Нови смени на директори на училишта во Гостивар, Таравари очекува да му бидат одземени ингеренциите

Директори на училишта во Општина Гостивар се жалат дека неодамна се сменети од раководните позиции на незаконски начин и на прес – конференција побараа да се спроведат последните одлуки на Управниот суд. Според градоначалникот Арбен Таравари, ваквите реакции се обид за да се предивика одземање на ингеренциите по трет пат.

Неколкумина директори на училишта, на прес конференција кажаа дека градоначалникот незаконски ги сменил, иако нивните жалби ги уважиле Просветниот инспекторат и Второстепената комисија за управни постапки. Тие покажаа решенија и одлуки во кои се наведени законски повреди и со нив се обврзува градоначалникот да врати на позициите на кои биле претходно.

Директорот од ОУ „Гоце Делчев“ Игор Радески, кој е сменет по втор пат нагласи дека иако институциите ги прифатиле неговите жалби, градоначалникот Таравари го разрешува од причини кои само нему се познати.

Градоначалникот Таравари во одоговрот на обвинувањата наведе дека станува збор за политичка игра, чија цел е да му се одземат ингеренциите по трет пат. Тој тврди дека смената е направена по ист терк како што била и во случај со директор во училиштето во Чегране. Ги отфрла обвинувањата за политички реваншизам, бидејќи како што рече, меѓу сменетите директори не се само членови и симпатизери на ДУИ.

– Она што сега се прави од страна на власта е политичка игра и е во корелација со претстојното распуштање на овој состав на Парламентот. Со овој потег сакаат да ги одземат ингеренциите по трет пат, во последен момент, бидејќи подоцна не ќе можат. Овој пат од врхушката на ДУИ доаѓа наредба до нивниот министер, која доаѓа до нивниот партиски војник Сухби Јакупи кој е судија во Вишиот Управен суд каде е донесена одлуката со која предметите се враќаат во првостепениот суд. Ова е невиден притисок врз општина со која раководи кадар на Алијансата и така сакаат да ѝ наштетат во работењето. Нема општина во Македонија на која ѝ се одземаат ингеренциите по трет пат, рече градоначалникот Таравари.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *