Одлуката на Владата за неприфаќање на 89 решенија за вработување во МВР, не само што е противуставна и противзаконска, туку во услови на предизборие негативно може да се одрази врз севкупната безбедносна ситуација во земјата, посочи техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој вчера престојуваше во работна посета на СВР Охрид.
Според техничкиот министер, одбивањето на решенија создава конфузија во редовите на службата, а систем на двојно командување без точно одредена хиерархиска одговорност, само по себе предизвикува проблеми во функционирањето.
-Според мене, а верувам ќе се сложат и експертите од Правниот факултет, одлуката на Владата е незаконска и спротивна на Уставот. Неприкосновено право на министерот е да донесува решенија, да врши прераспоредување, конкретно министерот раководи со Министерството. Владата не може колективно да укинува поединечни правни акти, во случајот решенија.
Чулев информира дека до сите организациски единици на МВР испратил телеграма во која укажува вработените да продолжат да ги извршуваат зададените задачи, да го почитуваат принципот на хиерархија и принципот на законитост.
Што се однесува до безбедносната ситуација на подрачјето под ингеренција на СВР Охрид, министерот Чулев ја оцени стабилна, а средбата со раководството на секторот ја искористил да даде насоки за зајакнување на активностите во насока на поволен безбедносен амбиент во услови на, како што рече, „очигледна поларизираност во општеството“.
– Минатата година забележан е зголемен број откриени кривични и прекршочни дела во СВР Охрид, но и зголемена реализација, односно расветлени случаи од 25 на 35 отсто. Потребно е да се посвети повеќе внимание на проблемот со дрвократството и нелегалната експлоатација на шумите во рамки на акцијата „Гора“, како и засилени контроли на Охридското Езеро, во услови кога нема концесионер да стопанисува и да се грижи за физичка заштита на рибата, рече Чулев.