Кој е фолклористот Георги (ЏОРЏ) Томов?

Уметничкиот директор и кореограф на ансамблот “Томов” – Георги (Џорџ) Томов е роден во Струмица на 18 март 1933 година, а почина на 5 август 2008 година. Во Скопје завршил средно техничко училиште – шумарски смер. Во 1955 година станува член на Државниот ансамбл за народни песни и игри “Танец” од Скопје, како играч и пејач и активен бил до 1962 година. Во тој период “Танец” добива Златна плакета во Ланголен и важи за еден од најдобрите ансамбли, така што Томов ја користи можноста да оди на многу гостувања 

Во 1960 година Георги Томов се запишува на Вишата педагошка академија во Скопје – Отсек вајарство, поради изразената дарба за ликовни уметности, и успешно ги поминува студиите. Во март 1963 година оди во Париз и работи и студира вајарство кај познатиот професор Родригез. Но, земјотресот во Скопје во јули 1963 година  му го прекинува престојот таму поради потребата од помош и сместување на семејството во Скопје.

Од септември 1963 година продолжува да работи во Белград, во Управата за градско зеленило, а од мај 1964 година одлужува да ја прифати понудата на Хрватскиот ансамбл за народни песни и игри “Ладо” и остварува многу гостувања низ сите европски земји и во САД и Канада.

Во периодот на членувањето во “Танец” и “Ладо” имал убави можности да запознае многу лижности од највисоките државни, културни и уметнички кругови и остварува многу трајни пријателства и соработки поради неговите лични – карактерни и професионални квалитети.

Во 1967, за време на гостувањето на “Ладо” во САД, Георги Томов одлучува да остане во Њујорк поради познанството и професионалните контакти со еден од најдобрите њујоршки менаџери за класична музика Алберт Кеј и финансиската помош која му ја понудува неговиот стар пријател Луис Симончич.

1cikcak12Томов со играорците на „Гоце Делчев“ од Њу Џерси

Се вработува кај Алберт Кеј како негов секретар, а потоа и соработник. Тој му помага да направи кариера во областа на фолклорот на американско тло, уште повеќе што ја запознава Македонија преку се’ она што му претставува за неа младиот Македонец.

Во исто време работи и кај еден познат вајар и од тогаш почнува неговата богата фолклорна, вајарска и општествена дејност за запознавање на американската јавност со македонската култура и фолклор и пошироко југословенскиот и балканскиот фолклор.

Уште во 1968 година соработувал и со Фолклорниот институт во Скопје и стручно се подготвувал да оформи свој ансамбл за народни песни и игри како единствена група за балкански фолклор во Њујорк и цела Источна Америка. Званично во 1974 година под името “Томов”, започнал со комплетна негова кореографија и оригинални народни носии.

Георги Томов, кого во САД го викаа Џорџ Томов беше уметнички директор, кореограф и главен инструктор на ансамблот кој беше специфичен и единствен како негова идеја:  националниот состав беше од чисти (родени) Американци кои никогаш пред тоа немале допирни точки со Македонија, а освен тоа сите биле интелектуалци (многу од нив и со професорски и докторски титули) и студенти кои полека, но сигурно се вљубуваат во Македонија и Балканот.

Веднаш потоа во 1975 година под покровителство на Ал Кеј Асоцијацијата ја основал Здружената фолклорна фондација и беше нејзин претседател. Во неа ги вклучувал сите фолклорни друштва од словенските етнички групи и оваа културна институција влегува во склопот на “Културните активности на САД”. Таа била беспрофитна и буџетирана од државата.

Во исто време Георги (Џорџ) Томов станува коорганизатор и активен уметнички раководител на ансамблот “Гоце Делчев” при Македонската православна црква “Св. Кирил и Методиј” од Пасаик – Њу Џерси. Исто така, станува коорганизатор на “Советот на словенското културно наследство во Америка”, Здружение каде бил претставник на Македонците и постојан член на Управниот одбор на уметничките директори.

Од 1969 година предавал македонски и општојугословенски фолклор во поголем број универзитети и колеџи во САД и Канада (повеќе од 80). А од 1975 до 1982 година отвора и води меѓународна школа за фолклор. Од 1984 година бил  постојан предавач на македонски фолклор во Експерименталната програма на школскиот систем во државата Њујорк каде биле вклучени деца од прво до осмо одделение. Во 1975 година го отворил своето Фолклорно студио на Петтата авенија во Њујорк, за уште поголемо популаризирање на македонскиот фолклор.

1cikcak13На демонстрации во САД 

Ансамблот “Томов” во своето 25-годишно постоење имаше постигнато огромни резултати околу ширењето на македонската култура. Секоја година имаше одржувано од 6 до 14 концерти во најпознатите светски Сали: Карнеги хол и Линколн центарот во Њујорк, во Бостон, Вашингтон, Чикаго и многу други поголеми и помали градови во САД и Канада; настапувал на повеќе телевизиски станици во САД; учествувал на свеченото отворање и затворање на Зимските олимписки игри во Лејк Плесид 1984 и на специјалистичкиот концерт за свечено отворање на Елис Исланд 1990; има учествувано на многу фолкфестивали во Америка.

Најпознатите весници: “Њујорк тајмс”, “Денс магазин”, “Дејли њуз”,  “Ривердејл прес”, “Денс ривју”, “Балерт њуз”, “Д’тајмс хералд”, “Артс” и други без исклучок уште од 1974 година давале највисоки оценки за кореографијата, беспрекорната техника на изведување и одушевувањето кое го предизвикувал ансамблот со сите изворни ора и песни од Македонија, а посебно со “Невестинското”, “Калајџиското” и др.

Во Македонија ансамблот гостувал на сите фолклорни фестивали и пошироко на бившите југословенски простори и тоа: 1974, 1975 и 1983 на Балканскиот фестивал во Охрид; 1976, 1977 и 1979 на Илинденските денови во Битола;1975 и 1976 на Смотра фолколора во Загреб: 1975 на дубровничките летини игри; 1981 и 1989 на Скопското лето во Скопје и 1991 на семинарот за фолклор во Струга.

Неговата активност била проследена и во македонските јавни медиуми: “Нова Македонија”; “Вечер” и “Македонија” (за иселениците); и повеќе интервјуа на Георги Томов на македонското радио.

Георги (Џорџ) Томов работел на кореографија и за други ансамбли и театарски претстави: За ансамблот “Живели” од Колумбос, Охајо; за ансамблот “Свадба” од Питсбург:  Негова е кореографијата на балетот за оперетата “Царојевичи” од Франц Лехар во Линколн центарот во Њујорк за “Виенската оперетска компанија од Америка”. Учестувал во кореографијата за завршните свечености за прославата на стогодишнината на Америка. Во 1995, во Австралија дава стручна помош на иселеничките фолклорни друштва во Сиднеј, Мелбурн, Перт … 

Исто така, иселеникот Георги (Џорџ) Томов уште во 1968, 1969 и 1970 година изработувал скулптури во Њујорк – портрети и фолклорни мотиви, лиени во бронза, од кои една му била искористена како заштитен знак и имал свои дела кај многу колекционери во САД; имал два коња поставени пред Зоолошката градина во Њујорк; просветители пред македонски цркви и др.

За одржување и истакнување на македонскиот национален дух во иселеништвото Георги Томов се зафаќа со основање на повеќе друштва: во 1968 – 1969 во Њујорк беше еден од организаторите на “Македонското друштво”; коорганизатор и прв претседател беше на “Движењето за македонски човечки права” од 1987 до 1994 година за државите Њујорк и Њу Џерси и цела Североисточна Америка.

Активно учествувал во сите доброволни акции за национално потврдување и признавање организирани во црковните општини во Пасаик, Њу Џерси и Њујорк, учествувал на протестни митинзи, а испратил бројни телеграми за признавање на независна Македонија до претседателот Буш и Џејмс Бејкер, а беше и делегат на Првиот светски македонски конгрес што се одржа во Скопје во 1992 година. 

Како член на “Емигрантската културна организација на Обединетите нации” во Њујорк уште од 1985 година, прави стална поставка на “Македонска соба” во Музејот на Обединетите нации со свои оригинални македонски носии, накит и предмети за домаќинството, а во 1991 година го вклучува ансамблот “Гоце Делчев” од Њу Џерси за прв пат како претставник на Македонија како посебна нација на Етничката парада која традиционално се одржува на Шестата авенија во Њујорк.

Георги Томов со години објавувал повеќе описи на македонски народни ора во фолклорните списанија во САД. Така, во 1973 година во списанието “Вилтис” (надеж) објавува опширна репортажа за Македонија за културното наследство, природните убавини и фолклорот, на 25 страници, што предизвикал голем интерес кај читателите.

Во текот на неговата долга општествена дејност, Томов бил добитник на бројни признанија и награди. Во Второто издание на Маркисовиот “Кој е Кој во Америка” во делот Кој е кој во изведувачката дејност е вклучено и името на Георги Томов – (Џорџ Томов) како личност од посебно значење за развојот на современиот фолклорен растеж.

Продолжува

1slave 3Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *