ПОБЕДОНОСНА ВОЈНА НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО МАЛА АЗИЈА (9)  

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД  УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Александар Македонски, во споредба со другите команданти, му даде повисока позиција на Парменион, кој тогаш беше на околу шеесетгодишна возраст и ја имаше докажано својата способност во многу битки во времето на Филип Македонски. He го назначи Парменион за постојан командант на одделна дивизија, туку го држеше до себе без да му даде некоја посебна команда.

Сепак не треба да го опишеме Парменион како „шеф на персоналот на Александар”, или како „негов Молтке”. Понекогаш пред важни одлуки, заради брзо разгледување на ситуацијата, Александар Македонски свикуваше воен совет на офицери или другари кои лично беа поврзани со него, но никогаш немаше редовен генералски персонал во современа смисла на зборот. Парменион беше негов Молтке.

За стратешките прашања Александар Македонски не дозволуваше внимателниот Парменион да му врши влијание. Тој очигледно имаше голема доверба во Парменион како тактичар, бидејќи во три битки во Азија му дозволи да командува со дефанзивното крило, а тој командуваше со офанзивното крило.

Колку ѝ беше верен стариот генерал на кралската куќа, покажа во Мала Азија, каде што како покорност на наредбата на Александар дозволи да му се суди на Атал, кому тој му беше зет, веднаш по откривањето на Аталовото предавство.

Исто така, беше загрижен за династијата, за која тој и Антипатер го советуваа Александар да не преминува во Азија се додека не се ожени и да има наследник за престолот. Може да се сфати колку Александар Македонски страстно копнееше да започне голема војна, и затоа го одби овој совет.

Но, загриженоста на овие генерали не беше неоправдана, бидејќи, доколку се случеше Александар да загине, тогаш неговиот син од законскиот македонски брак ќе беше готов да го земе престолот, а судбината на неговата светска империја веројатно ќе беше поинаква.

Најпосле сите подготовки за војна завршија и нападот започна во раната пролет на 334 година. Александар Македонски ја поведе својата војска од Амфипол долж античко македонскиот морски брег до Хелеспонт, каде што стигна до Сестон во Херсонес.

Имаше среќа бидејќи Персијците не мислеа да го спречат неговото преминување со својата огромна флота, пропуст кој беше голема грешка. Така со помош на 160 триреми и трговски бродови направени за оваа намена, без борба, војската беше префрлена од другата страна на брегот во Абид.

Додека оваа задача му ја препушти на Парменион, Александар беше поттикнат од романтичните чувства да го посети светото место Илијад. Придружен од пријатели и мал број пешаци, отиде до јужниот рид на Херсонес, каде се наоѓаше гробот на Протесилај, кој според легендата беше првиот од луѓето на Агамемнон, убиен при истоварувањето на азискиот брег. Александар му принесе жртва на Агамемнон со цел и тој самиот да има поголема среќа при истоварувањето.

Кога командниот брод на Александар Македонски премина на тројанскиот брег, во центарот на Дарданелите им принесе жртви на боговите на морето, Посејдон, Амфитрит и Нереид. Кога дојде блиску до брегот скокна сосе оклоп, го забоде копјето во песокливата плажа и извика дека ја добил Азија од боговите како „земја добиена со копје”

Ова симболично присвојување на непријателска земја е направено и од Клитарх, но тоа е многу карактеристично и за однесувањето на Александар Македонски што може да се смета како историско. Наведувањето, меѓутоа, на неговиот извик се засновува врз извор премногу сомнителен за да ги оправда претпоставките за големината на неговите воени планови од тоа време.

Потоа Александар Македонски отиде во Илиум и со ентузијазам ги обнови сеќавањата за Тројанската војна. И го посвети својот штит на Атина и наместо својот зеде еден свет штит божем од времето на херојските години и на олтарот од Зевс Херкеј принесе жртва на Пријам, кој според легендата беше убиен од Неоптолем, синот на Ахил.

Така, како наследник на Ахил, Александар Македонски сакаше да ја ублажи болката на Пријам. Во рамнината под ридот Александар и неговиот пријател Хефестион положија венци на насипот со кој претпоставуваа дека се покриени останките на Ахил и Патрокле. Оваа екскурзија до Илиум овозможува длабоко да се проникне во романтичната душа на младиот крал.

Откако повторно се соедини со својата војска, која во меѓувреме Парменион целосно ја префрли од другата страна на морскиот брег, Александар тргна напред, извидувајќи ја внимателно земјата каде поминува, за да се сретне со непријателот, кој, како што беше информиран, ги беше концентрирал своите воени сили недалеку од Зелеија, јужно од Мраморното Mope.

По наредба на Големиот крал, кој сé уште немаше вистинска претстава за опасноста што му се закануваше од Александар Македонски, намесниците и генералите веднаш загрижени ги собраа своите воени трупи од земјите на оваа страна на планината Таурус и му се придружија на Мемнон и на неговата војска.

 

Продолжува

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *