ПОЧИНА ЏЕЈМС (ДИМИТАР) САНДЕРС, ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА „ОБЕДИНЕТИ МАКЕДОНЦИ“ ОД КАНАДА

Џејмс (Џим-Димитар) Сандерс беше првиот претседател на Македонската националната организација “Обединети Македонци” од Торонто, Канада која беше формирана од група Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија. Уште во почетокот Организацијата имаше за цел да формира самостојна национална македонска асоцијација која ќе се бори за зачувување на македонскиот национален идентитет и обединување на  македонските доселеници во Канада.

Така, првиот чекор во организирањето беше направен на пикникот посветен на Илинден во 1958 година. Овој пикник во националниот  живот на Македонците во Торонто и пошироко има посебно значење. Тој претставува прв значаен симбол на иселеничкото единство на Македонците од етничка Макеонија во демократска Канада. Меѓутоа, 28 април 1959 година е запишан со златни букви, бидејќи на тој ден се одржа историската Конференција на која беше прифатен Уставот и беше донесено решение за формирање и регистрирање на Македонската национална организација “Обединети Македонци”.

Со тоа Организацијата “Обединети Македонци” започна со решавање на значајни иселенички прашања на Македонците во Канада. Едни од важните задачи и потреби на македонските доселеници од етничка Македонија беше изградба на македонска православна црква под јуриздикција на Светата православна црква во Македонија, а со цел да ги задоволи верските, духовните, културните и воопшто националните потреби на Македонци од сите делови на Македонија.

Затоа, Организацијата “Обединети Македонци” беше регистрирана како македонска национална културно-просветна непрофитна организација. Тоа овозможи таа да успее да ги обедини Македонците на национално и духовно поле и да развие силна дејност во животот на доселениците од сите делови на Македонија во демократска, како и да ги отстрани влијанијата на туѓите пропаганди.

За сите тие активности на Организација „Обединети Македонци“ од Торонто има големи заслуги Димитар (Џејмс-Џим) Сандерс. Тој беше роден на 12 јули 1923 година во големото македонско село Желево, Леринско, во Егејска Македонија. Во април 1938 година, Димитар емигрирал во Торонто заедно со својата мајка Софија, братот Крис и сестрата Сали, кај татко му Спиро Сандерс. Во Канада го променил името од Димитар во Џејмс, односно Џим.

Уште со доаѓаљето во Торонто, македонскиот дух продолжил да тлее во семејството Сандерс. Неговиот татко Спиро и Џејмс Сандерс биле активни во Желевското друштво во Торонто, а со формирањето на првата Македонска организација „Обединети Македонци“, Џејмс (Димитар) беше избран за прв претседател во  мандатот од 1959 до1966 година, како и едногидишниот мандат од 1974 до 1975 година.

Џејмс Сандерс беше познат како страствен, посветеник и голем приврзаник на Канадско-македонската заедница. Како резултат на тоа, во 2008 година го издаде автобиографското дело, “Времето на мојот живот”, вокое е опишан неговиот живот и дело, како и е даден дел од потресната историја на Македонците од Егејска Македонија и активностите во Македонската заедница во Торонто од 1938 година до денешни дни.

Џејмс Сандерс кој во Торонто беше бизнисмен, добар сопруг на Дороти цели 67 години и со која имаат три деца, ќерките Керол и Софи и синот Пол и осум внучиња и четири правнучиња. Тој беше горд канадски Македонец и еден од големите патриоти и правдољубиви Македонци од егејскиот дел на Македонија, кого судбината го однела во демократска Канада. Џејмс Сандерс, првиот претседател на националната организација „Обединети Македонци“  почина во Торонто на 12 октомври 2021 година на 98 годишна возраст.

За големата љубов кон родната Македонија и за неговото дело во Македонската заедница во Торонто, Џејмс Сандерс е добитник на престижната награда на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) од Вашингтон, САД за животно дело. Наградата се доделува на истакнати личности кои со своите активности имале голем придонес и заслуги за афирмација на македонската вистина и македонската кауза. Управниот одбор на ОМД наградата за 2012 година му ја додели на Џејмс Сандерс како признание за неговото лидерство, филантропија и патриотизам. Пред Џејмс Сандерс добитници на оваа престижна награда биле Џорџ Ѓорѓија Атанасоски, Џон Л.Н. Битов и првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Инаку, Димитар (Џејмс) Сандерс потекнува од патриотското село Желево, од кое Македонците никогаш не го загубило македонскиот дух и белег, иако постојано потпаѓало под туѓо ропство. Неговото населе­ние со векови го пренесувало борбениот дух, приврзаноста и љубовта кон родната земја и дедовските огништа, кои со силна моќ безгранично ги привлекувало тие намачени Македонци кои свиле гнездо насекаде по светот. Благодаре­ние на нивните борбени традиции и дух, населе­нието од овој крај на Егејска Македонија им остана докрај верно на борбените револуционерни и патриотски позиции.

Тој беше роден во 1923 година во Желево едно од најголемите села во Беломорска Македонија, од кое најголемиот брпј жители, а нив, според некои податоци ги има и над пет илјади свиле гнезда во Торонто. Желевци стасале меѓу првите во Канада од кои има голем број познати бизнисмени, интелектуалци, уметници, дипломати и видни граѓани во светот во различни области. Тие се особено познати и признати во метрополата Торонто.

Желево е чисто македонско село, кое  е лоцирано на границата на Леринско-костурската општина, припаѓајќи административно кон Костур. Тоа е едно од најголемите села на тие простори. Желево е сместено во подножјето на планината Бигла и се наоѓа на надморска височина од околу илјада метри. Бидејќи било  македонска населба, поради политички и економски причини, по Илинденското востание и Првата светска војна, а особено по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна, голем број желевци насилно се преселиле и побарале нов дом во прекуокеанските земји, Канада, САД и Австралија, како и во други земји ширум светот.

Според пишаните документи за Македонците во Канада, во почетните години на организиран живот што националната организација „Обединети Македонци” го овековечи на четвртиот Илинденски пикник на 29 јули 1962 година.  се роди иницијативата за формирање на првата Македонска црковна општина „Свети Климент Охридски“ и нејзина изградба во Торонто. Тоа беше израз на силната љубов кон дедовската земја, Македонија, која секој иселеник длабоко ја носи во своето срце. Во тој период, повеќе од осум илјади Македонци од Торонто и од околните места се собраа на Илинденскиот пикникот и ја поддржаа иницијативата за формираље на еден Македонски дом кој ќе биде поврзан со родната слободна Македонија и ќе биде центар за сите Македонци од етничка Македонија кои свиле нови гнезда во демократска Канада.

Со почетоците на првата Македонската православна црквата во Канада. името и делото на татко му на Џејмс, Спиро Сандерс е тесно поврзано  Имено, тој беше избран за прв претседател на црквата  „Свети Климент Охридски”, која денес е стожерот на најголемиот број активности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко. Овој прв македонски храм во Канада и организацијата „Обединети Македонци“ која е во состав на Црквата, за најголем број Македонци претставуваат мотив повеќе за изразување на патриотската љубов и почитта кон родната земја Македонија.

1slave 3Пишува СЛАВЕ КАТИН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *