Септември прогласен за месец на македонско-американското наследство во Мичиген

Со резолуцијата 149 усвоена од Претставничкиот дом на сојузната држава Мичиген, овој септември е прогласен за месец на македонско-американското наследство во Мичиген, јави дописникот на МИА од САД.

Резолуцијата е донесена во чест на одбележување на 30-годишнината од прогласувањето независност на Република Македонија од поранешна Југославија, на 8 септември 1991 година во Скопје. Гувернерката Гречем Витмер лани го прогласи 8 септември за Ден на американските Македонци во Мичиген.

Државата и властите во Мичиген се горди на македонската традиција претставена од заедницата на Американци со македонско потекло која во регионот на Големите Езера емигрирала од Македонија уште во 1880-те години. Денес, македонската заедница во регионот, активна околу двете страни на американско-канадската граница, брои повеќе од 125.000 луѓе.

Тие во септември обично прават големи македонски собири. На пример, за Денот на трудот, национален празник во САД, редовно се одржува Македонска конвенција (Macedonian Convention), кога се собираат илјадници луѓе од регионот за средби, дружење, слави или дегустирање македонски вина и специјалитети.

Поради коронавирусот, конвенцијата годинава нема да се одржи физички. Инаку, собирот секоја година се сели во различни градови на САД и Канада (годинава требаше да биде во Детроит).

Македонската заедница во САД, која меѓу другите е ангажирана и преку Обединета македонска дијсапора (ОМД), коментира дека ова е првпат во историјата на САД државен законодавен дом да усвои резолуција со кој се прогласува месец на македонско-американско наследство.

-Македонците емигрираа во сојузната држава на Големите Езера од 1880-тите, и денес сочинуваат енергична заедница во метрополитен регионот на Детроит и низ Мичиген, учествувајќи во сите сфери на животот, изјави Ричард Стинленд, член на Претставничкиот дом.

Додаде дека „тие се пример за сите жители на Мичиген. Како пријател на заедницата, ми беше задоволство да ги водам напорите за прогласување на септември за месец на македонско-американско наследство“.

Стинленд е демократ, кој го отслужува својот прв мандат како претставник на 22. округ, што го опфаќа градот Розевил и дел од градот Ворен, и е подносител на резолуцијата.

Документот го признава „неверојатниот придонес и наследството на македонските Американци кои помогнаа во изградба на подобар Мичиген” и изразува „топли честитки и најдобри желби од Претставничкиот дом на Мичиген до сите македонски граѓани ширум светот кои одбележуваат 30 години независност на Македонија“. Исто така ја признава интегралната улога на македонските Американци во економијата, културата и идентитетот на Мичиген.

Резолуцијата ги повикува „жителите на Мичиген да го прослават месецот на македонско-американското наследство со соодветни програми и активности кои го слават придонесот на Македонците од Америка во Мичиген.”

-Македонците оставија посебен печат во историјата на Мичиген. Резолуцијата 149 ја препознава и цени нашата македонска работна етика, традиции и богато наследство, како и влијанието што го направивме во Мичиген, изјави Деана Јанчески, член на Управниот одбор на ОМД и претставник за Мичиген.

Една од најголемите и најактивните дијаспори во САД, онаа на Полска, го слави октомври како месец на полско-американското наследство, празник прогласен од страна на американскиот Конгрес на национално ниво.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *