ДЕЛ ОД ИСТОРИСКИОТ РАЗВОЈ НА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА И ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА

Дванаесетти јуни, недела 2022 година, ќе биде запишан со златни букви како историски ден во аналите на Охридската архиепискоја (Македонска православна црква -ОА). На тој ден, за прв пат се одржа Света патријаршиска и синодална света литургија меѓу Вселенската патријаршија и МПЦ-ОА (Охридска архиепископија) на македонски јазик. Овој светол чин се одржа во соборниот храм на Вселенската патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул.

Во тој историски ден  за Охридската архиепископија чиноначалствуваа вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и поглаварот на МПЦ-ОА г.Стефан. Тие одржаа прва заедничка света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз Македонската православна цркца – Охридска архиепископија. Тоа е повод да се пренесе дел од историскиот развој на Вселенската патријаршија и Охридската Архиепископија, како и дел од животот и делата на нивните денешни поглавари.

Така, според историските податоци, позицијата на Константинополската црква (Вселенската патријаршија) има интересна и различна историја во православниот свет. Вселенска, наречена уште Цариградска или Константинополска патријаршија е автокефална помесна православна црква со седиште во Истанбул, Турција.

Вселенската патријаршија е создаден по расцепот на Римската империја во 395 година, со која најпрво раководел епископ, а од 451 година епископот кој ја носи титулата патријарх.

Во првите векови на османското владеење, Цариградската патријаршија игра улога на потпомагач на црковното и училишното дело во Османлиското Царство и противдејствува на некои од обидите на исламот за потурчување на одделни региони на Балканот.

Меѓутоа, од XVIII век и почетокот на XIX век Цариградската патријаршија започнува да се претставува како грчка, со што се стреми кон грцизирање на негрчкото христијанско население во Империјата.

Цариградската патријаршија ја претставувала црковната и училишната дејност во Македонија и Одрински,  кои после Берлинскиот договор од 1878 година  одново се под османската власт. Таа ги поткрепува и грчките и српските области, но не ја признава автокефалноста на бугарската црква.

Денес, под јурисдикција на Вселенската патријаршија се: Руската, Бугарската, Српската православна црква, Охридската, Трновската и Печката архиепископија, Албанската, Финската, Естонската православна црква, а Угровлашката, Молдавската, Московската и Киевската митрополија, а по падот на Константинопол под османлиска власт во 1453 година, на цариградскиот патријарх му било дадено правото да биде духовен поглавар на сите источни (православни) христијани во рамките на Империјата.

Сегашен Вселенски патријарх е Вартоломеј кој е духовен водач на  околу 300 милиони православни христијани во светот. Тој е роден како Димитриос Арходонис на 29 февруари 1940 година во селото Агиои Теодорои на островот Имброс (сега Гекчеада, Турција), како син на Христос и Меропи Арходонис (роденото Скарлатос), двајцата со грчко потекло. Има турско државјанство, но е припадник на малото етничко-грчко малцинство во Турција. Течно говори турски, грчки, латински, француски, англиски, италијански и германски јазик. По дипломирањето на факултетот служел во Патријаршиската богословија во Халки, каде што бил ракоположен за свештеник. Подоцна, тој служел како митрополит на Халкидон и станал член на Светиот синод, како и на други комитети, пред неговото устоличување како вселенски патријарх.

Патријархот Вартоломеј е 270-тиот и сегашен архиепископ на Константинопол и Вселенски патријарх, од 2 ноември 1991 година. Во согласност со неговата титула, тој се смета за primus inter pares (прв меѓу еднаквите) во Источната православна црква и како духовен водач на источните православни христијани ширум светот.

Мандатот на Вартоломеј се карактеризира со внатреправославна соработка, внатрехристијански и меѓурелигиски дијалог и формални посети на римокатоличките, старокатоличките, православните и муслиманските водачи ретко претходно посетувани од вселенски патријарх. Разменил бројни покани со црковни и државни великодостојници. Неговите напори за промовирање на верските слободи и човековите права, неговите иницијативи за унапредување на верската толеранција меѓу религиите во светот, како и неговите напори за промовирање на екологијата и заштитата на животната средина, се широко забележани, и овие напори му ја донесоа титулата “Зелениот патријарх“.

Исто така во пишаните документи е забележано дека Вселенскиот патријарх често настапува како своевиден гласноговорник на православието на средби со претставници на други христијански цркви, други светски религии, меѓународни организации и држави. Тој, исто така, традиционално ја игра улогата на иницијатор и координатор на заедничките активности меѓу помесните православни цркви. За таа цел, тој повремено свикува собори на локални црковни водачи, со кои претседава. На Сеправославната конференција на Родос во 1961 година, тој добил право да свика Вселенски или Сеправославни собори (како што правел византискиот император во минатото). Според толкувањата кои не се општоприфатени во православниот свет, вселенскиот патријарх има канонско право да прима апели од свештенството од другите помесни цркви, како и право да ракополага со епископи во земјите од „православната дијаспора.

Според скромните историски податоци за Охридската архиепископија, пак, е забележано дека Самуил за прв поглавар на Преспанската (македонска) црква го наименувал Герман-Гаврил. Тој уживал голема почит и бил мошне близок на својот господар, што се потврдува и со фактот дека и Самуиловиот првенец и престолонаследник го добил името на црковниот поглавар – Гаврил.

Самуил и Герман-Гаврил се избориле за автокефалноста на Охридската архиепископија, со што и поглаварот бил потврден од Апостолската столица, а црквата го добила своето дефинитивно оформување како самостојна помесна црква. Не се знае кога починал Гаврил. Меѓутоа, познато е дека тој бил поглавар на чело на Црквата сè додека нејзиното седиште било во Преспа и тука се упокоил, не стигнувајќи да се пресели во Охрид. Според народните преданија, вечното почивалиште му е во манастирската црква во селото Герман, во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија.

Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постоела цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Македонската православна црква, пак,  беше формирана пред самиот крај на војната, во 1944 година во селото Горно Врановци, Велешко. Во март 1945 година во Скопје, е одржан Првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква.

Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор, и на свечената седница во охридската црква на „Свети Климент Охридски“ ја прогласува Македонската православна црква за автотефална. Овој чин е извршен на Светата архиерејска литургија, отслужена во црквата „Свети Климент Охридски“ на 19 јули 1967 година, од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ, точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан.

На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата Св. Богородица – Перивлепта, била ставена црквата Св. Софија во Охрид, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.

Денес поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. Стефан, кој има титула архиепископ охридски и македонски, е петти по ред. Првиот поглавар беше поглаварот г. Доситеј, кој, пред сè, има големи заслуги за духовното, националното и црковното живеење на Македонците. Тој ја возобнови Македонската православна црква и од него почна сè. Вториот поглавар беше г. Ангелариј, третиот поглавар г. Гаврил кој го направи првиот македонски превод на Библијата, а четвртиот поглавар беше г. Михаил. Петтиот поглавар на Македонската православна црква е денешниот архиепископ охридски и македонски г. Стефан.

Архиепископот г. Стефан е роден на 1 мај 1955 година, во село Добрушево – Битолско, како Стојан Велјановски, во патријархално православно македонско семејство, како шеста рожба на неговите родители Тале и Стојанка.

По завршувањето на основното училиште, есента 1969 година се запишал во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, која со успех ја завршил во 1974 година. Потоа се запишал на Белградскиот православен факултет.

По дипломирањето на Факултетот, во 1979 година, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква го постави за професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево – Скопје, а веќе идната година беше испратен на постдипломски студии на Екуменско-патролошкиот институт „Св. Николај“ во Бари-Италија, на кој магистрира во 1982 година.

По враќањето од Италија беше поставен за предавач на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Свето писмо на Стариот завет и Патрологија, должност од која е избран за архијереј на Македонската православна црква.

Инаку, архиепископот Стефан беше замонашен на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски-Чудотворец“ во Охрид, а хиротонисан за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје како митрополит злетовско-струмички, а кратко потоа беше именуван за митрополит на Брегалничката епархија.

На Црковно-народниот собор, одржан на 9 октомври 1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска архиепископија „Света Софија“ во Охрид, беше избран, а на 10 октомври 1999 година востоличен како петти поглавар на МПЦ-ОА и оттогаш тој ја извршува должноста архиепископ охридски и македонски, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската православна епархија.

Историскиот настан што се случи на 12 јуни 2022 година во Истанбул претставува христијанска љубов  на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија во соработка со поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г. Стефан. Со тоа конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничност се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

SHARE