СОСТОЈБАТА ВО АТЛЕТИКАТА КУЛМИНИРА

Состојбата во која се наоѓа македонската атлетика е пред кулминација. Се поголемо е незадоволството на клубовите и атлетичарите од работата на атлетската федерација и нејзиниот претседател Крсте Серафимовски.

Прво, репрезентативецот Александар Кираџиски одби да настапи на Балканското првенство во маратон, па потоа најдобриот младинец Дарио Ивановски покажа одредено незадоволство, за да на крајот и Иницијативниот одбор за промени во Атлетската Федерација со соопштение го осуди самоволието на претседателот Серафимовски.

-Иницијатвниот одбор кој го сочинуваат повеќе од една третина од активните клубови и кои произведуваат врвни атлетичари, ги повикува медиумите да ги погледнат големиот број законски и статутарни прекршоци кои ги направи ова раководство на АФМ- се вели во соопштението.

Одбивањето пак за одржување на вонредно изборно собрание раководството на АФМ го образложува со тоа што наместо 13, потпишани се десет клубови кои не сочинуваат една третина која ја бара законот.

Во една таква констелација на односи, Иницијативниот одбор ја прозива и Агенцијата за млади и спорт, која треба да пресече но тоа не го прави.

Прашањето кое во сево ова се поставува е, каде беа луѓето од Иницијативниот одбор ова да го направат пред неколку години, кога во атлетиката воопшто немаше пари. Сега, кога директорот на АМС, Дарко Каевски почна да дели пари и во овој спорт, одеднаш се појавија душегрижници, кои наводно ги интересира доброто на македонската атлетика.

SHARE