ПРИМЕНА НА „КОСИОТ БОРБЕН СТРОЈ“ НА ГРАНИК – ПРВАТА БИТКА СО ДАРИЈ (10)  

 

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

На воениот совет во Зелеија, Мемнон веднаш предложи алтернативен план за битката. Да се повлечат во внатрешноста и со опустошување на населбите и со уништување на жетвата целосно да го ограничат Александар Македонски и да го натераат да се повлече назад, а во меѓувреме со помош на флотата да ја пренесат војната во Европа.

Овој вешт план, кој покажува длабоко проникнување во критичната ситуација на Александар Македонски, што би го ставил во положба слична на онаа на Наполеон во Русија, не беше прифатен, бидејќи беше предложен од еден странец, па затоа гордите Персијци најжестоко му се противставија. Поттикнати од чувството на супериорност, Персијците решија да го натераат Александар на битка на прагот на Азија.

Сепак тие беа доволно свесни дека не треба да го сретнат Александар Македонски на отворено поле, односно сакаа да го избегнат неговиот фронтален напад. На тој начин, тие отидоа на запад до долниот тек на реката Граник, планинска река која се спушта од Ида и се влева во Мраморно Mope и зазедоа позиција на десниот јужен брег.

Таму реката минува низ рамнина, а јужните брегови се издигаат на места стрмно дури и по два-три метра. Co очигледна грешка во тактиката, Персијците ја поставија својата коњица (според Аријан таа броеше 20.000) пред стрмните брегови, од каде не можеше да напаѓа, a пешадијата од античките грчки наемници (исто така 20.000, според истиот автор) ја поставија на извесно растојание зад коњицата.

Кога Александар со своите колони во маршевски строј пристигна од северозапад, го разгледа местото за војување и реши да ја искористи грешката на непријателот и да го изненади со еден брз напад. Внимателниот Парменион му советуваше на Александар Македонски вечерта да се улогорат и да нападнат рано изутрина, но Александар го отфрли советот и им нареди на своите единици кои беа искусни во маневрирањето да формираат борбена линија.

Првпат Александар Македонски тука го примени „кос борбениот строј”, што неговиот татко го позајми и го разви според идејата на Епаминонда. Ја подели својата војска во офанзивно крило десно командувано од него лично и дефанзивно крило на левата страна, чија команда му ја довери на Парменион.

Во наредните две големи битки на Ис и Гавгамела ја употреби истата тактика, меѓутоа во секоја од овие три битки ги покажа особеностите кои одговараа на локалните услови, бидејќи Александар не признаваше шаблони во војувањето.

Основната цел на сите три битки беше, со непопустлив напад на античката македонска коњица на десната страна да го пробие левото крило на непријателот. Потоа, завртувајќи налево да ја обиколи непријателската линија, додека полковите на фалангата, кои беа сместени во центарот, а заштитени со коњица од левата страна, требаше да се судри со непријателот и да го поврзе него со помош на коњицата.

Посебна карактеристика на битката на Граник беше таа што Александар Македонски не го нападна крајното лево крило на непријателот, каде што беше Мемнон и каде што, во очекување на Александар Македонски, Персијците ги поставија своите борбени линии во многу густ строј. Александар Македонски ги построи лесните единици од пешаци и ескадронот на тешка коњица да нападнат и да го задржат непријателот, додека тој на чело на своите кралски следбеници бараше место за напад понапред и лево од центарот.

Co звуци на труба и бојни извици, луѓето на Александар Македонски јуришнаа кон реката, која беше надојдена, бидејќи беше мај. На другата страна од стрмниот брег, силната коњица беше ангажирана на широк фронт.

Понатаму кон лево неговите други единици постепено го освојуваа спротивниот брег и така започна борбата. Битката беснееше најмногу околу Александар Македонски кој се бореше со неколку персиски дворјани, меѓу кои беше и Митридат, зетот на Дариj, кому му зададе смртен убод.

Додека сé уште се бореше со Роесак, Александар Македонски беше во најголема опасност кога Спитридат, намесникот на Лидија и Ијонија, се приближи кон него одназад со крената крива сабја и тргна да го убие. Животот му госпаси Клит, синот на Дропид, командантот на кралскиот полк, кој го прекина налетот на војската на Спитридат, или како што вели Плутарх, Клит го прегази непријателот.

Страшна е помислата колку поинаков ќе беше текот на светската историја ако Клит не го употребеше мечот во критичниот момент, а ако Александар загинеше на прагот од својата слава. Меѓутоа, грешат оние што сакаат да го лишат Александар Македонски од титулата еден од најголемите генерали на светот, бидејќи и овојпат, а и подоцна, тој храбро се вклучуваше во вистинските борби.

Во „косиот борбен строј” местото на командантот беше на чело на офанзивното крило. Решавачка измена на нападот спрема центарот можеше да се случи во текот на битката, Во тоа време немаше резервна војска која во модерната стратегија го принудува генералот да остане зад борбената линија, со цел да ја уфрли во вистински момент.

Кога Александар Македонски победоносно ја проби борбената линија со своите кралски следбеници и тргнувајќи лево напаѓаше кон центарот, персиската коњица почна да бега. По преминувањето на реката, Парменион успешно го одби непријателскиот напад во кој тесалискиот коњ ја реши битката. Поразот на левата страна ги принуди персиските воени единици да отстапат и бегањето да им стане главна цел.

 

Продолжува

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “ПРИМЕНА НА „КОСИОТ БОРБЕН СТРОЈ“ НА ГРАНИК – ПРВАТА БИТКА СО ДАРИЈ (10)  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *