Д-Р ИЦО НАЈДОВСКИ – ПЕРИН – ХРОНИЧАР НА МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО   

Д-р Ицо Најдовски-Перин, е роден на на 12 aавгуст 1959 година во селото Оптичари, Битолско. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Битола. Тој во Битола го продолжува своето високо образование  на Техничкиот факултет,но по двете студиски години во 1985 година ја напушта својата земја и заминува  за Мелбурн каде што и се задомува. Во главниот град на државата Викторија  се запишува на  Викторија универзитетот, на отсекот Историја и мултикултура, каде се здобива со дипломи  од две насоки и тоа Историја и мултикултура и Педагогија.

Во 1997 година магистрира на тема: “Оспорен идентитет: Македонците во современа Австралија”. Покрај магистерскиот труд, подолг период Ицо Најдовски се занимава со  научно истражувачка дејност. Така, има истражувано во Викторија универзитетот неколку години и е автор на следните научни трудови: “Одржување на Македонскиот јазик и македонската младина”, и на “Сопредба на три етнички групи: Македонците, Либанците и Холанѓаните”, како и на трудот “Првата Македонска генерација: Интеграција или асимилација”, “Македонците во Викторија” и други.

На Ицо Најдовски – Перин, Австралија (Tera Australis incognita – Непознатата земја од Југот)   е земјата на неговиот животен пристан. Таа е една од најразвиените ин­дус­триски и економски сили и има значајна улога во светот. Австралиската нација, која на картата на светот постои околу 250 години, а која е составена од ­ 235 народи и  етнички групи, претставува пример за многу на­роди и земји. Етничките групи со своето заедничко жи­веење го градат познатиот австралиски мул­ти­на­ционален мозаик на културите на народите   кои  век векуваат на тие  јужнопацифички простори.

Ицо Најдовски е позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Од своето  заминување на петтиот континент, до денес, тој е непрестајно и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Тој е Македонец по националност и православен христијанин по вера. Ицо Најдовски со своите дела и како уредник и водител на македонската радиопрограма “Трипати Зет”, е еден од најголемите иницијатори и организатори на одбраната на македонското име, нација  и етничка Македонија.

Тој е  еден од најголемите, упорни  и истрајни бранители и афирматори на историјата и честа на македонскиот народ и Македонија во светот, посебно во Австралија. Во овие мигови на распетие на Македонија, кога Република Македонија е меѓународно призната, иако не од сите  под нејзиното уставно име, тој директно учествува во низа активности и ги изложува своите погледи за можностите за македонски економски, културен и верски препород, како и за натамошен демократски развој како суверена самостојна и независна држава на овие балкански ветрометини.

Во неговата образовна дејност треба да се истакне дека д-р Ицо Најдовски бил предавач на македонски и англиски во повеќе средни училишта во Мелбурн, меѓу кои се, Гимназијата Вилијамс Таун и Гимназијата во Фуцкрај, како и во Австралиско – англискиот центар за јазици, во Килор Даунс секендери колеџот, кој е дел од Викториското училиште за јазици итн. На  оваа благородна задача и посветил дваесет години.

Тој е исто така и новинар, публицист радио уредник и доста активен во македонската заедница во Мелбурн и пошироко.  Над триесет години е директно вклучен во македонското движење, од времето кога  првпат влегува во управата на македонскиот духовен храм “Свети Пророк  Илија“ во Фуцкрај.  Еден е  од основоположниците  на Советот на македонската заедница  во Мелбурн 1990 година и негов долгогодишен секретар.

Тој пишува за повеќе македонски дневни весници и списанија- “Нова Македонија“ списанието “Македонија“ и други, а се јавувал или се јавува на повеќе радија  и телевизии како што се Македонската радио телевизија, Канал 5, Сител, Алфа, “Македонско сонце“ и тн. Водител и уредник  е на Македонската радио програма „Трипати Зет“  повеќе од дваесет години, со која е присутен не само во Австралија, туку и во Македонија, од каде му е потеклото и дедовскиот праг.

Тоа е неговото родно место Оптичари, село кое се наоѓа во јужниот дел на плодното Битолското Поле, на територијата на Општина Битола. Селото е рамничарско, на надморска височина од околу 600 метри. Од градот Битола е оддалечено 12 км. До селото има асфалтиран пат. Изграден е водовод за снабдување на населението со чиста и здрава вода за пиење.

Првиот пишан текст за Оптичари датира од периодот меѓу 1650 и 1750 година. Во 1912 година селото имало четириесетина македонски домаќинства, од кои половината биле чифчии, а половината рајати. Меѓутоа, по 1912 година, земјата била разделена на жителите по основа на аграрната реформа.

Инаку, во селото има две цркви и тоа црквата Црква „Св. Архангел Михаил“, како главната селска црква и црквата  „Вознесение Христово“; а го има и археолошкиот локалитет „Тумба“ – населба од неолитско време. Тоа е  доста  познато  и во Австралија. Имено, од тоа македонско место потекнуваат Благоја Нешковски (Бил Нешковски) (1964 – 1989), австралиски режисер и актер, кој остави силни траги во театарската уметност на петтиот континент, особено во Сиднеј, а Ицо Најдовски – австралиски научник и активист на македонската заедница на петтиот континент е голем афирматор на  македонските  вредноси.

Поле на истражување  на д-р Ицо Најдовски Перин,  е и преселничкиот бран сврзан со теророт и распарчување­то на Ма­кедонија, кога во нејзините села и градови газ­­ду­вале српските, бугарски­те, албански и грч­ки­те деспоти и крв­ни­ци, со сите тешки злодела што и‘  ги нанеле на раз­де­ле­­­на Македонија. Тоа што било таму, се пренесло и во  Австралија, та и таму на македонските до­се­­­ле­ни­ци не им се дава мир од ту­ѓи пропаганди, кои не­­пре­с­тајно роварат среде иселеничките етнички заед­­­ни­­ци, особено кај Македонците од Беломорска Македонија.

Во изминатите времиња, непризнати и негирани, без никакви права и без свое национално име, голем број Македон­ци тргнале на долгиот пат, знаејќи дека е неизвесен и тежок и дека ту­­ѓината е пуста јабана. Меѓутоа, гордоста и желбата да се зачува името  и своето  македонско битие е посилно од се‘  и откако ги напуштиле своите родни огништа и се доселиле во демократска Австралија.

Примерот со егејскиот дел од Македонија,  кој е и еден од областите на голема преокупација на д-р Најдовски, е меѓу најцрните и најтаговни што го познава светот и е трагична страница за историја на македонскиот народ и Ма­кедонија

Од друга страна, пак, д-р Најдовски ги истражува и животите и делата на бројни македонските доселеници во Австралија кои постиг­нале видни резултати во областа на културата, обра­зо­ванието, спортот и   со­цијалниот живот воопшто. Нивните резултати на еко­номски, об­ра­зо­вен и  кул­ту­рен план се‘ повеќе придонесуваат тие да не бидат тре­ти­ра­ни како граѓани од втор ред, туку како инте­гра­лен и ва­­жен дел во  но­вата сре­дина во Австралија. Стануваат поз­нати и признати во општеството како  и од     дру­гите ет­нич­ки групи. Голем е бројот на  видни личности  во повеќе области на петтиот континент кои се од маке­дон­ско по­­текло. Станува збор за познати и признати лично­с­ти   во Австралија и пошироко. Вак­ви­от напредок, пред се‘, при­до­не­су­ва за нивната општествена афир­мација и  углед во средините каде што живеат, како кон посебна етничка заедница рам­но­прав­но со дру­­ги­те етнички групации во многунационалното оп­штество на англосаксонскиот свет во Австралија.

Се знае дека на Македонците од егејскиот дел на Македонија не им  бе­ше дозволено да се школуваат на својот мај­чин јазик, а многу мал беше бројот на оние што завршија грчки учи­лиш­та. Затоа, по­го­лемиот број Ма­кедонци од Беломорска Македо­ни­ја и други делови на Македонија дошле во новата средина во Австралија со нис­ко или ни­как­во образовно ниво. Ме­ѓутоа, кај нив се разгоре жел­бата не само да обезбедат основна ег­зис­тенција и да се создадат одредени ма­теријални добра за семејство­то, туку тие посветуваат и големо вни­ма­ние на обра­зо­ванието и личниот про­грес на тие  демократски простори, каде што ги уживаат своите на­ционални и социјални слободи.

Како резултат на тоа, голем број од иселениците, особено го учат англискиот ја­зик со цел подобро да се вклучат во животот на новата средина, а свои­те деца ги испра­ќа­ат да се образуваат во англиски училишта, колеџи и уни­верзитети. Ова е изразено кај последните неколку ге­не­рации, особено кај иселениците од поново време, што услови нови структурни промени и видлив развој на македонските доселенци во демократска Австралија.

Таков е случајот со Ицо Најдовски кој ја збогати историографијата, информирањето, образованието и општественото живеење на Македонците на петтиот континент. Тоа го направи меѓудругото и со неговата публикација „Македонците во Австралија“ (2009). Тоа е дело во коавторство со неговиот син Робер Најдовски, кој чекори по стапките на неговиот татко и секако, тој има и подобри визии, услови и прилики да го надмине својот татко.

Делото „Македонците во Викторија“, најпрво го издаде  Министерството за култура  на Викторија на англиски јазик, а  потоа и Институтот  за национална историја на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во  Скопје, на македонски и на англиски јазик, на околу 500 страници.  Тоа е поделено на седум глави, во кои се презентирани следните теми: Проблемите околу македонскиот идентитет, Животот на Македонците во Австралија и нивната организираност, Организациите на македонската заедница во Викторија, Македонците во одбрана на своите права во Австралија и Ние сме етнички Македонци.

За ова значајно дело кое претставува прилог на македонската книжнина во дијаспората, предговорот е на познатиот д-р Миле Терзиовски, доцент и извршен директор на Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн   а сега  декан во Перт, Западна Австралија.

Ицо Најдовски Перин во 2015 година  докторира на тема “Македонско австралискиот  народен сојуз – Македонците на петтиот континент“ на Институтот за национална историја на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Исто така, д-р Најдовски е добитник на бројни награди и признанија за неговиот придонес и постигнувања на различни полиња од областа на образованието,новинарството и општественото живеење. Носител е  на највисокото државно признание  од кралицата Елизабета Втора кое се доделува на денот на Австралија 26 јануари, на заслужни дејци и активисти.

 

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *