Предизборно здружување во опозицискиот блок, ќе се бара решение за гласачите со истечени лични карти

Два месеца пред локалните избори се дефинираат коалициите на партиите за заеднички настап во повеќе општини. Потпишување договор за соработка со најголемата македонска опозициска партија најави Алијанса за Албанците откако тоа завчера го навести и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера изјави дека се во тек преговори за заеднички настап на изборите, а најверојатно идната недела ќе потпишат и договор за соработка. Исклучи секаква можност за соработка со ДУИ за Скопје, бидејќи партијата на Али Ахмети ќе коалицира со СДСМ.

– За Скопје немаме заземено став, меѓутоа ако дојде до соработка, таа ќе се однесува за повеќе општини. Доколку кандидатот за Скопје биде професионалец, од новата генерација политичари, без лош бекграунд, ние со Алтернатива сме подготвени да го поддржиме, рече Таравари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на обединување во голем опозициски блок против СДСМ и ДУИ.

-Единствен начин да се надминат сите проблеми е да се делува инванзивно, а тоа е победа на здружената опозиција и катастрофален пораз на оваа неспособна власт предводена од СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски при посетата на Гостивар.

Со порака на Фејсбук изрази жалење што опозициската Левица ја одбива, како што напиша, „подадената рака за обединување со опозицијата“ и дека тоа е можеби „резултат на недостаток на политичкото искуство на раководството на Левица“.

– Дел од раководството на Левица има лична одговорност за носењето на коалицијата СДСМ и ДУИ на власт. Еве шанса да се поправи грешката која сите нас скапо не чини, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирајќи ја можната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, премиерот Зоран Заев одговори дека доколку  Мицкоски сака поддршка од сите граѓани, треба да се обрати до сите заедници, а не само кон една.

-Кога се обраќате само кон една заедница,  тогаш може да очекувате поддршка само од таа заедница. Изборите се пред нас и јас уште еднаш само ќе потврдам дека причините за кои кажувам ќе победуваме доста долго како коалиција, а тие губат, е токму тој национализам којшто го имаат во една мултиетничка земја, навистина ќе биде причина за следниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Заев при посетата на Јегуновце.

Во гостување во Дневникот на ТВ Сител, вчеравечер тој рече дека не гледа закана во најавеното коалицирање меѓу Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, но тврди дека поддржувачите на едната нема да гласаат за другата партија затоа што е тоа израз на нивните политики.

-Кој како сака нека влезе во коалиција, ние сме одговорни пред граѓаните и тие не оценуваат по одлуките што ги носиме. Но, политиките што се етноцентристички и се контра нашето мултиетничко општество и зборуваат за чиста Македонија е првата причина за која око не ми трепнува дали некој ќе влезе во некоја коалиција, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ не планира соработка со Левица затоа што, рече, партијата на Апасиев има радикални политички ставови и е отворено против НАТО, Албанците и другите малцинства, стратешките партнери ЕУ и САД и против соседите.

– Тоа се квазиполитики кои се популистички и носат гласови ден за ден и не му требаат на нашиот народ. Сите овие радикални екстремни партии ги видовме и во соседни земји, во еден турнус добиваат поддршка и потоа ги нема, додаде Заев.

По 35-те објавени кандидати за градоначалници, најави дека СДСМ ќе донесе одлуки и за кандидати за уште 35, меѓу кои и за големи градови како Куманово, Струмица, Охрид, Битола…, во десетина општини нема да има кандидати и ќе ги поддржи предлозите на партнерите во коалицијата. Во првиот круг од изборите очекува, како што рече, убедлива победа во 30 општини и во град Скопје односно во половина од местата каде што конкурираат директно со нивниот опонент.

Ако не се донесе законот за лични карти, кој е блокиран со амандмани, постои можност за гласање и со истечена лична карта. Тоа, Заев го најави одговарајќи на новинарски прашања на настанот во Јегуновце, посочувајќи дека се практикувало и порано кога важноста на личната карта истекува по распишување на изборите.  Притоа информираше дека над 40 илјади лични карти не се издадени, а се поднесени барања, некои од нив првпат.

–Првата можност е со работа на Парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат  начин – со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа, затоа што граѓаните може да гласаат и со лична карта и со пасош. Но сите немаат пасоши, изјави премиерот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика пратениците да го изгласаат Законот за лични карти. На Фејсбук тој напиша дека не обвинува, туку само ги повикува тие што се платени од граѓаните да ја вршат работата.

– Да го изгласаат Законот за лични карти, бидејќи овој проблем покренува многу проблеми во секојдневното функционирање и мора да бараме излезно решение за граѓаните да ги остварат своите права, напиша Спасовски.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски по седницата на ДИК рече дека се преземаат дополнителни активности за изнаоѓање други законски решенија за да им биде овозможено на граѓаните со неважечки лични карти да гласаат на локалните избори.

Тој соопшти и дека на 25 август ќе пристигнат пет проценти од апаратите за вчитување  отпечатоци од прсти, а останатите сукцесивно до 1 октомври, до кога исто така треба да биде испорачана целокупната опрема од компанијата „Дермалог“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *