ИНФО                                           
   
  ЕВРОПА НИ ДОЛЖИ

- "Меѓународната јавност има голем долг за враќање кон Македонија. На таа држава & беше нанесена голема неправда со вршење притисок врз неа, во моментите кога таа стекна независност да прифати апсурдно име, Поранешна Југословенска Република Македонија" - изјави поранешниот премиер на Полска и специјален известувач на ООН за поранешна Југославија, Тадеуш Мазовјецки.

 
   
  АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СРБИЈА

- "Македонците во Србија и Црна Гора го губат својот национален идентитет"- коментира Лидија Демниева, претседател на Здружението на Македонци во Белград.

Според неа, законските прописи за малцинствата во Србија и Црна Гора се поволни за нас, но ние Македонците не ги користиме.

 
   
  ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД АЛБАНИЈА

Како политички да се организираат во албанското општество за да имаат свои претставници во власта, беше главната тема на Втората конференција на Заедницата на Македонците во Албанија одржана во Тирана. За таа цел претставниците на друштвата "Мир", "Преспа", "Гора" и "Мед" формираа посебна работна група со задача во најкус временски период да предложи решение за да ги анимираат Македонците да се вклучат во политичкиот живот.

 
   
  СОВЕТОТ НА ЕВРОПА БАРА НОВ ПОПИС ВО АЛБАНИЈА

Мониторинг-комитетот на Советот на Европа ја предупреди повторно Владата во Албанија дека обврските што ги презела при приемот во оваа организација, а кои се однесуваат на заштита на правата на националните малцинства мора да ги исполни во што покус рок. Стразбур бара конечно да биде обезбедена конкретна статистичка информација за бројот на припадниците на малцинствата и за местото каде што живеат. Сугестијата на Стразбур е да се подготви нов попис.

 
   
  НОВИ ЧЛЕНКИ ВО НАТО

Македонскиот премиер Бранко Црвенковски учествуваше на церемонијата во САД на која се промовораше влезот на седумте источноевропски земји во НАТО. Американскиот претседател Џорџ Буш го поздрави влезот во НАТО на источноевропските земји како "полноправни и еднакви партнери" додавајќи дека со нивното присуство Алијансата ќе стане посилна. На церемонијата присуствуваа и премиерите на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија, а присуствуваа и премиерите на Албанија и на Хрватска, кои се кандидати за членство во Алијансата, генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, членови на американската Администрација и на Конгресот и вашингтонскиот дипломатски кор.

 
   
  ТРАЈАНОВ ПОВТОРНО ЛИДЕР НА ДС

Досегашниот претседател Павле Трајанов е повторно избран за лидер на Демократскиот сојуз. Ова е одлучено на Второто годишно собрание што се одржа во Скопје на 28 март, на кое е избран и нов Централен совет кој се состои од 61 член.

 
   
  "ЕР ВАРДАР" БЕЗ ДОЗВОЛА ЗА ЛЕТАЊЕ?

На авиокомпанијата "Ер Вардар" & истекува дозволата за летање (АОЦ) која од Управата за цивилна воздушна пловидба & беше издадена привремено, на шест месеци, со обврска во овој период да ги задоволи сите потребни стандарди. Инспекцијата (УЦВП) во новата авиокомпанија утврди дека не се исполнети бараните стандарди.

 
   
  КАНТАР ЗА СИРОМАШТИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА

Светската банка ќе почне со нова проценка на сиромаштијата во Македонија. Според банката, податоците од Заводот за статистика, кој измерил дека сиромашни се 30 отсто од населението или повеќе од 600 илјади луѓе во земјава, не даваат прецизна слика на состојбата. За сиромашен, според Заводот, се смета секој човек што живее со помалку од 130 денари дневно, односно 3.900 денари месечно.

 
   
  НЕЕФИКАСНО СУДСТВО И ГОЛЕМА КОРУПЦИЈА

На големите забелешки на Европската комисија што се внесени во нејзиниот годишен извештај за Македонија се неефикасното судство и големата корупција што владее во земјава. Европската комисија забележува дека Републичкиот судски совет е исполитизиран и дека граѓаните немаат доверба во судскиот систем. За да се надмине ваквата неефикасност, Комисијата предлага да се решат случаите на корупција за кои има доволно докази и за чие решение се заложила и Државната комисија за спречување на корупцијата.

 
   
  АГЕНЦИЈАТА ЗА ПРИВАТИЗАЦИЈА НЕМА ДА СЕ УКИНЕ

Агенцијата за приватизација на Република Македонија не згасне со работа на 31 март, како што претходно беше најавено, туку нејзината активност продолжува до крајот на оваа година. Ова е конечната одлука на Владата, што беше соопштено од страна на владиниот портпарол, Сашо Чолаковски.

 
   
  НАМАЛУВАЊЕ НА ИНДУСТРИСКОТО ПРОИЗВОДСТВО

Индустриското производство продолжува да паѓа. Во февруари 2004 година, во однос на истиот месец лани, индустриското производство е намалено за 38 отсто. Во првите два месеца од 2004 година во однос на истиот период лани, обемот на производство опадна за 31,3 отсто.

 
   
  ПРЕКИНАТ ШТРАЈКОТ НА ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ

Откако Синдикатот на "Македонски железници" и Министерството за транспорт и врски се договорија, генералниот штрајк беше прекинат. Сите независни синдикати во "Железницата" и тоа на машиновозачите, на сообраќајниот персонал и на независниот синдикат на МЖ кои го закажаа генералниот штрајк, по преговорите со заменик-министерот за транспорт и врски, Дејан Кошутиќ, се договорија дека списоците со оние што ќе бидат прогласени за технолошки вишок нема да бидат објавени пред да биде утврден социјалниот пакет. Синдикалните лидери преземале обврска дека додека траат преговорите нема да го блокираат сообраќајот.

 
   
  СО ЗАКОН ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО

Со измените на Законот за семејството во Македонија првпат ќе се санкционира семејното насилство. Измените во постојниот Закон се во собраниска процедура, а новината е тоа што во Законот се воведува нова глава која ги третира нарушените односи и насилството во бракот и семејството. Во легислативата категорично стои дека се забранува секаков вид насилство во бракот и семејството. Исто така, измени ќе претрпи и делот на Законот што се однесува на посвојувањето.

 
   
  МНОГУ ПОСВОИТЕЛИ ЧЕКААТ ДЕЦА

Годишно во Македонија во просек се поднесуваат 235 барања за посвојување на деца од кои само 155 успеваат. Од година во година се зголемува бројот на оние коишто бараат дете за посвојување, а во моментов чекаат околу 560 семејства. Од друга страна, проследено по години, се намалува бројот на деца кои се оставени за посвојување.

 
   
   
     
     

 ВЕСТИ

 

НАФТОВОДОТ АМБО НА МАКЕДОНИЈА ЌЕ И ДОНЕСЕ ГОДИШЕН ПРОФИТ ОД 20 ДО 30 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Профункционирањето на нафтоводот Албанија-Македонија-Бугарија АМБО на Македонија ќе и донесе годишен профит од 20 до 30 милиони долари, ќе овозможи долгорочни вработувања и развој на други придружни индустрии, изјави Тед Фергусон, претседател на корпорацијата АМБО.

За овие земји АМБО ќе претставува влегување во нова ера за меѓусебно интегрирање во Европската унија, додаде Фергусон кој учествува на Форумот за инвестиции во енергетиката што се одржува на Скопскиот саем.

За целосната изградба на нафтоводот се потребни 1,2 милијарди долари. За 700 милиони долари веќе е ветена поддршка од повеќе значајни компании од нафтената иднустрија и од големи банки. Останатите средства ќе се обезбедат од приватни инвеститори, а ќе се враќаат со транспортот на нафта, најави Фергусон, нагласувајќи дека за вакви проекти од клучно значење е да постои интерес од некои од познатите нафтените компании.

Покрај финансиската поддршка значајно за почнување на работите на АМБО проектот ќе биде и потпишувањето спогодба за изградба меѓу Македонија, Албанија и Бугарија, чиј текст во моментов се усогласува. "Ако се потпише спогодбата со АМБО проектот може да се настапи пред инвеститорите и да се почне со работа", истакна Фергусон кој очекува спогодбата да биде потпишана најмногу за два месеца.

По ова веднаш ќе почнат преговорите со претпријатијата кои би биле вклучени во проектот. "Со оглед на тоа што ова е приватен проект заинтересирани сме тој да се изгради економично, а тоа е можно доколку се вклучат локални изведувачи. Се што може ќе се набавува од локалниот пазар, а она што го нема ќе се увезува однадвор", рече Фергусон.

Доколку се оди според предвиденото изградбата на нафтоводот може да почне во 2005 година. За негово завршување Фергусон смета дека ќе бидат потребни 2,5 години. Предвидениот рок за изградбата во физибилити студијата е три години.

Од вкупно предвидените 900 километри од нафтоводот во Македонија треба да поминуваат 350 километри.