Пендаровски и Зурабишвили положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која е во официјална посета на Република Северна Македонија и нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски, денеска положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, по завршувањето на церемонијата, Пендаровски и  Зурабишвили во црквата Св. Спас ја посетија спомен-собата на Гоце Делчев, каде им беше презентиран саркофагот со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија.

Претходно, во претседателскиот кабинет, претседателот Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, по што се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на официјалните делегации. Беа потпишани и Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на  Грузија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *