАБОЧЕН

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, во врска со можноста за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ, изјави дека треба да се создадат услови за разговори и за доближување на ставовите за да се очекува успех во дијалогот, но не од позција на привилегирани и властодржци. Притоа тој додаде дека СПЦ со своите однесувања и одлуки ги нарушила постојните можности за реализација на преговорите. Сега јазот на раздвојување е продлабочен.- "Ќе мора да се напушти ова беспаќе и да се вратиме на патот на дијалогот откако од СПЦ ќе бидат повлечени некои одлуки што ја влошија состојбата", изјави Поглаварот, г.г. Стефан.

 
   
  СПЕЦИЈАЛЦИТЕ ВО ТУРЦИЈА

Министерот за внатрешни работи, Силјан Аврамовски, по средбата со својот турски колега Абдулкадир Аксу, истакна дека специјалците на македонската полиција ќе се обучуваат во Турција. Притоа додаде дека двете земји ќе ја засилат размената на информации за лицата вмешани во трговија со дрога.

 
   
  ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПОПЛАВЕНИТЕ ПОДРАЧЈА

Според премиерот Хари Костов, кој беше во посета на струмичко-валандовскиот регион, парите што Владата ги издвои за покривање на штетите од поплавите сигурно не ќе бидат доволни така што ќе треба да се издвојат дополнителни средства. Премиерот, притоа додаде дека штетите ќе бидат поголеми од првичните проценки, бидејќи состојбата на теренот е поинаква од она што Владата го имала како сознание.

 
   
  ДРЖАВАТА РИГОРОЗНА КОН РАБОТОДАВЦИТЕ

Според ставот на Министерството за труд и социјална политика, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност ќе ги штити оние што немаат засновано работен однос, а ќе биде ригорозен кон работодавците што сакаат да ги избегнат обврските кон лицата што ги ангажирале. Стојан Трајанов, државен советник во Министерството, вели дека работодавците ќе склучуваат договори со непријавените работници во Агенцијата за вработување со што ќе бидат законски обврзани да им плаќаат придонеси за здравствено и инвалидско осигуривање.

 
   
  ПОЛЕМИКИ ЗА ПРЕНОСИТЕ ОД ПАРЛАМЕНТОТ

Предлогот за укинување на директниот преност од седниците на Собранието предизвика голем број полемики меѓу пратениците од повеќе партии. Опозицијата смета дека намерата на Владата да ги укине директните преноси е тоталитарна мерка и обид за воведување цензура преку јавен сервис што се финансира од парите на граѓаните. Од друга страна, Јани Макрадули од СДСМ изјави дека директните преноси треба да продолжат, иако смета дека Собранието би работело поефикасно без тие преноси.

 
   
  ТРЕВНИЦИТЕ "ГО ИСПИЈА" МЛЕКОТО

Неколку стотици млекопроизводители од повеќе краеви од земјава ги полија со околу 50 литри млеко тревниците пред Собранието. Притоа тие изјавија дека ќе ги блокираат граничните премини за време на Олимпијадата с# додека не се реши проблемот со откупот на млекото. Министерот за земјоделство, Славко Петров, за оваа состојба не дал изјава, бидејќи немал време.

 
   
  ПРОТЕРАНИТЕ УШТЕ ТРПАТ

Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните ги усвои предлог-заклучоците на работната група на Комисијата за внатрешно протераните лица од Арачиново и Липковскиот регион, кој трпат последици од војната во 2001 година. Инаку, во заклучоците се наведува дека на протераните лица и покрај одреденото подобрување на безбедносната состојба с# уште им се повредени слободите и правата, утврдени со Уставот и со меѓународните конвенции за заштита на човековите права, особено во делот на неповредливоста на домот.

 
   
  ВИЛМА ТРАЈКОВСКА ЈА ПРИФАТИ ВЛАДИНАТА ОДЛУКА

Градежен плац со платени комуналии за изградба на семејна станбена куќа ќе добие семејството на трагично починатиот претседател Борис Трајковски. Покрај ова, семејството на поранешниот Претседател ќе добива траен месечен надомест во износ на неговата плата, стипендија за двете малолетни деца за школување во земјава или во странство и еднократен паричен надомест по основа на материјална штета. Сопругата Вилма Трајковска ја прифати одлуката на македонската Влада.

 
   
  УРИВАЊЕТО ПРОДОЛЖУВА

И покрај пресметките и револтот на жителите од Трпејца урбанистичката полиција продолжи со уривањето на нелегално изградените објекти. Нивната активност се одвива под силно полициско обезбедување. Според неофицијалните информации, активноста на градежната инспекција за уривањето на 49 дивоградби во Трпејца треба да заврши до крајот на месецов.

 
   
  БЛОКИРАЊЕ НА ТЕЛЕФОНСКИОТ СООБРАЌАЈ

Македонските граѓани во текот на два часа ги оставија отворени телефонските слушалки револтирани поради најавата за поскапување на цената на телефонските услуги, изјави Владо Димовски, претседател на НВО Парламент. Повеќе од 90 граѓански здруженија се вклучија во акцијата на оваа невладина организација со цел со секојдневно блокирање на телефонскиот сообраќај да се изврши притисок врз раководството на "Македонски телекомуникации".

 
   
  МАКЕДОНИЈА ЛУЛКА НА ОРГАНСКАТА ХРАНА

Експертите за земјоделство во Брисел иднината на Македонија ја гледаат во производство на органска храна. Европската комисија усвои Акциски план чија цел е во наредните години да се охрабруваат производството и консумацијата на органската храна. Планот се однесува на 25 земји членки и земјите кандидати за членство, додека Македонија е наредната на списокот за кандидатски статус што би требало да уследи во 2005 година така што планот на ЕУ ќе важи и за нашата земја.

 
   
  "ДЕТСКИТЕ ЦИТОСТАТИЦИ" НА СУД

Родителите на децата болни од рак ќе ги тужат Министерството за здравство и другите надлежни институции поради тоа што веќе еден месец нема цитостатици на Клиниката за детски болести, изјави претседателката на здружението "Пеперутка", Наташа Котлар - Трајковска.

Директорот на Фондот за здравство, Никола Пановски, објасни оти проблемот ќе биде решен, а Фондот ќе ги признава фискалните сметки за да им ги врати парите на родителите.

 
   
  УШТЕ ПРОСВЕТАРИ НА УЛИЦА

Околу 250 вработени во градинките и во културните установи ќе бидат отпуштени како технолошки вишок до крајот на месецов. Синдикатот за образование, наука и култура на преговорите со ресорните министерства бараше отпуштањата од градинките да се одложат до потпишувањето на колективните договори.

 
     
  РЕГИСТРИРАНО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПОМАЦИТЕ

Бугарските власти во однос на правата на македонското малцинство конечно, почнаа да попуштаат. Тие го регистираа Здружението на Помаците во Бугарија за култура и евроинтеграција. Станува збор за Здружение чија цел е да ги негува културата, традициите и обичаите на Помаците во Бугарија, потоа заштита и утврдување на човековите и граѓанските права и слободи, стимулирање на економскиот развој во планиските и полупланинските региони, зачувување на природните богатства, надминување на психолошката бариера за малкуценетост и издигање на достоинството на поимот Помак. Седиштето на Здружението е во село Кочан, Општита Сатовча.

 
     
     
     

 ВЕСТИ

  БИЗНИС ФОРУМ ЗА ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА СТОПАНСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И СЛОВЕНИЈА

Има простор и основа за динамизирање на стопанските активности и за зголемување на инвестициите меѓу Македонија и Словенија, констатираа премиерите на двете земји Хари Костов и Антон Роп на денешниот бизнис форум во Скопје.

"Улогата на Владата е да ги создаде општите услови за стопанисување, да ја интензивира соработката меѓу стопанските субјекти и да им биде на распологање за решавање евентуални проблеми во рамките на законските прописи", рече Костов, порачувајќи им на македонските и словенечките стопанственици да ги интензивираат досегашните контакти.

Според Роп, средбите од ваков тип се одлична можност за разменување искуства и договарање нови проекти и инвестиции што ќе резултира со зголемување на извозот и увозот.

Тој информира дека Словенија во првиот квартал од годинава бележи стопански раст од четири отсто, што до крајот на 2004 се очекува да достигне седум проценти.

"Минатата година инвестиравме многу. Тој тренд продолжува и сега, но очекуваме и влез на странски инвестици. Би ја издвоил онаа на 'Рено' вредна околу 400 милиони евра", рече словенечкиот премиер.

Министерот за економија Стевчо Јакимовски истакна дека царинската управа функционира одлично, корупцијата е исклучок, а не правило и сите странски инвестиции се добредојдени.

Согласно податоците за учество во стоковата размена на Македонија, Словенија во првите три месеци од годинава е рангирана на 12 место според остварениот извоз, односно на шестото од реализираниот увоз.

Приливот на директни инвестиции од Словенија лани изнесувал 6.066.346 американски долари, а оваа година, досега, бројката е сведена на нула.

Бизнис форумот на кој учествуваат повеќе македонски и словенечки бизнисмени го организиираат владите на двете земји, во рамките на посетата на високата државна делегација од Словенија, предводена од премиерот Антон Роп. 

ХОЛАНДИЈА И НАТАМУ ФИНАНСИСКИ ЌЕ ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНИЈА

Шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева вчера во Хаг имаше средба со холандскиот министер за развојна соработка Агнес ван Арден.

Шефот на македонската дипломатија изрази благодарност за тоа што Холандија со континуираната финансиска помош дава поддршка на платниот биланс, на макроекономската стабилност и на развојните процеси на Македонија. Таа додаде дека Македонија е стабилна држава насочена кон економски развој, а пред се кон изнаоѓање начини за привлекување на странски инвестиции.

Ван Арден ја информираше Митрева дека на нејзина иницијатива на 25 октомври во Ротердам ќе се одржи Конференција за инвестиции во западен Балкан. Таа објасни дека конференцијата е со цел да се поттикнат холандските бизнис компании да инвестираат во земјите во регионот и дека на неа ќе учествуваат и министрите за финансии од овој дел на Европа.

Министерот Митрева имаше средба и со претставниците на клубовите на иселениците од Македонија во Холандија.