УНИЦЕФ ја поздравува одлуката за почеток на учебната година со физичко присуство

УНИЦЕФ ја поздрави одлуката на Владата за отворање на училиштата со физичко присуство за сите ученици од 1 септември.

Патриција ДиЏовани, претставник на УНИЦЕФ во изјава за медиумите ја охрабрува ваквата одлука на Владата и истакнува дека ризикот од пренос на Ковид-19 во училиштата може да се контролира со засилени превентивни мерки и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти.

– Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со КОВИД-19 и на нашето сѐ поголемо разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно. Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство. Владите низ светот многу често ги затвораа училиштата за настава со физичко присуство во подолг период. Затворањето на училиштата често се применуваше како прва, а не како последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, а баровите и рестораните остануваа отворени, вели Патриција ДиЏовани.

Според неа, охрабрува ваквата одлука на Владата бидејќи, како што посочува, Северна Македонија го имала најдолгото затворање на училиштата при што мнозинството ученици посетувале настава на далечина вкупно 54 недели.

Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија, вели ДиЏовани. 

Напоменува дека истражувањето што го спровеле со раководителите на училиштата, наставниците и родителите покажало дека над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии или не успевале да го усвојат наставниот материјал поради наставата од далечина. Повеќето наставници исто така во одредени моменти од наставата на далечина, не можеле да контактираат со некои ученици.  

– Освен тоа, пред пандемијата на КОВИД-19, Северна Македонија веќе се соочуваше со образовна криза. Иако дава надеж тоа што земјата покажа подобрување при последните резултати од ПИСА, над половина од сите петнаесетгодишници во земјата не ги достигнале основните нивоа на знаење по читање и математика. Секое континуирано нарушување на образованието може да ги поништи овие придобивки, предупредува ДиЏовани.  

Училиштата што работеа во учебната 2020/2021 година, според ДиЏовани, покажале дека има капацитет да се следат протоколите за безбедност од Ковид-19. 

– Затоа, заедницата треба да го поддржи безбедното отворање на училиштата, а доколку ситуацијата се промени, затворањето на училиштата треба да се разгледа само како последна можност, кога нема други алтернативи. Отворањето и држењето на училиштата отворени бара колективен напор за тие да останат безбедна средина за учење. Сега, повеќе од кога било, на училиштата им се потребни ресурси и капацитети за да го надоместат изгубеното во наставата и менталната благосостојба. Образованието треба да ни стане приоритет и треба да изградиме национална солидарност околу клучните реформи, за секое дете да биде на училиште и да учи, порачува ДиЏовани од УНИЦЕФ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *