Д-Р ЖИВКО АНГЕЛУШЕВ – ПОЗНАТ ЛЕКАР ВО ЊУЈОРК, ШПАНСКИ БОРЕЦ И ПОБОРНИК ЗА ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦАТА ВО СКОПЈЕ ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНКИТЕ ВО САД

 

Во пишаните документи за Њујорк се вели дека овој прекрасен велеград со пошироката градска околина им над 16 милиони жители и претставува најголемо пристаниште и најголем стопански центар во светот. Овој велеград се развил на утоката на реката Хадсон и на бреговите на заливот кој го затвора островот Лонг Ајланд.

На почетокот на најважниот дел од Њујорк, на Менхетен од источната страна на реката Хадсон, Холанѓаните во 1625 година подигнале тврдина, а неколку години подоцна за ситници, вредни 24 долари, од Индијанците го откупиле Менхетен. Тој денес е најскапиот дел од оваа голема метропола, каде секоја педа земја се плаќа со баснословни суми пари и злато.

Холанѓаните го нарекле градот Нов Амстердам. Меѓутоа, во 1664 година тој простор го освоиле Англичаните и го нарекле Њујорк. Така, новиот град, во 1789 година станал главен град на САД, кога Џорџ Вашингтон бил прогласен за прв претседател. Во метрополата Њујорк се издвојуваат, пристанишниот, трговскиот, финансискиот, индустрискиот и други делови на градот, а посебно Менхетен со “Волстрит” и “Харлем”. Така Менхетен е најпознатиот и најстариот дел на Њујорк. Таму заедно се наоѓаат најголемите облакодери на светот – вистински вавилонски кули од времето на Александар Македонски.

Денес Њујорк е најголем центар на американската меѓународна трговија. Во него има големи складови за стока, развиени се и сите видови индустрија. Така, 20% од сите американски индустриски претпријатија се концентрирани во Њујорк; во неговите банки се наоѓа најголемиот светски финансиски капитал. Затоа, се вели дека Њујорк е најголемиот банкарски центар, а “Волстрит” е најголемата светска берза.

1del123

Црквата „Св. Пантелејмон“ во Драма

Њујорк е градот на Статуата на слободата, на универзитети, театри, музеи, галерии, значајни издавачки куќи, економски, трговски, научни и други институции. Во Њујорк е седиштето на Обединетите нации (ОН). Тој е градот на филмот, музиката, љубовта, ноќниот живот.

Меѓу жителите на овој велеград најмногу има Ирци, Италијанци, Евреи, Германци, Руси, Полјаци, Кинези и припадници на други народи. Денес во Њујорк живеат околу 200 нации, а и весниците и порталите се печатат на 200 јазици. Бројот на припадниците на некои народи е многу голем. Така, во Њујорк живеат повеќе Ирци отколку во главниот град на Ирска – Даблин. Италијанци има повеќе отколку во Рим, а има и околу 500.000 Афро-Американци и, се разбира неколку стотици Македонци од сите делови на Македонија.

Еден од тие Македонци беше Живко Ангелушев, лекар оториноларинголог од македонско потекло кој го одбра Њујорк за вечно за живеење и вечно почивалиште. Инаку,. Живко Димитров Ангелушев е Американец кој е роден на 15 јануари 1897 г. во Маглиж, регионот на Стара Загора, Бугарија, во македонско семејство со потекло од драмското село Плевна, Егејска македонија. Тој е брат на уметникот Борис Ангелушев, основоположник на дизајнот на книгата во Бугарија.  Живко учел само еден месец на Семинаријата во Едрене, а во младите години емигрирал во САД. Д-р Живко Ангелушев починал на 17 јули 1979 година во Њујорк, каде му се наоѓа неговиот вечен дом.

Живко Ангелушев се населил во метрополата Њујорк и таму специјализирал оториноларингологија, болести на уво, нос и грло. Тој бил научно заинтересиран за влијанието на зголемувањето на бучавата и вибрациите како резултат на урбанизацијата и технологијата во 20 век, кои го загрозуваат здравјето на луѓето. Се занимавал со истражувања за причините за губењето на слухот и објавил повеќе научни и стручни трудови.

Меѓу другото, неговото истражување во Копенхаген ќе ја принуди управата да ги намали децибелите во градот. Тој исто така открил дека пробивањето на звучниот ѕид од суперсонични авиони со низок лет може да убие куче. Високите децибели предизвикуваат неповратни промени во клеточната структура на слушниот канал. Погодена е и хипофизата, која има одговорни функции во нервниот систем на човекот. Тој го претстави ова актуелно прашање пред тогашниот генерален секретар на ООН Ву Тан и претседателот на американскиот сенат В. Фулбрајт. Резултатите од истражувањето исто така се земени во предвид од НАСА и се вклучени како фактор во астромедицината.

Заради своите високи научни постигнувања д-р Живко Ангелушев станал член на Њујоршката академија на науките, на Светската организација за звук, на Американскиот институт за физика и Меѓународниот центар за борба против бучавата и вибрациите. Тој ги објави книгите „Борба против глувоста“ и „Вибрациона енергија и биохемија на аудитивниот нерв“.

1del124

 

Во неговите биографски податоци е забележано дека Живко Ангелушев учествувал во Првата светска војна и за време на борбите бил ранет. Тој бил на чело на специјалното одделение на VIII Трновска дивизија, која имала за цел да ја утврди точната локација на непријателските батерии со акустичните карактеристики на проектилите што ги истрелуваа. Тоа изгледа влијаше во неговата одлука за неговото понатамошно образование.

По завршувањето на војната Живко прво студирал биологија и физика на Универзитетот во Софија, а потоа во 1920 година студирал медицина во Германија. Во 1925 г. дипломирал и станал хирург во една од областите на Берлин – Нојкелн. Помеѓу 1926/1932 г. тој бил на чело на одделение во тамошната болница. Меѓутоа, тој бил симпатизер на тогашните „прогресивни“ комунистички идеи и во 1933 г. се нашол под лупа на националсоцијалистите. Следејќи ја трагата за настаните во Рајстагот тој бил уапсен и малтретиран. Поради недостаток на докази, тој бил ослободен и се префрлил во париската болница. Под влијание на неговите лични искуства, тој ја напишал книгата „Расно лудило“.

Во 1937 г., поради своите верувања, д-р Ангелушев им се придружил на доброволците за одбрана на Шпанската Република, од САД каде во меѓувреме емигрирал и помогнал да се воспостави воена болница во Мурсија. Тој бил директор на болницата на Шпанската републиканска влада. По војната, прво се вратил во Париз, каде продолжил да се грижи за евакуираните ранети интернационални борци, а потоа пред почетокот на Втората светска војна, пред да се блокираат поморските патишта заминал во САД. Напишал книга за Шпанија, „Ein Artz erlebt Spanien“ (Искуството на еден доктор во Шпанија), објавена во Детроит во 1939 година.

Како виден американски лекар и општественик од македонско потекло, активно ја помагал НОВЈ и бил еден од основачите и потпретседател на Друштвото на пријателите на Нова Југославија во Њујорк. На иселеничката конференција во Кливленд во февруари 1946 г., како човек кој никогаш не го заборавил своето македонско потекло, иако израснал во Бугарија, едногласно бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за изградбата и екипирањето на болницата во Скопје. Ја посетил Македонија во 1957 г., а по Скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 г., ја запознавал американската јавност со последиците од катастрофата и учествувал во испраќањето помош од САД.

1del125

Њујорк

Д-р Живко Ангелушев уживал висок авторитет меѓу Македонците во САД. Така, во февруари 1946 година, на еден свечен банкет во Њујорк, Болничкиот иницијативен комитет на Македонците од САД, во неговата голема желба да помогне на својот народ и на новата македонска држава, покренал иницијатива за изградба на болница во Скопје. Потоа во летото 1946 година се одржала конференција од претставници на македонските организации од САД и Канада, како и делегати од повеќе македонски друштва, селски и црковно-спомагателни братства.

Бил избран Национален комитет за изградба и екипирање на една модерна болница во главниот град на тогашна Народна Република Македонија, во Скопје. Со средствата на македонските доселеници од САД, Канада и Австралија бил изграден и опремен болничкиот комплекс во рамките на Државната болница во Скопје и на 8 јули 1958 година бил свечено пуштен во употреба.

Дека д-р Живко Ангелушев уживал висок авторитет и доверба меѓу Македонците во САД, најдобро зборува постапката на македонскиот иселеник Антон Димитров од Гевгелија, кој го назначува за извршител на неговиот тестамент. Инаку, за добротворот Антон Димитров, истражувал  прв пишувал авторот на овие редови Славе Катин.

Иселеникот Антон Димитров во својот Тестамент, меѓу другото се вели дека наследството мора да се користи само за образовни цели, како што е изградба и подобрување на училишта и библиотеки. И, понатаму пишува: „Давателот на Тестаментот.им одобрува, односно им наредува, на извршителите Д-р Живко Ангелушев, познат македонски иселеник кој уживаше висок авторитет меѓу Македонците во САД и кој беше еден од организаторите и претседател на Одборот за изградба на болница во Скопје, и на  господинот Борис Панов и дека од нив не се бара да дадат никаква гаранција или друго покритие за пожртвуваното извршување на нивните должности, било тоа да е од државата Њујорк или од друго место, да ги платат неговите долгови и погребните трошоци што е можно поскоро.

Останатиот негов неподвижен, личен и мешовит имот што го стекнал и поседува или има право на него, или му е доделен со тестамент, вклучително и секоја непозната оставина, ја дава, ја завештува и ја остава во наследство на градот Гевгелија, а им дава инструкции на своите извршители ова наследство да го предадат на главното Извршно тело на градот Гевгелија“.

Тестаментот за кој беше задолжен  д-р Живко Ангелушев целосно се реализира по смртта на донаторот Антон Димитров. 

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *