Потпишан Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Северна Македонија и Грузија

Директна соработка, размена на експерти меѓу институциите и организациите од областа на културата, размена на информации, како и воспоставување непосредни контакти во сите дејности – од литературата, театрите и музиката до заштитата на културното наследство, се дел од Меморандумот за соработка во областа на културата, што денеска беше потпишан од страна на министерките за култура на Северна Македонија и на Грузија, Ирена Стефоска и Теа Цулукиани.

Како што информират од Министерството за култура со Меморандумот воедно се овозможува и учество на семинари, конференции, манифестации и други културни настани што ќе се реализираат во двете држави, а  во согласност со националното законодавство и меѓународните договори, ќе се поттикне и соработката меѓу релевантните институции за заемна заштита на авторското право и сродните права.

Грузиската министерка за култура е дел од делегацијата предводена од претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која денеска и утре е во официјална посета на Република Северна Македонија. На посетата воедно беше потпишана и Спогодба за безвизен режим меѓу двете држави.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *