ЦРКОВНО – ДУХОВНИОТ ЖИВОТ НА ЕТНИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НА ПЕТТИОТ КОНТИНЕНТ

Кога се пишува за Македонците во Австралија, тие отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои  ги реализирале своите замислени цели. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои македонски православни цркви. Затоа, во периодот од нивното доаѓање во Австралија до конституирањето на македонската држава, Македонците биле предмет на бугарската, грчката или српската пропаганда. Свои пропаганди и влијанија врз македонските доселеници вршела и Католичката, Англиканската и некои  протестантски цркви.

Во периодот меѓу двете светски војни, кога Македонската православна црква (МПЦ) не беше конституирана како институција, македонските доселеници во дијаспората, особено во САД и Канада, а и во Австралија, не само што учествувале во организирањето и во изградбата, туку и  ги поддржале, ги финансирале и црквувале, главно, во т.н. македонско-бугарски православни храмови и други цркви. Овие цркви биле поттикнати, изградени и контролирани од МПО (Македонска патриотска организација).

Исто така, пред конституирањето на МПЦ во лицето на Охридската архиепископија, голем број македонски доселеници помогнале материјално и духовно во изградбите и опстојувањето, како и црквувале во српски, грчки, руски, украински, романски и други православни цркви Таков е случајот со Бугарско-македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј” во Мелбурн.

Меѓутоа, конституирањето на Република Македонија и прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија, се настани од фундаментално значење и за иселениците во Австралија. Со тоа се отвори процес на создавање автентични македонски организации, македонски православни цркви и црковни општини, културно-уметнички, литературни, забавни, спортски друштва и друг вид асоцијации. Сите тие претставуваат најзначајни и најголеми собиралишта на македонските доселеници од етничка Македонија во демократска Австралија

Македонските православни црковни општини во Австралија се конституирани врз законска основа и се организирани како религиозни, национални, социјални, хуманитарни и културно-просветни институции. За реализирање на своите активности, црковните општини пред сѐ, имаат добиено широка поддршка од австралиската влада и од мајката-Светиклиментовата црква. Со формирање на црковните општини во Австрлија, во голема мера се придонесе да се подигне на повисоко рамниште и во извесна смисла да се определи националниот идентитет на Македонците од сите делови на Македонија. Македонските доселеници во Австралија, без разлика од кој дел на Македонија, и со какви патни исправи се дојдени во новите средини.

Преку МПЦ, преку членување во тие духовни домови, добиваат документи што сведочат дека се Македонци, а со тоа стекнуваат право да избираат и да бидат избрани во црковно-општинските тела. Така, тие добиваат крштеници, венчаници, смртовници, и други документи кои се законски пред тамошната  администрација.

Со поголемиот прилив на емигрантите во Австралија, во последните педесетина години, се зголеми православното население, чиј број е за неколку стотици илјади поголем во споредба од пред Втората светска војна. Затоа има мешање на православните со луѓе од другите религии. Сето тоа доведува до брзи промени во општеството каде што припаѓаат и македонските православни верници. МПЦ, како и другите православни цркви што дејствуваат во Австралија, има своја Епархија што е значајно духовно и културно просветно тело.

Таа ги штити, ги организира и ги афирмира сите македонски црковно-патриотски интереси и потреби, овозможувајќи им на македонските доселеници од сите делови на Македонија да ја чувствуваат националната и црковната слобода. Епархијата обезбедува услови за сѐ поголема афирмација на целокупното културно наследство и современиот напредок на македонскиот народ. Тоа е потврдено и од австралиската влада, која Македонците ги смета за одделен народ со свој национален идентитет и со заслуги за културниот развој и претставува жив мост за пријателските односи меѓу Македонија и Австралија.

Според делото на авторот на овие редови „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД”, „Нова Македонија” 1991 година, Австралиско-македонската црковна епархија е формирана со одлука на Светиот архиерејски синод на МПЦ со цел да ги продлабочи врските и да ја јакне љубовта меѓу македонсктие доселеници во Австралија со Татковината и со Црквата. Во почетокот беше заедничка за САД, Канада и Австралија, како Американско-канадска – австралиска црковна епархија, кога во 1969 година, за прв архиереј на заедничката епархија беше избран митрополитот г. Кирил. Од есента 1981 година, за архиереј на австралиската епархија е избран митрополитот г. Тимотеј, во која меѓу другите, потпретседатели биле познатите иселеници: Васил Мојанов, Ристо Алтин, Коста Радин, Ванчо Неделковски и други. Од 1995 година, надлежен архиереј за Австралиската епархија беше избран митрополитот Петар, (денес, и за жал или за среќа во Австралија има две епархии: Австралиско-новозеландска и Сиднејско- австралиска епархија).

Седиштето на Австралиската епархија се наоѓа во Мелбурн во државата Викторија, каде што постојано има архиерејски заменик. Меѓу нив биле тогашниот повардарски митрополит Михаил, кој потоа беше поглавар на МПЦ-ОА; а потоа свештениците Методија Лазаревски и Ѓорѓија Кацарски, Раде Атанасовски, Спасе Стефановски, и многу други, кои заедно со членовите на црковните општини играат огромна улога во афирмирањето на црквата и нацијата.

Инаку, Австралиско-македонската црковна епархија, треба да одржува епархиски собранија секоја втора година. Првото епархиско собрание се одржа во 1971 година. Епархиските собранија ги сочинуваат претседателите на црковните општини заедно со свештениците, потоа се избира епархиски управен одбор, како и други одбори и комисии кои ја кординираат работата на епархијата. Австралиската епархија ја сочинуваат сите црковни општини, цркви и манастири преку кои Македонците излегоа од тесните рамки на дејствување и се афирмирани како етничка група со богат општествено-црковен живот.

Тие не се повеќе онаа  маса на луѓе без национален идентитет од кој под притисок или од заблуда, или од нечиј интерес, и во Австралија од Македонците правеа „Грци”, „Бугари” или „Срби”. Напротив, денес Македонците во Австралија, а и пред светската јавност, ја истакнуваат својата македонска припадност.

Авторот на овие редови, Славе Катин е Македонец, поклоник и чувар на светата Македонска православна црква-Охридска архиепископија, познавач на црковното живеење на Македонците во САД, Канада, Австралија, Европската Унија, во Македонија и во други земји во светот, тој беше прв и скромен непартиски фукционер кој беше на чело на Комисијата за односи со верските заедници во Република Македонија, од почетокот на создавањето како суверена и независна држава во период од осум години и денес ги следи и пишува за Македонците во дијаспората. Затоа верува дека читателите позитивно ќе ја разберат непристрасноста во наредните текстови, кој се однесуваат за животот и делото на бројни видни Македонци по потекло од сите делови на Македонија, кои дале значаен придонес во целокупното живеење на сите Македонци во демократска и мултикултурна Австралија

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *