МАКЕДОНИЈА – ЗЕМЈАТА НА НЕПОКОРОТ И НА ВЕЧНАТА ИДНИНА (5)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Според зборовите на Џорџ Атанасоски целата историја на Европа е поврзана со Македонија, Европа ја подели Македонија во 1913, за Време на првата светска војна најголемите битки се водени на Македонска територија. Правени се обиди за асимилација на Македонците за среќа безуспешни. На крајот во еден дел од Македонија Македонците создадоа своја Држава во рамки на Југославија.

Но таквата причина ја исплаши Грција па направи егзодус над Македонците, Македонците се потомци на Филип и Александар и имаат право да живеат во своја држава. Но се плашам дека нивната пребогата историја во иднина ќе им донесе преголеми проблеми кои ќе им ги наметнат Бугарија и Грција затоа што имаат страв од постоењето на Македонија и Македонците

Меѓутоа, непобитен е фактот дека Македонецот, и покрај сите обиди и притисоци за негова асимилација се одржал и опстојал. Тоа покажува дека овој народ како библиски, успеа да се спротивстави и да ги издржи сите освојувања, угнетувања и негирања. Македонија е единствената земја со најдолга и најстара историја од која било друга земја во светот. Нејзиниот корен се античките Македонци, а нејзините водачи Филип и Александар Македонски.

Од нивното време, преку владеењето на Рим и Византија, но и преку големите миграции на Словените на југ, потоа отоманскиот и другите периоди, Македонија секогаш била меѓник и крстопат на различните цивилизации, култури, јазици и религии. Непобитен е фактот дека кога Европа била во мрак, единствено ја осветлувал факелот на македонската култура. Меѓу другото, Охридскиот универзитет на свети Климента, зрачел како симбол на една од најстарите цивилизации на континентот.

Почнувајќи од IV век па наваму христијанството преовладувало како религија на овие простори. Тоа го потврдуваат археолошките откритија и бројните христијански цркви, епископални катедрали, базиликите, крстилниците и другите сакрални објекти со големи димензии, кои покажуваат дека христијанството длабоко се закоренило и добро се организирало во Македонија од самиот почеток па до денес.

Еден од најкрупните настани што се случиле во минатото во Македонија била првата азбука на свети Кирил Солунски, која има историско значење за сите словенски народи. Така, првите преводи на богослужбените книги на старословенски, односно на старомакедонски јазик, го означија периодот кога во редот на владејачките јазици, покрај латинскиот, елинскиот и еврејскиот, тој се најде со неговото писмо. Оттогаш Господовото писмо почнало да се шири и на нашиот јазик, а луѓето да пишуваат и да читаат книги напишани на сесловенската-старомакедонската азбука и јазик.

Несомнено, овој настан е од епохално значење за македонскиот народ. Прво, затоа што браќата свети Кирил и Методиј биле од Солун, Македонија, и второ, затоа што првите книги напишани на старомакедонскиот-сесловенскиот јазик, биле на јазикот на македонските Словени. Очигледно, светите Кирил и Методиј не можеле да употребат ниеден друг јазик освен јазикот на Македонците, кои живееле во нивниот град – Солун и околините места.

Друг епохален настан за Македонците се случил во почетокот на ХI век, кога македонскиот цар Самуил, својата престолнина ја преселил во Преспа, а потоа и во Охрид. Сведоштво за тоа се остатоците од неговите тврдини што ги гледаме и денес, како траен белег за тоа наше славно минато. Тука останало и седиштето на Охридската архиепископија, сè до нејзиното укинување во 1767 година. Инаку, со прогласувањето на

Патријаршијата, цар Самуил, од првиот охридски патријарх не случајно бил прогласен за император.

До доаѓањето на Османлиите на Балканот во XIV век, Македонија била во градителски подем. Сведоштво за тоа се бројните средновековни цркви и манастири, кои денес се наоѓаат во ризницата на европската и светската култура. Не случајно, Османлиите веднаш не ја укинале автокефалноста на Охридската архиепископија, туку покажале толерантност кон христијанската вера. По освојувањето на Охрид во 1408 година, цела Македонија се нашла под јаремот на Османлиската Империја. Но, и покрај тоа, Османлиите, не само што не ја ограничиле независноста на Охридската архиепископија, туку и ја зголемиле моќта, со цел да ја ослабат Патријаршијата во Константинопол.  Меѓутоа, експанзијата на феудалниот систем во Турција, објективно значела слабеење на Охридската архиепископија.

Македонскиот народ и неговата црква, во тешката ситуација во која се нашле, биле под постојан притисок на Патријаршијата од Константинопол и од католичката пропаганда во Рим. Патријаршијата применувала разни методи за елинизација на македонскиот народ и уништување на неговата црква, во лицето на Охридската архиепископија. За таа цел, не се бирале средства и методи, Патријаршијата да се наметне врз тогашните црковни власти. Така, во 1767 година таа ја укинала Охридската архиепископија, со што му нанела голема штета на македонското христијанско население.

Иако Балканските војни (1912 – 1913) значеле некакво ослободување на Македонија од османлиското ропство, тие, всушност ѝ донеле ново подјармување. Дошло до трагична поделба на Македонија од страна на Грција, Бугарија и Србија, а подоцна и од Албанија, поради што следеле уште погруби услови и дискриминација за македонскиот народ. Не само што била негирана македонската нација, туку била забранета и употребата на македонскиот јазик, особено во Егејска Македонија, каде се применувале строги казни за оние кои се осмелувале да го зборуваат македонскиот јазик. Во Србија, која подоцна прераснала во Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, под југословенската монархија, Македонија била колонизирана. На Македонците повторно им бил негиран националниот идентитет, а нивниот јазик бил потиснат. Слична била нивната судбина и во Бугарија, во Пиринска Македонија.

1isks123456

Александровото писмо / Посмртна златна маска, Требениште Mакедонија, пајонско време

Вековната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода, борба за правда и вистина, особено неговото активно вклучување во антифашистичката коалиција, по Втората светска војна, овозможи тој да се здобие со суверена држава, со национални институции и со разновидна палета на културна комуникација со светот. Македонскиот јазик стана официјален јазик на Република Македонија, познат и признат во светски рамки.

Се изучува на многу универзитети на неколку континенти и придонесува за ширење на вредностите на македонската култура и нивно вклучување во ризницата на светската култура. За жал, во деловите на Македонија, особено оние кои сè уште се наоѓаат во составот на Грција, Бугарија и Албанија, негаторскиот однос кон македонскиот идентитет и натаму продолжува.

По ослободувањето, цела Република Македонија доживеа силен подем во образованието, културата и изградбата, како и во општественото живеење. Тогаш, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски уште како дете ги почувствува и ги наследи сите тие убави благодати на животот. Тој почна да се интересира за иднината во животот, за училиштето, за книгите… Почна да ги чита книгите во скромната училишна библиотека и да се развива како напреден младинец кој беше сакан и почитуван меѓу учениците, наставниците и луѓето во селото.

Потоа, иселувањето од село во град и преселувањето од Македонија во странство си го направија своето. Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски не беше имун на тоа. Ги почувствува иселеничките бранови што ја зафатија Пелагонија и цела Македонија. Живо се сеќава за разделбите со печалбарите, за бегствата преку граница, за бурните времиња.

За него, првото одење од родното огниште беше Прилеп. Таму, неговиот интерес се збогати и се прошири, за да му се отворат патиштата кон ветената земја, САД. Сè она што го доживеа во родната земја му беше добра основа да ги прошири и збогати своите видици. Затоа, со неговото одење од Македонија и преселувањето во САД, тој, пред сè, го збогати своето живеење на економски план, што секако, беше добра основа за понатамошниот негов развој и интеграција во новата средина. Меѓутоа, паралелно со подобрувањето на економската состојба, тој почна еден нов начин на работа, творење и живеење.

Татковината на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски во 1944 година се прогласи за Народна Република Македонија во рамките на тогашната Федеративна Народна Република Југославија. Не многу години потоа беше преименувана во Социјалистичка Република Македонија. Меѓутоа, кога пропадна социјалистичкиот блок во 1989 година, југословенските републики тргнаа по патот на одделување. Така, и Македонија, со Референдумот од 8 Септември (гроздобер) 1991 година беше конституирана како посебна, независна и суверена држава – Република Македонија. Тогаш, во тие ѕвездени мигови, Република Македонија стана член на Обединетите нации и постојан член на многу меѓународни организации.

Продолжува

1sla2 Пишува; СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНИЈА – РОДНАТА ЗЕМЈА НА ИВАН ТРПОСКИ (5)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА

ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ 

Ова продолжение ќе го посветиме на дел од активностите, случувањата и изразената љубовкон на Иван Трпоски кон родната земја Македонија, која му остана на срцето да ја сака, да се бори за неа и да ја афирмира. Меѓу другото, Иван напиша:

Ете, сум се родил во една многу пријатна фамилија, во едно убаво полско село и уште поубаво охридско-струшко поднебје. Но, иако сум се родил во една од најстарите европски држави, мојата татковина Македонија ја затекнав во барут, оган и крв. Ја затекнав со недефинирана своја државност, култура, историја, вероисповед итн. Во еден дел од распарчените четири делови (вардарскиот), кој од 1913 година до пред Втората светска војна го управуваше српската династија Караѓорѓевиќ, таа сега беше запоседната од германските и италијанските окупатори и бугар­ските и албански помагачи. Ете, токму во неа сум се родил јас.

Историјата на Македонија е мошне бурна и крвава. По падот на античка Македонија, од страв да не воскресне повторно, најпр­во ја распарчило Римското Царство, па кон крајот на деветтиот и почетокот на десетиот век ја покорила Византија. Не само војнич­ки туку и духовно. Мисијата на Св. Павле на Македонија не била случајна. И по поделбата на Римското Царство, Рим се обидувал да го ослабне православието, кое духовно се зацврстило во Кон-стантинопол. Во средниот век таквите активности ги продолжила и Отоманската Империја, која во Македонија се задржала токму 550 години.

По падот на Османлиската империја, во почетокот на двае-сеттиот век, за време на балканските војни, големите европски сили Англија, Германија и Русија, ја поделиле македонската те­риторија на четири дела и им ги подариле на нејзините соседи: Грција, Бугарија, Србија и Албанија. Како последица на немањето сопствена држава, се развиле две сорти на населението кон намет-натите окупатори. Едните што им се додворувале на актуелната власт за да преживеат, сеедно која и сеедно чија, а другите кои не­гувале симпатии спрема сите власти. Од таквите причини силно се развило кодошењето што го спроведувале додворувачите на власта врз своите сограѓани кои го негувале сопствениот идентитет. Кога на оваа појава ќе ѝ се додаде љубомората кон квалитетите, стану­ва јасно колку лесно можел некој да биде наклеветен и во колкав голем број видни интелектуалци завршувале во прогони и во зан-дани. Оваа појава продолжила да се развива и во времето пред и по Втората светска војна, а силно е присутна и ден денес.

По поделбата на Македонија, Македонците покрај тоа што биле принудени да зборуваат на јазиците од поробувачките земји (Србија, Бугарија, Грција и Албанија), тие морале и физички да ги бранат окупаторските граници, а тоа значи да пукаат еден во друг. За макотрпниот живот на Македонците најдобар одраз даваат стиховите на песната од Блаже Конески, кои ги боледувам и јас полни шест децении: „Уште рика маката во мене / дека сум роден во смачкано племе!“

По раѓањето на третото дете на сопружниците Љуба и На­уме, најпрво беа информирани кумовите за да му одберат име на бебето. Во тогашните временски периоди, адет бил името да се земе од најблискиот световен датум на раѓањето. Во овој случај најблиску е датумот 3 јули, кога се слави светецот свети Наум, но поради што таткото од детето се вика Науме, прифатен е 7 јули, поврзан со световното име свети Јован ‒ Иванден.

Па така, кумовите им го предложиле на родителите името Иван да му го стават на нивното новородено дете. Родителите не смееле да се спротивстават на одлуката од кумовите, затоа веднаш се согла-силе детето да се крсти Иван и секогаш да го прославува својот именден ‒ Иванден. По неколкунеделен период од раѓањето, ро­дителите од детето ги повикале кумовите и поблиските роднини за да го крстат Иван по сите црковно-православни обичаи. Па така кон средината на јули во домот на Билко и Науме Трпоски завладеа весело расположение. Новоизградената двокатна пли­тарна куќа била подготвена да ја пречека кумата и роднините на Ивановиот крштенички чин. Но, најпрво кумата Лиќарија Перова од Струга, го крена детето во своето нарачје и ѝ заповеда на тетка му на Иван, Македонка, да земе ѓумче в раце и да тргне со неа, на пат кон селската црква. Црквата „Св. Богородица“ се наоѓаше неколку стотини метри надвор од селото.

Таа навидум е нова, но нејзините темели се мошне стари. Всушност, црквата „Св. Бого-родица“ била запалена од албански разбојници во октомври 1925 година, а веднаш потоа со собрани парични средства од волинци, таа одново била изградена. До неа се наоѓа црковната камбана-рија, чија камбана е лиена во Битола меѓу 1912 и 1939 година. Црковниот имот изобилуваше со овошни и зимзелени растенија. Таквата шаренолика ткаенина од црешови, ореови, јаболкови, ло-зови, дренови, борови и други насади беше вистински плен за глетките на присутните.

Пред црквата раштркано опстојуваа пе­десетина фамилијарни гробови, градени од камен и бетон. Расле-ченото дете кумата му го предаде на свештеникот, за да го из­врши крштеничкиот чин. Иван беше среќен што се крштева во македонска црква и од македонски свештеник, што за минатите генерации тоа било само сон. Детето, раздразнато од мирисот на босилокот и темјанот, со нозете нервозно шлапкаше во водата од големата колимбра и со силен детски плач го нарушуваше мирот во црковната просторија. Тоа, тогаш, не беше свесно за важноста на овој негов православен македонски церемонијал, на кој за не­говото крштевање покрај кумата, тетката и свештеникот, сведоци ќе му бидат и сите светци чии ликови зографските четки ги на-сликале во волинскиот свети Богородичен световник. По свеште-ничката церемонија, кумата го забриша и облече во нови алишта сега веќе крстениот Иван и го завитка во поголемата пелена и со наполнатото ѓумче од крстената вода си заминаа за дома. Попат­но тетка ми Македонка на школското двориште го истури ѓумот молитвејќи: „Иван да расти, трча и да се просветува во идниот негов живот“.

По враќањето дома, мајката си го прегрна синот во својата прегратка и му го честита крштевањето. Таа, како по­дарок, по една риза им даде на кумата и тетка ми кои помогнаа во извршувањето на овој важен христијански чин. Помешаноста од мирисот на штотуку варосаните одаи и мирудиите од готвач-кото огниште беше вистинско доживување на присутните. Меѓу присутните на ручекот присуствуваше и свештеникот Методија, кој го благослови скромниот ручек приреден за гостите. По бла-гословот, сите присутни во еден здив наздравија, честитајќи му ја на Иван крштевката и посакувајќи му весело и безгрижно дет­ство и да порасне голем и да стане вистинско момче Македонче. Сите присутни на кумата ѝ посакаа да доживее и за свадба таа него да го венчава. По ручекот и муабетите, роднините весели го напуштија домот, а домашните уште повесели ги испратија нив.

По овој ритуал убаво е да спомнам дека јас сум ѝ бил по­следното дете од фамилијата Трпоски кое е крстено од кумата Лиќарија Перова.

Поради нашата фамилијарна делба, а и поради нејзината ста-рост, таа нас нѐ даде, за да ни кумува, на нејзиниот најстар син Никола, подоцна и на син му Танас Калајџијоски, а на деленицата им го даде нејзиниот најмал син Науме Калајџијоски.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНЦИЕ ВО ИЗРАЕЛ И ТУРЦИЈА – ДЕЛ I (12)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Почнувајќи од древниот период до денес, Израел како и Македонија бил, е и ќе биде раскрсница на различни нации, цивилизации, култури, јазии и религии. Затоа со право се вели дека историјата на Евреите и таа на Македонците е тесно поврзана. Почнувајќи од древните времиња на Александар Македонски, периодот на Римјаните и Византија, отоманскиот период до следните светски војни, ќе се види дека Израел и Македонија имале слична, ако не и идентична судбина.

Имено, низ овој долг и важен период во Македонија само две нации го избрале името на земјата како дел од нивниот идентитет – древните Македонци и Македонците денес. Македонците ја добија својата независност, социјалните, политичките и културните права во 1944 година, за во 1991 година да се конституира независна, суверена и самостојна држава – Република Македонија.

Евреите, пак, во долгиот и тежок пат на опстојување, во времето кога Римјаните го разрушиле Ерусалим и во пламенот на огинот изгоре Светиот храм, Јудеја била разграбена и опустошена. На Евреите им било забрането да живеат во нивната татковина Јудеја, со што настапува големото еврејско раселување по светот.

Потоа во Јудеја доаѓаат муслиманите, крстоносците, отоманците и секој на свој начин се однесува кон овој народ. Секако минатиот век за Евреите е најжалосниот, бидејќи, Ариевците на чело со Хитлер убиле 6 милиони Евреи. Со тоа еврејскиот холокауст не се заборава, туку остави големи лузни кај народот и во неговата историја.

Еврејскиот народ постои уште од номадскиот период преку создавањето на првата единствена држава на Евреите од 1030 до 930 година пред Христа, па преку нејзиното распаѓање, покорувањето на Евреите и нивната емиграција, до создавањето на еврејската држава Изреал, која се реализира дури по Втората светска војна, на 14 мај 1948 година. 

Во врска со еврејскиот холокауст, секоја година на 11 март во Скопје пред Споменикот на жртвите од бугарскиот фашистички окупатор, им се оддава почит на македонските Евреи. На тој ден во 1943 година бугарската полиција на германските нацисти им предаде 7.144 македонски Евреи.

Инаку кога зборуваме за судбинската поврзаност на македонскиот и еврејскиот народ и на Македонија и Израел, треба да се спомене дека Република Македонија се граничи со четири земји. Албанија, Бугарија, Грција и СР Југославија. За жал, овие земји како во договор имаат аспирации и негаторски однос кон Македонија.

Така Србите го негираат постоењето на  автокефалноста на Македонската православна црква како продолжувач на Охридската архиепископија;  Грција го негира уставното име на Република Македонија и со сите можни средства се бори да ја омаловажи и државата и народот со употреба на неприфатливата додавка БЈРМ. Албанија има територијални претензии кон западниот дел на Македонија, каде се случува популациона инвазија. Бугарија, пак, ја призна државата а го негира македонскиот јазик.

1ara12 1ara13

Од тие причини и не случајно Македонија е наречена “јаболко на раздорот на Балканскиот Полуостров”. Исто така и Израел се граничи со четири држави и тоа Либан, Сирија, Јордан и Египет. Изрел се наоѓа во изолирана положба како еврејска држава која е опкружена од Арапи, кои претежно се муслимани. Односите меѓу Израел и неговите соседни земји се одразуваат скоро на секој аспект на изразување на надворешните односи, како и на демографијата, економската и друга политика во текот на историјата.

Сите тие соседни земји, на свој начин имаат територијални претензии и се однесуваат негаторски кон еврејскиот народ и еврејската држава. Затоа, и Израел често се нарекува како “јаболко на раздорот на Блискиот Исток”.

Меѓутоа, макотрпниот живот, целокупните состојби, силната љубов кон својата вера, народ, земја, минато и иднина направи и од Македонците и од Евреите да формираат свои суверени и независни држави. Од Израел и од израелскиот народ треба да се учи колку тешко, макотрпно и со многу пожртвуваност се формира држава, како уште потешко се стекнува слободата и, како сето тоа возвишено, со силна вера, со голема љубов и со најголема надеж треба да се брани, гради, чува и развива новосоздадената држава. А, еврејскиот случај на создавање на држава и опстојување на истата е единствен пример во светот.

Во Израел има многу мал број македонски Евреи, кои живеат во повеќе градови и кои се тесно поврзани со Република Македонија. Меѓутоа, врските меѓу двете земји се базираат токму со Евреите во Израел и Македонија.

Македонски православни цркви постојат во голем број прекуокеански и европски земји. Но, се чини дека изградба на македонски храм во светиот град – Ерусалим е од посебно значење како за Црквата исто така и за македонскиот народ во целина. Инаку, идејата за изградба на Македонска православна црква во Светиот град е вечна и света уште од времето на просветителите св. Кирил и св. Методиј, од времето на св. Климент и св. Наум Охридски, на Цар Самоил, на Партение Зографски, од времето на поглаварите Доситеј и Михаил, до денешни дни кога поглавар е архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Имено, во 1999 година, за време на Велигденскиот прием, сега починатиот поглавар на МПЦ г.г. Михаил рече дека Македонската православна црква добила покана од израелските власти да изгради свој храм во таа света земја. Оваа вест беше примена со воодушевување не само кај црковните свештенослужители туку и кај македонскиот човек.

Тогаш беше обелоденета веста за изградба на македонска православна црква во светиот град  -Ерусалим и беше речено дека можеби, таквата изградба ќе биде реализирана во рамките на активностите по повод 2000-годишнината од христијанството. Оваа идеја предизвика голем интерес особено кај Македонците во дијаспората, потоа кај бизнисмените кои најавија дека ќе донираат за изградба на црква и кај обичните верници.

Некои оваа вест во тоа време  ја сметаа како прерано соопштена, дека е ставена под знак прашање и сл. Меѓутоа, се чини дека требаше од нешто да се почне за подоцна да има средби меѓу претставници на Македонската православна црква и на Израел.

Тоа, секако, го отвори патот за разговорите што треба да се водат во најскоро време меѓу високата државна и црковна делегација на Република Македонија и претставници на Израел. Се чини дека поддршката на Македонија и на македонскиот народ од страна на Израел е неопходна и многу значајна. Тоа, секако, се потврдува со блискоста на овие две држави и два народи кои имаат слична и идентична судбина, историја…

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

ЕРИХОН – НАЈГОЛЕМАТА ОАЗА ВО ЈУДЕЈСКАТА ПУСТИНА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Јужниот дел на котлината низ која врви реката Јордан е значаен историски простор за трите религии. Имено, најголемата оаза во Јудејската Пустина е Ерихон. Тоа денес е град под палестинска автономија, во јужната Јорданска Долина, на крстопатот кон Ерусалим и Бет Шеан на источната страна на Јордан. На арапски овој град се нарекува Ерихo. Иако се наоѓа длабоко во пустината, сепак, Ерихон ги има најбогатите извори со вода, што овозможија оваа населба да се претвори во една од најпродуктивните во производството на земјоделски производи. Тука се произведуваат сите видови овошје, а растат и најубавите цвеќиња.

Ерихон, градот на палмите е првиот освоен град по враќањето на израелскиот народ од египетското ропство, по преминот преку реката Јордан, а под водство на Исус Навин. Тој е град во кој Израелците влегле свирејќи на труби, за потоа да стане градот на цариникот Закхеј, чиј дом го посетил и Исус Христос и на кое место Спасителот излекувал и некој слеп човек.

Западно од Ерихон над котлината Јордан се наоѓа Планината на искушенијата каде што Исус Христос по крштевањето престојувал 40 дена. Денес тука има пештера врз која е изградена капела. Се верува дека Исус Христос на ова место постел 40 дена и 40 ноќи.

Ерихон лежи во просторот на најдепресивниот дел од минус 250 метри и претставува најниска населба на Земјината топка. Според археолошките наоди, што датираат уште од седмиот милениум, Ерихон е една од најстарите градски цивилизации во светот. Меѓутоа, некои нови истражувања покажуваат дека оваа населба била населена уште пред 10.000 години. Еврејското население овде живеело до пред 1.400 години, а денес живеат Арапи, чиј број на жители изнесува околу 30.000 муслимани и христијани.

Ерихон е град од селски тип, меѓутоа, во последно време  со изградбата на хотели, таканаречени зимски палати и други објекти сѐ повеќе го менува својот изглед. Тука е Палатата на Арафат и на некои други богати Палестинци кои овде доаѓаат во зимските месеци кога температурата изнесува од 17 до 20° Целзиусови.

Во летниот период овде е многу топло со температура од околу 50° Целзиусови. За туристите и за другите посетители Ерихон е привлечен и со богата историја. Тоа е прв град освоен од Џошуа, кој е опфатен во територијата на племето Бенјамин. Локацијата на тогашниот антички град била на северозападниот дел  на сегашниот северен Ерихон. Затоа, ова место е едно од најголемите предизвици за археолозите, зашто со ископините се откриени остатоци од повеќе периоди, почнувајќи од неолитот па сѐ до раните и средните таканаречени канаан периоди.

Овде се откриени и изворите на Елиша, а западно од градот се Херодовите западни палати од периодот на Макабите. Откриени се остатоци од синагоги изградени во VI век со мозаичен под. Во непосредна близина на Ерихон протекува и реката Јордан, која подолу се влева во Мртвото Море.

Тука на реката Јордан до градот Ерихон, според библиските преданија е местото каде што Јован Крстител го крстел Исус Христос. Но, тоа место сѐ уште не е отворено за крштавање на христијаните што доаѓаат овде. Тие се крштаваат, според обичајот од библискиот период, во реката Јордан на местото покрај Галилејското Езеро. Според Новиот завет, Ерихон е и местото каде што Духот го повел Исус низ пустината за да биде искушуван од ѓаволот.

На просторот на Мртвото Море се наоѓа манастирот „Свети Герасим Јордански“  сместен во близината на северната страна од Мртвото Море. Тука, на тоа место некогаш малиот Исус со мајка му Марија и дрводелецот Јосиф ноќевале, патувајќи при бегството од Витлеем за Египет

Исто така, во непосредна близина на Мртвото Море се наоѓа библискиот град Кумран, каде бедуинските овчари во 1947 година, во една пештера ги пронашле најстарите библиски ракописи познати како „Свитоци од Мртвото Море“. Во врска со наоѓањето и продажбата на овие ракописи слушнавме неколку верзии, меѓутоа, најважно е што тие денес се наоѓаат во Израел.

Патувајќи по западниот брег на Мртвото Море се стигнува до оазата Ен Геди, место во Јудејската Пустина, каде што царот Давид се криел од Саул. Тоа место некогаш било познато по своите лозја, опеано во „песна над песните“, место кое повеќепати се сретнува во старозаветните книги. Исто така, таму се водопадите од Давидовиот извор што со векови ѝ противречат на пустинската околина.

На пустинскиот простор долж Мртвото Море се лоцирани повеќе објекти, меѓу кои и една фабрика за производство на козметички препарати. Таа ги користи хемиските соединенија што ги содржи морето од кои, како што велат во шега, со употребата на таа козметика, луѓето се подмладуваат и по неколку години. Тоа е слично како и со мачкањето со морска кал, која посетителите ја употребуваат за поголем број болести и за подмладување.

Во непосредна близина на Мртвото Море има бања, која ја користат голем број посетители. Исто така, на тие простори се лоцирани одреден број научни институции, кои се занимаваат со истражување на животот и иднината на Мртвото Море и неговата околина.

Патувајќи на југ покрај Мртвото Море се пристигнува до остатоците од познатата планинска тврдина Масада, местото кое е запишано со големи букви во историјата на Евреите. Имено, Масада е пустинско плато што на околу 400 метри се извишува над западниот брег на морето од каде тешко може да се забележи. До висината на платото се стасува за неколку минути со современата жичница, а само најхрабрите се искачуваат или слегуваат (како што направивме ние) по „змискиот пат“, што стрмо се спушта од големата височина.

Продолжува

1slav kat Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ИСТОЧНО – ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ – ДЕЛ II (11)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Македонците во Унгарија полни 40 години немаат свое здружение или некоја слична асоцијација. Не поради тоа што не сакаа, туку поради приликите што владееја во Унгарија до 1990 година, како и поради агресивната и негаторска политика на грчкото лоби во оваа земја. Имено, Грците во Унгарија се далеку од помногубројни од Македонците и редовно материјално помагани од матичната земја.

Тие долго време воделе и ќе водат многу агресивна политика, чија основна цел е да ги претопат и да докажат дека во Унгарија (како и во Грција) нема Македонци. За да ја остварат оваа цел,  тие не избираат средства и често се служат со нечесни игри и измами. Но, досегашната практика покажа дека и Македонците се цврст орев, дека не постои сила што ќе ги скрши. Тие се и ќе останат Македонци. Друга алтернатива за нив не постои.

Македонците од Егејска Македонија во поранешна Чехословачка започнаа масовно да доаѓаат по Граѓанската војна во Грција. Така, во тој период бројот на политичките емигранти во Чехословачка беше околу 12.000 од кои над 2.000 Македонци, претежно од Леринско-костурскиот регион. Македонците живееја, главно, во градоите: Јесеник, Прага, Острава и заедно со грчките политички емигранти дејствуваа во сите организирани форми конституирани од Комунистичката партија на Грција (КПГ).

Покрај политичкото собирање, Македонците во поранешна Чехословачка се организираа и групираа преку информативно гласило. Имено, информирањето на Македонците и Грците се вршеше преку заеднички весник со име “Агонистис” (“Борец”). Ова гласило започна да излегува во почетокот на 1950 година на четири страници, од кои една, а понекогаш и две беа на македонски јазик. Во 1953 година Управата на политичките емигранти во Чехословачка се пресели од Јесеник во Прага, а со тоа и Редакцијата на весникот, а 1966 година од Прага во Острава.

Следејќи ја содржината на македонските страници може да се констатира дека тие во основа ја изразуваа позитивната политика на КПГ спрема македонското национално прашање и општо нејзината политика спрема Грција и светот. Според тоа, страниците нудат драгоцени материјали од историјата, литературните остварувања, фолклорот и воопшто од целокупниот живот на македонските политички емигранти во Чехословачка.

Поголемиот број Македонци од Егејска Македонија, меѓу кои беа бројни деца-бегалци, при крајот на шеесетите години се преселија, претежно во Република Македонија, а многу мал број заминаа во прекуморските и други земји. Меѓу нив, а и меѓу Македонците кои денес живеат во Чешка и Словачка, има бројни интелектуалци. Со своите постигнувања на бројни научни полиња и во културата, Македонците таму оставаат значајни траги во севкупното живеење во нивните средини.

Исто така и во седумдесетите години се забележува бран на Македонци кои времено живееја во тогашна Чехословачка. Тие претежно беа градежни работници и стручњаци од неколку македонски градежни фирми, особено од “Трудбеник” од Охрид. И денес има помал број Македонци, пред се’, од Егејска Македонија, како и од Република Македонија, кои претежно се занимаваат со трговија, и со други бизнниси. Веројатно поради малиот број во Чешка и Словачка немаат свои македонски организации.

Врските меѓу Полска и Република Македонија допираат од повоениот период и тие, главно, се базираат на културна, научна, економска и друга основа. Еден од првите лекторати на македонски јазик е отворен токму во пријателска Полска. Но, првата поголема група Македонци што дојде во Полска беше од егејска Македонија.

Имено, први меѓу емигрантите од Грција во Полска беа децата-бегалци, а со нив по некоја жена или мома кои имаа улога на воспитувачки. Тие во почетокот се населија во Солице Здруј, Лондек Здруј, во Згожелец, а од таму беа префрлени во Вроцлав, Легница, Свидница, Шчечин и други места. И на тие нови простори Македонците се бореа да го афирмираат својот јазик, култура, литература, традиции и да го зајакнат националниот дух.

Меѓутоа, кон крајог па шеесеттите години, голем број Македонци, претежно високо образовани, се преселија од Полска во Република Македонија и во прекуокеанските земји, особено во Канада. Како резултат на тоа 1974 година се укинаа страниците на македонски јазик во “Демократ”, а кратко време потоа згасна и весникот.

Голем број Македонци од Тетовско, Битолско, Струшко, Прилепско, Кичевско и од други региони на Западна Македонија доаѓале на печалба уште во минатиот век, за тој број да се зголеми меѓу двете светски војни, особено по Втората светска војна, кога во Белград немало само фурнаџии, кафеанџии, семкари, слаткари и други занаетчии, туку дошла и плејада познати и признати културолози, политичари и граѓани на светот. Во тие мигови пред хотелот „Балкан“ со мислите отпатувавме во времето кога Македонците живееле од градот на белината, како често нашите го нарекувале.

2gert12

Меѓу двете светски војни голем број Македонци оделе да се школуваат во Бугарија, Русија и бројни европски метрополи. Меѓутоа, по Втората светска војна Белград станал центар за голем број македонски студенти кои се стекнале со високо образование, за потоа да работат во својата татковина како професори, лекари, инженери, уметници, новинари, правници итн

Во овој период, покрај македонските институции, во Војводина, кои работеле со успех во период од седумдесетина години, Македонците како малцинство во Србија имаат свои нови македонски организации, друштва, клубови, училишта, фолклорни групи и друг вид асоцијации, кои влеваат надеж дека состојбата ќе се подобри и дека ќе имаат посреќно утре.

Меѓу другите, треба да се споменат следните: Националниот совет на Македонците во Република Србија, Списанието „Македонска виделина“, Здружението „Гоце Делчев“ – Врање, Пејачката женска група „Тоше Проески“ во Качарево, Клубот „Илинден“ во Јабука, Здружението „Бели мугри“ во Пирот, Домот на културата „Кочо Рацин“ и Основното училиште „Гоце Делчев“ во Јабука, Здружението „Македониум“ од Белград, Здружението „Гоце Делчев“ од Врање, Културно-уметничкото друштво „Васил Хаџиманов“ во Јабука  и други.

Се чини дека најголем успех е воведувањето на македонскиот јазик да биде во јавна (службена) употреба во локалната управа на Општината Пландиште кај Вршац и избор на пратеник од македонската заедница во Собранието на Србија.

Република Хрватска, пак,  е земја кадешто  на Македонците им се гарантирани сите права како национално малцинство. Таа е земја кадешто Владата, преку материјална и финансиска помош, го помага развојот на малцинствата за афирмација на нивните национални, културни и јазични вредности. Со тоа Македонците служат како мост за развивање на пријателство помеѓу Хрватска и Македонија афирмирајќи ја, на тој начин, Република Хрватска како демократска и граѓанска земја.

Тука Македонците се организирале во Хрватско-македонската заедница, заедничка организација на културно – уметнички душтва во поголемите градови во Хрватска. Потоа има црковни општини на МПЦ и тоа во: Загреб, Сплит и Пула, а од 1993 година, Заедницата го издава и списанието “Македонски глас”. Преку сите тие асоцијации, Македонците во Хрватска остваруваат богат културно, просветен, спортски и духовно – верски живот, настојувајќи да го задржат и да го развиваат својот македонски идентитет. Притоа конечно Македонците се наоѓаат на најразлични врвни места во науката, високото образование, културата, судството, стопанството и во други подрачја на општественото живење во Хрватска.

Судбината на Македонците во Словенија е слична, ако не и идентична со онаа на Македонците во Хрватска. Словенија е втората поренешна Ју република во која Македонската православна црква опште е регистрирана во државниот регистер, како посебна верска заедница. А, Македонците, како што се вели, како духовни роднини на Словенците, се организираат и во културно-уметнички друштва и други асоцијации. Денес постојат или се во формирање културно- уметнички друштва во Љубљана, Крањ, Марибор и Копар, со тенденција тој број да се зголемува.

Исто така, Македонците во Словенија се организирани на духовно национално поле преку Македонските православни црковни општини за Крањ и Љубљана кои претставуваат идно собиралиште на Македонците.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНИЈА – ДЕДОВСКАТА ЗЕМЈА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ (2)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Според историските податоци со името Македонија уште во античките времиња се означувала една мала покраина во непосредна близина на Пела, денешното село Постол – столицата на античкото македонско царство. За неа пишувале голем број странски и домашни автори. Некои се обиделе да ја искриват македонската историја, а некои лесно ги презентираат историските факти за Македонија и македонскиот народ. 

Според географските податоци Македонија го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа има извонредно важна положба во спојувањето на важните патишта крстосници. Таа е земја на премрежја, но и земја на убавини, земја на мистерии и опстојување, каде што силните луѓе преживеале војни, глад, освојувачи, навреди, империи, притоа зачувувајќи ја волшебноста на своето име. Тоа започнало од величествените времиња на Филип и Александар Македонски, преку римските и византиските владеења, преку големите миграции на различни на-роди на југ и потпаѓањето под Отоманската Империја сè до денес.

Дедовската земја на македонските иселеници – Македонија како географски регион го зафаќа средишниот дел на Балканскиот Полуостров, просторот што е заграден на север со планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила, а на југ со реката Бистрица и брегот на Егејското Море до утоката на реката Места. Бигла и вододелниците на младонабраните планини Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд ја заградуваат Македонија од запад, а од исток реката Места и западните делови на Родопите. Во овие граници Македонија зафаќа простор од 67.741,2 квадратни километра.

Низ овој долг и богат временски период само два народа го избрале името на оваа земја за нераздвоен дел на својот идентитет – древните Македонци и Македонците денес, а тоа претставува силна врска која датира од пред милениуми, укажувајќи на посветувањето на овие народи на својата библиска земја. Затоа, за историскиот развој на Македонија од античко време па се’ до денденес, пишувале голем број странски и домашни автори. Некои се обиделе да ја искриват македонската историја, а некои лесно ги презентираат историските факти за Македонија и македонскиот народ.

Тој е народ на кој најдоброто оро му е античкото оро, кое се вика „Тешкото“, објективно и не можел да има поинаква судбина и минато. Македонија не само што отсекогаш била на сечилото на многуте мечеви и јатагани, сабји и ками, туку во неа се судрувале и прекрстувале многу различни култури.Почнувајќи од древниот период па до денес Македонија била е и ќе биде место каде што се вкрстуваат различни цивилизации и религии. Така уште пред многу векови се појави христијанството на овие балкански простори, односно уште од времето кога апостол Павле дошол во Македонија.

Македонија како земја, неколкупати се споменува и во Библијата. Историски гледано, почнувајќи од древните времиња на Александар Македонски преку римскиот и византискиот период, како и преку големите миграции на различни племиња кон југ а потоа и за време на отоманскиот период, Македонија била раскрсница на нации, цивилизации, култури, јазици и религии.

Географската положба ја прави Македонија крстосница на различни цивилизации, религии, традиции и обичаи. Не случајно на многу трговци и каравани тука им поминувале патиштата, а за многу воени експедиции, војски, победници и поразени таа била многувековен мегдан. Тоа значи дека секој камен, секоја грутка црна земја, секоја река и планина, зборуваат за бурната историја на Македонија. И денес Македонија сè уште во себе крие многу тајни од минатото, кои, веројатно ќе бидат предизвик за наредните поколениа и генерации. Затоа се вели дека Македонија е библиска и света земја, која со својата древност и милениумска вековитост е гордост, радост и тага, сон и јаве за секој Македонец.

Непобитен е фактот дека Македонецот, и покрај сите облици и притисоци за негова асимилација се одржал и опстојал, а неговата земја Македонија е единствената земја со најдолга и најстара историја од која било друга земја во светот.

Исто така, факт дека кога Европа била во мрак, неа единствено ја осветлувал факелот на македонската култура. Меѓу другото, Охридскиот универзитет на свети Климента, зрачел како симбол на најстарата цивилизација на континентот.

Македонскиот народ и неговата црква во тешката ситуација во која се нашле, биле под постојан притисок на Патријаршијата од Константинопол и од католичката пропаганда во Рим. Патријаршијата применувала разни методи за елинизација на македонскиот народ и уништување на неговата црква, во лицето на Охридската архиепископија. За таа цел, не се бирале средства и методи Патријаршијата да се наметне врз тогашните црковни власти. Така, во 1767 година таа ја укинала Охридската архиепископија, со што му нанела голема штета на македонското христијанско население.

Иако Балканските војни (1912 – 1913) значеа некакво ослободување на Македонија од османлиското ропство, тие всушност ѝ донесоа ново подјармување. Дојде до нејзината трагична поделба од страна на Грција, Бугарија и Србија, а подоцна и од Албанија, поради што следат уште погруби услови и дискриминација за македонскиот народ.

17212

Македонското оро „Тешкото“

Не само што е негирана македонската нација, туку е забранета и употребата на македонскиот јазик, особено во Егејска Македонија, каде се при-менувале строги казни за оние кои се осмелувале да го зборуваат македонскиот јазик. Во Србија, која подоцна ќе прерасне во Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, под југословенската монархија, Македонија била колонизирана. Додека. пак, на Македонците им бил негиран националниот идентитет, а нивниот јазик бил потиснат. Слична била нивната судбина и во Бугарија, во Пиринска Македонија.

Вековната борба на македонскиот народ за национална и социјална слобода, борба за правда вистина, особено неговото активно вклучување во антифашистичката коалиција, по Втората светска војна, овозможи тој да се здобие со суверена држава, со национални институции и со разновидна палета на културна комуникација со светот. И на крајот Народноослободителната борба и на Заседанието на АСНОМ во „Свети Прохор Пчињски“ на 2 август 1944 година, каде Македонија беше прогласена за Народна Република Македонија.

По ослободувањето цела Република Македонија доживеја силен подом во образованието, културата земјоделството, како и во општественото живеење. Македонскиот јазик стана официјален јазик на Република Македонија, познат и признат во светски рамки. Се изучува на многу универзитети на неколку континенти и придонесува за ширење на вредностите на македонската култура и нивно вклучување во ризницата на светската култура. За жал, во деловите на Македонија, особено оние кои сè уште се наоѓаат во составот на Грција, Бугарија, Албанија, нивниот негаторски однос кон македонскиот идентитет и натаму продолжува.

За среќа, во 1944 година, државата се прогласи за Народна Република Македонија беше прогласена за рамноправна република во рамките на тогашната Федеративна Народна Република Југославија. Неколку години потоа беше преименувана во Социјалистичка Рапублика Македонија. Меѓутоа, кога пропадна социјалистичкиот блок во 1989 година, југословенските републики тргнаа по патот на одделување.

Така, и Македонија, со Референдумот од 8 септември 1991 година беше конституирана како посебна, независна и суверена држава – Република Македонија. Тогаш, во тие ѕвездени мигови, Република Македонија стана член на Обединетите нации и постојан член на многу меѓународни организации.

Период од независноста на Република Македонија – 8 Септември 1991 година до денес е исполнет со изградба на бројни епохални споменици од историјата на македонскиот нарот и на Македонија од античко време па до денес. Осми септември е ден над деновите и еден од најзначајните датумуи за опстојот, напредокот и иднината во целина на Македонците и за Република Маке-донија.

Меѓутоа, на 17 јули 2018 година, претставници на владите на Скопје и Атина се договорија во врска со збиднувањата на Спогодбата за решавање на разликите опишани во Резолуцијата 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните околу спорот со името, кога ја кутнаа Република Македонија.

Во селото Нивици, во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија, двете влади во присуство на бројни туѓински претставници ја потпишаа Спогодбата околу спорот со името, со која, меѓу другото, нашата мила Република Македонија стана Република Северна Македонија. Со тоа се вети на нашата татковина влез во НАТО и долгорочен процес за влез во Европската Унија.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

ДЕЛ ОД ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА И ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА

Дванаесетти јуни, недела 2022 година, ќе биде запишан со златни букви како историски ден во аналите на Охридската архиепискоја (Македонска православна црква -ОА). На тој ден, за прв пат се одржа Света патријаршиска и синодална света литургија меѓу Вселенската патријаршија и МПЦ-ОА (Охридска архиепископија) на македонски јазик. Овој светол чин се одржа во соборниот храм на Вселенската патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул.

Во тој историски ден  за Охридската архиепископија чиноначалствуваа вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и поглаварот на МПЦ-ОА г.Стефан. Тие одржаа прва заедничка света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз Македонската православна цркца – Охридска архиепископија. Тоа е повод да се пренесе дел од историскиот развој на Вселенската патријаршија и Охридската Архиепископија, како и дел од животот и делата на нивните денешни поглавари.

Така, според историските податоци, позицијата на Константинополската црква (Вселенската патријаршија) има интересна и различна историја во православниот свет. Вселенска, наречена уште Цариградска или Константинополска патријаршија е автокефална помесна православна црква со седиште во Истанбул, Турција.

Вселенската патријаршија е создаден по расцепот на Римската империја во 395 година, со која најпрво раководел епископ, а од 451 година епископот кој ја носи титулата патријарх.

Во првите векови на османското владеење, Цариградската патријаршија игра улога на потпомагач на црковното и училишното дело во Османлиското Царство и противдејствува на некои од обидите на исламот за потурчување на одделни региони на Балканот.

Меѓутоа, од XVIII век и почетокот на XIX век Цариградската патријаршија започнува да се претставува како грчка, со што се стреми кон грцизирање на негрчкото христијанско население во Империјата.

Цариградската патријаршија ја претставувала црковната и училишната дејност во Македонија и Одрински,  кои после Берлинскиот договор од 1878 година  одново се под османската власт. Таа ги поткрепува и грчките и српските области, но не ја признава автокефалноста на бугарската црква.

Денес, под јурисдикција на Вселенската патријаршија се: Руската, Бугарската, Српската православна црква, Охридската, Трновската и Печката архиепископија, Албанската, Финската, Естонската православна црква, а Угровлашката, Молдавската, Московската и Киевската митрополија, а по падот на Константинопол под османлиска власт во 1453 година, на цариградскиот патријарх му било дадено правото да биде духовен поглавар на сите источни (православни) христијани во рамките на Империјата.

Сегашен Вселенски патријарх е Вартоломеј кој е духовен водач на  околу 300 милиони православни христијани во светот. Тој е роден како Димитриос Арходонис на 29 февруари 1940 година во селото Агиои Теодорои на островот Имброс (сега Гекчеада, Турција), како син на Христос и Меропи Арходонис (роденото Скарлатос), двајцата со грчко потекло. Има турско државјанство, но е припадник на малото етничко-грчко малцинство во Турција. Течно говори турски, грчки, латински, француски, англиски, италијански и германски јазик. По дипломирањето на факултетот служел во Патријаршиската богословија во Халки, каде што бил ракоположен за свештеник. Подоцна, тој служел како митрополит на Халкидон и станал член на Светиот синод, како и на други комитети, пред неговото устоличување како вселенски патријарх.

Патријархот Вартоломеј е 270-тиот и сегашен архиепископ на Константинопол и Вселенски патријарх, од 2 ноември 1991 година. Во согласност со неговата титула, тој се смета за primus inter pares (прв меѓу еднаквите) во Источната православна црква и како духовен водач на источните православни христијани ширум светот.

Мандатот на Вартоломеј се карактеризира со внатреправославна соработка, внатрехристијански и меѓурелигиски дијалог и формални посети на римокатоличките, старокатоличките, православните и муслиманските водачи ретко претходно посетувани од вселенски патријарх. Разменил бројни покани со црковни и државни великодостојници. Неговите напори за промовирање на верските слободи и човековите права, неговите иницијативи за унапредување на верската толеранција меѓу религиите во светот, како и неговите напори за промовирање на екологијата и заштитата на животната средина, се широко забележани, и овие напори му ја донесоа титулата “Зелениот патријарх“.

Исто така во пишаните документи е забележано дека Вселенскиот патријарх често настапува како своевиден гласноговорник на православието на средби со претставници на други христијански цркви, други светски религии, меѓународни организации и држави. Тој, исто така, традиционално ја игра улогата на иницијатор и координатор на заедничките активности меѓу помесните православни цркви. За таа цел, тој повремено свикува собори на локални црковни водачи, со кои претседава. На Сеправославната конференција на Родос во 1961 година, тој добил право да свика Вселенски или Сеправославни собори (како што правел византискиот император во минатото). Според толкувањата кои не се општоприфатени во православниот свет, вселенскиот патријарх има канонско право да прима апели од свештенството од другите помесни цркви, како и право да ракополага со епископи во земјите од „православната дијаспора.

Според скромните историски податоци за Охридската архиепископија, пак, е забележано дека Самуил за прв поглавар на Преспанската (македонска) црква го наименувал Герман-Гаврил. Тој уживал голема почит и бил мошне близок на својот господар, што се потврдува и со фактот дека и Самуиловиот првенец и престолонаследник го добил името на црковниот поглавар – Гаврил.

Самуил и Герман-Гаврил се избориле за автокефалноста на Охридската архиепископија, со што и поглаварот бил потврден од Апостолската столица, а црквата го добила своето дефинитивно оформување како самостојна помесна црква. Не се знае кога починал Гаврил. Меѓутоа, познато е дека тој бил поглавар на чело на Црквата сè додека нејзиното седиште било во Преспа и тука се упокоил, не стигнувајќи да се пресели во Охрид. Според народните преданија, вечното почивалиште му е во манастирската црква во селото Герман, во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија.

Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постоела цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Македонската православна црква, пак,  беше формирана пред самиот крај на војната, во 1944 година во селото Горно Врановци, Велешко. Во март 1945 година во Скопје, е одржан Првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква.

Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор, и на свечената седница во охридската црква на „Свети Климент Охридски“ ја прогласува Македонската православна црква за автотефална. Овој чин е извршен на Светата архиерејска литургија, отслужена во црквата „Свети Климент Охридски“ на 19 јули 1967 година, од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ, точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан.

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Св. Богородица – Перивлепта, била ставена црквата Св. Софија во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Денес поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. Стефан, кој има титула архиепископ охридски и македонски, е петти по ред. Првиот поглавар беше поглаварот г. Доситеј, кој, пред сè, има големи заслуги за духовното, националното и црковното живеење на Македонците. Тој ја возобнови Македонската православна црква и од него почна сè. Вториот поглавар беше г. Ангелариј, третиот поглавар г. Гаврил кој го направи првиот македонски превод на Библијата, а четвртиот поглавар беше г. Михаил. Петтиот поглавар на Македонската православна црква е денешниот архиепископ охридски и македонски г. Стефан.

Архиепископот г. Стефан е роден на 1 мај 1955 година, во село Добрушево – Битолско, како Стојан Велјановски, во патријархално православно македонско семејство, како шеста рожба на неговите родители Тале и Стојанка.

По завршувањето на основното училиште, есента 1969 година се запишал во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, која со успех ја завршил во 1974 година. Потоа се запишал на Белградскиот православен факултет.

По дипломирањето на Факултетот, во 1979 година, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква го постави за професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, а веќе идната година беше испратен на постдипломски студии на Екуменско-патролошкиот институт „Св. Николај“ во Бари-Италија, на кој магистрира во 1982 година.

По враќањето од Италија беше поставен за предавач на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Свето писмо на Стариот завет и Патрологија, должност од која е избран за архијереј на Македонската православна црква.

Инаку, архиепископот Стефан беше замонашен на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски-Чудотворец“ во Охрид, а хиротонисан за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје како митрополит злетовско-струмички, а кратко потоа беше именуван за митрополит на Брегалничката епархија.

На Црковно-народниот собор, одржан на 9 октомври 1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска архиепископија „Света Софија“ во Охрид, беше избран, а на 10 октомври 1999 година востоличен како петти поглавар на МПЦ-ОА и оттогаш тој ја извршува должноста архиепископ охридски и македонски, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската православна епархија.

Историскиот настан што се случи на 12 јуни 2022 година во Истанбул претставува христијанска љубов  на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија во соработка со поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г. Стефан. Со тоа конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничност се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

МПЦ–ОА е на пат да ја врати својата автокефалност, одземена во далечната 1767 година

По одлуките на Вселенската патријаршија и СПЦ, МПЦ–ОА е на пат да ја врати својата автокефалност, одземена во далечната 1767 година

Димитар Поп Ефтимов: „Македонската православна црква секогаш била со народот“

„(Македонската црква) секогаш била со народот во насреќните, како и во најтешките минути од неговиот живот… Така било во времето на св. Климент, кога црквата и народот претставуваа една целина – еден ум, една душа, едно срце, една волја, кога народот беше црква, а црквата – народот.Така било во времето на Самуил Велики и неколку децении пред него, кога македонското свештенство, за да го спаси народот…создаде нова македонска црква… Така беше и таква остана – прогресивна, бунтовничка, револуционерна македонска црква и во ерата на нашата преродба, кога стана непоткуплива стража, бестрашен знаменосец на борбата за црковно-училишна слобода и еднаквост.“ – пишува во текстот „За македонската црква“ Димитар. nоп Ефтимов („Македонска мисъл“кн. 9-10, год. 1, 1946)

Димитар Поп Ефтимов (20.10.1890 –25.11.1961) е општественик, учител и новинар, деец на левицата на македонското ослободително движење, член на БКП и КПЈ. Роден е во Ресен во 1890 година и емигрирал во Бугарија, каде бил претседател на Варненското македонско културно-просветно друштво „Гоце Делчев“. Како бугарски воспитаник работел како учител во Варна, а бил и главен редактор на весникот „Македонска правда (1933 – 1934).

По ослободувањето на Македонија, во 1945 година, Поп Ефтимов заедно со Спасе Чучук, Васил Куновски, Јордан Кираџијски и Јонче Јосифовски го пишуваат во Скопје првиот буквар на македонски литературен јазик. Тој бил еден од основачите на Зрдужението на македонските новинари во февруари 1946 година. Но, поради неодобрување на актуелната политика на Белград во Македонија, тој повторно заминал во Бугарија. Починал во Варна во 1961 година.

Поп Евтимов се до промената на политиката на Софија сведочи за македонскиот идентитет. Меѓудругото говори за името „бугарин“ во Македонија пред 100 г., но притоа вели дека тоа име не е етничка ознака и дека истото е наметнато со Егзархијата. Како што вели: „Крајна цел на Егзархијата беше побугарување на цела Македонија.“, притоа го споделил сведоштвото дека пред еден век, се случувало – „во една иста куќа, таткото се чувствувал чист Хелен (Грк), синот како Бугарин, а чичкото или вујкото – прави Срби“. Тоа значи дека во Македонија, „бугарин“, „грк“ и „србин“ не биле етничка определба, туку црковна или политичка определба.

Освен за дејстввањето на Егзархијата, тој говори и за Македонската православна црква, која како Охридска Архиепископија беше укината во далечната 1767 година, а чиј процес на возобновување започна уште во октомври 1943 година во селото Издеглавје. На тој Прв свештенички собир за време на Втората светска војна била донесена одлука за организирање на Македонска православна црква, како возобновена Охридска Архиепископија.

Осврнувајќи се на континуитет на непрестаната врска на црквата и свештенството со својот народ и неговата вековна борба за народна и црковна слобода, Поп Евтимов во статијата „За македонската црква“ објавена по војната во „Македонска мисъл“ (кн. 9-10, год. 1, 1946.) списание на Македонскиот научен институт во Софија, меѓудругото ќе напише:

„Ако внимателно го погледнеме минатото и начинот на живеење на нашиот народ во најважните фази од неговиот историски развој, со голема радост и нескриена гордост ние ќе констатираме како Македонци, дека таков начин на живот и такво минато има силен широконароден и длабок демократски карактер. Од оваа радосна констатација произлегува заклучокот дека сите институции во нашата земја, а во тој број, секако и Македонската црква, доколку сакаат да останат верни на славните традиции на нашиот народ, треба да имаат широк народен карактер, кажано ова во најдобро и во најблагородно значење на тој збор.

Македонската црква уште во првите чекори од својот живот со венцеславниот сеславјански првоучител Св. Климент Охридски, за разлика од сите други христијански цркви, се здоби со широко народен и … револуционерен карактер. За разлика од сите други Христови цркви кои ги прогласуваа за свети старите мртви јазици и со нив ги „ширеа“ и ги толкуваа Христовите вистини, Македонската црква, напротив, како божествен јазик го подигна народниот јазик, простонародната славјанска реч, која наскоро се претвори во прекрасен книжевен јазик, способен да ги пренесе во прекрасни и извонредни говорни созвучја најнежните нијанси на човековата мисла, најслатките треперења на човечкото срце, како и најгорките емоции на човечката душа. А таа „проста реформа“ беше во суштина вистинска револуција, непростлив ерес спрема свештените традиции, против неприкосновената црковна догма за тријазичност.

Затоа, кога станува збор за прогресивноста или реакционерноста на различните Христови цркви, повторно ќе треба да забележиме дека нашата Македонска православна црква во најважните моменти од својот развој отсекогаш била прогресивна, понекогаш слободољубива. стопроцентно народна и никогаш реакционерни и антинародна.

…Зборувајќи за реакционерната и античовечка политика на Цариградската патријаршија, немаме намера да говориме за паклениот обединет фронт склучен меѓу оваа патријаршија и византиските императори, за уништувањето на славјанските народи на Полуостровот или криминалната конкубинат на истата таа патријаршија и крвавите султани, ниту за срамната заповед  на еден од цариградските патријарси да се запалат и целосно да се уништат сите славјански книги и сите славјански натписи во разни цркви и манастири во славјанските земји, ниту пак за подвизите на епископи како Каравагелис и други. кои заедно со султанскиот аскер ги палеле селата во Егејска Македонија, ги убивале и колеле деца, а ги срамеа девојките и невестите, за да се види од сите до кој степен на срам се урнати идеалите на тој што го дал името на таа црква. и тој што беше распнат на крстот на Голгота за да покаже како треба да им се служи на овие идеали. . .

Во последните години и самата Македонска црква го почувствува методот и жилата на претставниците на различните „христијански“ православни цркви во земјите кои ја зазедоа македонската земја и го поробија македонскиот народ. Таа виде како претставниците на Грчката православна црква ги учеа великогрчките евзони да им ги дупчат јазиците на малите Македончиња во Костурско само затоа што тие на својот сладок мајчин јазик се смеат, пеат или плачат.

Таа, македонска црква, сама виде како преставниците на православнната христова црква на бивша „Југославија“ во лицето на македономразецот Варнава, заедно со великосрпските „пандури“ формирале љути хајки против секој еден Македонец кој си дозволуваше да крене глас против страшната сатрапија, глас за слобода и самоопределување за свои цркви и училишта. Таа, македонската црква, ќе си спомене за крвавиот баханалии над најомилените деца на Македонија во Бугарија, каде беа убиени над 3.500 најдостојни македонски борци, меѓу кои и големите Сандански, Ѓорче Петров, Димо х. Димов, Славчо Ковачев, Арсени Јовков, Ангел Поп Василев, Скрижовски, Таската и цела една плеада маченици и херои на „Христовата православна црква“….

„. (Македонската црква) секогаш била со народот во најсреќните, како и во најтешките минути од неговиот живот… Така било во времето на св. Климент, кога црквата и народот претставуваа една целина – еден ум, една душа, едно срце, една волја, кога народот беше црква, а црквата – народот. Така било во времето на Самуил Велики и неколку децении пред него, кога македонското свештенство, за да го спаси народот…создаде нова македонска црква… Така беше и таква остана – прогресивна, бунтовничка, револуционерна македонска црква и во ерата на нашата преродба, кога стана непоткуплива стража, бестрашен знаменосец на борбата за црковно-училишна слобода и еднаквост…

Таква била и таква останала Македонската црква за време на епохалните револуционерни борби на македонскиот народ, предводени од титаните на македонската револуција Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Димо х. Димов, Даме Груев, Пере Тошев и др. и кога со својата крв ги испишаа најславните страници на македонската револуција. Во овие борби македонскиот свештеник, во едната рака со крстот Господов, со камата и револверот – во другата, ги крстосуваше селата и градовите заедно со најистакнатите апостоли на нашата слобода, проповедајќи ја новата револуционерна религија, крштевајќи во името на новата револуционерна вера и заклетва во неверување во сите други вери кои се спротивставуваат на догмите на новото, вера во неизбежната крвава, но славна револуција.

Но, кулминацијата на врвното сознание на нашиот свештеник, неговата посветеност и подготвеност на безгранични жртви во името на народноослободителниот идеал, во име на кој идеал даде неспорни докази, го гледаме во последните револуционерни борби на Македонија. за време на борбите на Македонија, за време на борбите наши славни партизани, кога македонскиот свештеник не се двоумеше да ги стави на крстот Господ и блескавата петокрака, што го ублажува радосниот факт дека македонскиот свештеник е способен за уште поголеми жртви, се додека овие жртви носат една уште подобра иднина на нашиот народ. . .

Еве каква била Македонската црква во минатото – сосема народна, слободољубива, прогресивна, територијална мала, но голема по своето општославјанско и општочовечко значење, која прва им го даде на славјанските народи писмените знаци и со тоа ги спаси од очигледно уништување, а на човештвото, во добата на најстрашната религиозна ноќ на средниот век, добата на нечовечноста, духовно и физичко мракобесие, најпрво им го донесе концептот на еднаквост, вистинска слобода и економска еманципација.

Таква била македонската црква, таква мора да остане и во иднина – независна, со своите македонски свештеници и архиереи како што била со многу векови.“

По одлуките на Вселенската патријаршија и СПЦ, МПЦ–ОА е на пат да ја врати својата автокефалност, одземена во далечната 1767 година. Тоа право го заслужува  МПЦ–ОА и македонскиот народ после многудецениска борби и дадени жртви.

ГРЦИЈА ГО ПРИЗНАЛА ПОСТОЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК УШТЕ ВО 1923 г.

Официјален грчки документ

Документот е официјален договор од Воденскиот Јавен Нотар , во 1923 година, меѓу македонски жители на село Платани и грчката држава, за купување на земја и имоти од државата во село Платани, кое е основано во 1907 од жителите на Пожарскиот регион кои таму се доселиле.

Мината година општината Воден празнуваше 100 години од основањето на селото.

Покрај останатите информации, напишани на овој договор во местото означено со двете црвени стрелки (види слика) го пишува следново:

“… втората страна во овој договор помеѓу бројот единаесет и бројот четириесет и девет, која не го знае Грчкиот, а единствено МАКЕДОНСКИОТ (јазик), се претставуваат заедно со нивниот најмен преведувач, по своја волја и убедување, личноста која јас ја знам како г-дин Теодор Тсиоку, сопственик на земја и жител на Воден, кој положи заклетва врз Светото Писмо како што е побарано по закон, дека ќе направи вистинит и точен превод од Грчки на МАКЕДОНСКИ, и обратно, за договорните страни, за сведоците и за мене …“

grcki-dokument

СУДБИНАТА И ВИСТИНА ЗА ЕВРЕИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Кога се пишува за мрачен дел од историскиот развој на Евреите во Македонија треба да се каже дека тоа има една друга димензија. Имено, судбината се поиграла со Евреите во април 1941 година, кога бугарската војска, која била сојузник на Силите на оската, навлегла во Македонија и окупирала голем дел од територијата.

Така, на 4 октомври 1941 година, Бугарите вовеле закон со кој меѓу другото им забраниле на Евреите да бидат на каков било начин вмешани во општеството. Малку подоцна, Бугарите ги собрале речиси сите Евреи од Битола и ги преместувале во посиромашни и помизерни делови за живеење.  Наскоро, во 1942 година, Бугарите во Македонија и Егејска Македонија (северна Грција) започнале со депортирање на Евреите.

Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, во Скопје, кој тогаш бил привремен концентрационен логор. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски фашистички окупаторски власти, биле уапсени 7.144 Евреи, потоа транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани.

Во спомен и сеќавање на погубените Евреи, во Скопје е изграден Музејот на холокаустот, кој по музеите во Ерусалим и Вашингтон е трет музеј во светот и прв во Европа посветен на жртвите на холокаустот.

Во оваа пригода сакаме да потенцираме дека. како македонски Канаѓани, или како канадски Македонци сме патувале во многу места во светот. Сме виделе и сме истражиле многу земји, нивните истории, култури, народите и нивните религии, политиките и сите аспекти од нивниот живот. Во текот на нашите патувања и посети на над педесет земји, научивме многу од нивните народи, култури, истории од секоја земја поединечно. Многу од земјите треба посебно да се почитуваат, некои не‘ импресионираа повеќе, некои помалку, а ни една земја во светот не’ не восхити со своите постигнувања како што тоа го направи Израел и еврејскиот народ.

Инаку, според некои непотврдени информации и прабабата Кира на Славе Катин имала еврејско потекло и поради тогашните состојби на Евреите во Грција пребегала од Солун во селото Нивици, во Преспа.. Потоа се омажила за Ристо Грпчев во Наколец во Преспа, каде ја родила ќерката Ката, која се омажила за Алексо Грежлов во Љубојно, а по која авторот на овие текстови, нејзиниот внук од ќерката Сандра, Славе Николовски (Грежловски) го носи надимакот Катин.

Во исто време да се патува по „Светата земја“ е голем предизвик, зашто таквото патување е повеќе од секое друго; таму се патува низ библиската земја, во земјата на пророците и патријарсите, низ земјата на царевите, земјата на апостолите… Да се чекори по земјата на Христовото детство, по бреговите на реката Јордан, на Галилејското Езеро и на Мртвото Море, по земјата осветена од Исуса Христа е ретко доживување за секој христијанин, за секој човек без разлика на неговите религиски убедувања и верувања.

Прв пат, но не последен го посетивме Израел во 2001 година, а спомените ни се враќаат постојано и многу пати од тогаш до денес. Сме имале средби, другарувања и разговори со голем број Евреи не само во Израел туку и ширум светот. Затоа увидовме некои посебности во убавината на двете земји и народи, а во исто време огромни сличности во нивните судбини, минато, сегашност и иднина, како и предизвиците со кои тие се борат со текот на вековите.

Што е тоа и зошто Израел напредува многу повеќе во споредба со Македонија, во многу аспекти од животот; на економски план, во религијата, културата, земјоделството, армијата, соседството, дијаспората… Тие беа прашањата кои не‘ заинтригираа, а кои се обидовме да ги елаборираме во ова дело. Сакавме да видиме како Израел ги решава прашањата и проблемите, слични на оние што Македонија се соочува денес. Како и што треба да се учи од Израел и еврејскиот народ, што би помогнало на Македонија и македонскиот народ за подобрување на иднината на државата, нејзината економија и живот во целина?

Исто така, преку репортерските записи од патувањата по „Светата земја“ во кои се дадени бројни податоци, нашата цел во ова дело е да ги запознаеме Македонците во Татковината и во дијаспората со историскиот развој на Израел, периодот на Исус Христос, со јудаизмот и христијанството, како и со вистината за Израел и Евреите.

Од друга страна, пак, нашите намери се на Евреите да им презентираме дел од историските факти за Македонија и македонскиот народ од времето на Филип и Александар Македонски до денес. Потоа, нашата цел е да го прикажеме историскиот развој на Македонската православна црква, на Македонците во соседните земји и во дијаспората, на Евреите во Македонија, со што читателот ќе може да добие поцелосна слика за судбината и вистината на македонскиот народ и на Македонија

Од нивното тело, значи, се издвоиле главните светски религии. Тие се, за жал, први меѓу најпроколнатите, најмасакрираните, најраселуваните и најистребуваните народи на Земјината топка. Антисемитизмот со векови е жива филозофија, а и денес опстојува во арапскиот свет.

Иран и други милитантни исламисти сонуваат да ја збришат еврејската држава од светските мапи. За своето парче земја, значи и денес Евреите стравуваат и одвреме-навреме војуваат, па, сепак, никогаш не се доведува во прашање нивниот идентитет. Зашто, идентитетот не е ниту закопан во земјата, за да мора да се откопува, ниту, пак, треба да се бара во светите книги, во Тората, Коранот, Библијата, во стотиците камени гробови на царевите и благородниците погребани во подножјето на Маслиновата Гора

На почетокот од минатиот век, Евреите од Јафа, старото утврдување на морето, поради честите конфликти со Арапите со кои живееле, решиле да излезат од стариот град и крај брегот почнале да го градат Тел Авив. Денес Тел Авив е административен центар на Израел. Таму се наоѓаат сите странски амбасади, но, сепак, Тел Авив не е главниот град на светата држава Израел.

Сетот (со исклучок на САД) не го признава Ерусалим за престолнина на Израел, иако таму е Кнесетот, израелскиот Парламент, Владата и клучните министерства. Најмоќните земји светиот град го сметаат за спорен, зашто Арапите имаат претензии кон Источен Ерусалим, каде што се мнозинство. Но Евреите немаат проблем со таквиот однос на Запад. Се плашат само доколку загубат дел од териториите каде што сега се Палестинците, да речеме Западниот брег, кој е под нивна окупација, може да им биде загрозена државата. За идентитетот не се плашат.

Продолжува

1slav kat Пишува Славе Ка