ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ ОД ДОЛНА ПРЕСПА

ИСПОВЕД НА БРАНКО РИСТОВСКИ (ГРЕЖЛОВСКИ) ОД ДЕТРОИТ ЗА ДЕДО МУ ЕФТИМ ЈУНАКОТ ОД ЉУБОЈНО

Бранко Ристовски (Грежловски) од Љубојно, Преспа кој долги години живее во Детроит и Флорида во Соединетите Американски Држави, во исповедта во скромното издание за дедо му Ефтим Ристов Гржлов, чиј уредник и издавач е неговиот  братучет Славе Катин (Грежловски), го напиша следнoто:

Слична, или идентична печалбарска судбина на дедо Алексо имаа и дедовците Ефтим, Петре и Крстин, кои оделе на печалба и се враќале во родната земја. На крајот од животот, сите браќа својот вечен мир го нашле во Македонија, скоро еден до друг на гробиштата во Љубојно. Судбина слична како на многумина од Љубојно кои многу време живееле во други земји, а на крајот се вратиле во родното место, судбина слична како на голем број Македонци – печалбари.

Во продолжение Бранко го завележа и ова: Сеќавањата за нашето пошироко семејство што ги пренесувам во оваа скромно дело за дедо ми Ефтим, се’ уште ми се  свежи. Меѓутоа, најсвежи ми се раскажувањата на мојата баба Митра (Ефтимца), како и раскажувањата на дедовците Алексо, Крстин и Петре. Тие беа добри раскажувачи и живо се сеќавам за она што го кажуваа за дедо ми Ефтим, за времето поминато заедно со него и за голем број самостојни или заеднички случки или настани во заедничкиот живот со дедо Ефтим.

Така, баба ми Митра еден ден ми раскажуваше за една семејна случка. Имено, еден ден неколку мина од фамилијата Грежловци работале во нивите на местото викано  „Леска“. Нивите зафаќаа големо пространство и се наоѓаа над муслиманските гробишта од селото Наколец. А тоа село од секогаш живеело христијанско и муслиманско население. Таму, во атарот на селото Наколец скоро сите ниви требало да ги наводнуваат со вода од Стара Река, а водата по браздите поминувала преку месноста „Леска“.

И кога требало да вадат не се осмелувале да им ја вратат водата на Ефтим и Петре Грежловци, кога тие ваделе. Луѓето од Љубојно со почит и страв велеле дека не треба да ја враќаат водата, бидејќи во тоа време Ефтим и Петре наводнуваат  со вода од Стара Река Исто така и селаните  од Наколец кога сакале да ја вратат водата, а кога ќе слушнеле дека Ефтим и Петре вадат, не се осмелувале да го направат тоа.

Во мојата исповед има уште една случка поврзана со дедо ми Ефтим. Како што кажуваше баба  Митра, еден ден поголем број од фамилијата работеле на нивите во месноста „Леска“. Како што било обичај некој да оди да донеси јадење, редот им бил на дедо Ефтим и брат му Крстин, тие отишле дома да донесат ручек.

1isov12

Центарот (Полената) во Љубојно

Кога се враќале од дома за на поле, дедо Ефтим застанал на сред село во Љубојно, на Полена, како популарно се вика  центарот. Купил две лубеници од некои продавач што  продавал на сред село, а потоа му ги дал на брат му Крстин да ги носи. За жал дедо Крстин бил, како што реков, малку терсене па не сакал двете лубеници само тој да ги носи и, во лутината без контрола, го окарал дедо ми Ефтим во мајка му, која била исто така  и негова мајка, на што тој многу се налутил и бил длабоко повреден од лошиот однос на неговиот роден брат Крстин.

Во лутината, поради лошиот и невоспитан однос на дедо Крстин, дедо Ефтим го фатил за врат и почнал да го тепа. Неговата лутина достигнала кулминација кога стасале на нивата. Таму, седнале да ручаат; татко му Ристо, дедо Ефтим  и дедовците Петре, Алексо, Крстин, како и жените кои биле на нива. Во тоа време, дедо Ристо му го имал предадено раководството во семејството на дедо Ефтим кој бил најстар од браќата, но заедничкиот живот и понатаму си продолжил.

Така, на ручекот биле сите заедно, а потоа дедо Ефтим исекол лубеница и на сите им дал по едно парче,  а само на брат му Крстина не му дал. Тогаш татко му Ристо го прашал зошто на брат му Киљо (како нагалено го викале дедо Крстин) не му дал лубеница. Ефтим со цинизам одговорил дека Крстин  јадел пред малку.

Тогаш дедо Ефтим кажал што се случило,  дека Крстин се однел непристојно и си ја опцул својата родена мајка, што бил голем семеен престап. Затоа и дедо Ристо рекол дека Крстин ,јадел, пред тоа и  не мора пак да јаде лубеница. Дедо Крстин суштински го познавал дедо ми Ефтим и му го знаел неговиот нарав и морал, затоа после непријатната сцена тој не рекол ни збор, а и сите други замолчеле и се зафатиле за работа.

Исто така, баба Митра ми кажуваше за случката кога дедо Ефтим се шетал со својот коњ низ полето да види како се нивите и лозјата и по обиколката на имотот тргнал накај дома. Патот од полето води низ сред село, кај Полена, каде постојано се собирале многу луѓе. Така било и тој ден, но овој пат луѓето биле насобрани околу дедо Крстин, кој, ете поради неговата непослушност и закачливост со некој од неговите другари, тие го опколиле и имале намера да го тепаат.

За среќа, дедо Ефтим пристигнал со неговиот бел коњ на Полена и бил забележан од толпата насобрани луѓе. Тогаш некој извикал: бегајте, ене доаѓа Ефтим, брат му на Крстина. Насобраните околу дедо Крстин избегале на различни страни, плашејќи се да не бодат фатени од дедо Ефтин, бидејќи знаеле каков бил тој.

Сите знаеле дека дедо Ефтим бил бестрашен и понекогаш опасен за оние кој му стоеле на патот. Се пренесувало низ селото дека тој имал отепано некој уценувач (арамија, како што ги викале), кој му барал пари како уцена. Исто така, низ селото се пренесувала и случката кога сестра му Цвета била од другата страна на Стара Река, која во тие пролетни денови кога на Пелистер и Баба Планина се топел снегот, реката била надојдена и имало многу вода, затоа таа не можела да си дојди дома.

Тогаш, дедовците Ефтим и Петре  се фрлиле во реката, ја препливал, ја пренеле сестра им преку реката и ја однеле дома. Луѓето кои биле на брегот од Стара Река и кој ја виделе случката, останале скаменети. Просто не можеле да веруваат дека Ефтим и Петре ја препливале реката и ја спасиле нивната сестра. Тоа било мотив повеќе браќата Ефтим и Петре да бидат почитувани од селаните.

Во тие немирни времиња за македонскиот народ, а особено пред и по  Илинденското востание и последиците од тешкото живеење, многумина печалбарството го одбрале како начин за подобар живот и посреќна иднина. Така, бран на македонско младо население, особено од Преспанско, Леринско и други краишта на етничка Македонија тргнале по непознати патишта за „новиот свет“ – Америка.

1isov13

Одбојкарскиот клуб „Љубојно“

Еден од првите печалбари од Љубојно, заедно со поголема тајфа, како тогаш ги нарекуваа групите од Долна Преспа, бил дедо Ефтим. Потоа на печалба во Америка заминале и дедовците Петре и Крстин, а подоцна  и дедо Алексо, кого и јас го паметам кога доаѓаше од Америка во Љубојно. На печалба во Америка не им било лесно. Тие биле одделени од семејството, далеку од родната земја, во нова средина, со непознавање на англискиот јазик биле со многу предизвици.

Меѓутоа со трудољубивост, тешка физичка работа и домаќинско штедење некако се снаоѓале и, како и голем број печалбари, оделе и се враќале во родното место со многу заштедени пари. Така, кога дедо Ефтим и дедо Петре се вратиле од Америка, со спечалените пари пазариле место во Битола, кое дедо Петре го купил, а поради прераната смрт дедо Ефтим не успеал во тоа и му пропаднале парите.

Продолжува                                 

Пишуваат:

1slav2 Бранко Ристовски (Грежловски)

1slave 3 Славе Катин (Грежловски)  

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *