Судбината на дедото на Светле Стамевски,  печалбарот Крсте кој заминал за Америка

Во петтото продолжение  ќе ја претставимепечалбарската судбина на дедото на Светле Стамевски,  печалбарот Крсте кој заминал за Америка. Инаку, при крајот на 19-от и почетокот на 20-от век печалбарството станало масовна појава во Тетовско и еден од најсилните докази за неподносливата состојба, особено во македонските села 

За почетоците на печалбарството во Македонија, а со тоа и од Полог било карактеристично што селаните ја напуштале Македонија и оделе во Солун, Цариград, Смирна, Скадар и надвор од границите на Турција во соседните земји: Србија, Грција, Бугарија и Романија, а понекогаш и во Австро-Унгарија, Франција и Египет.

Така, по неколку илјади од Леринско, Преспа и Костурско секоја година оделе во Цариград и Смирна; од Струшко и Битолско најчесто се упатувале за Скадар; од прилепските села и од градот оделе во Србија и Бугарија; од Охрид и околината, како и од Полог оделе во Србија, Бугарија и Романија, а голем број печалбари имало од Велешко, Кичевско, Демирхисарско и други места. По некое непишано правило, печалбарите се враќале дома по неколку години и со спечалените пари најчесто купувале имот.

Инаку, развојниот пат на македонското иселеништво во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе во зависност од тоа како се движеле настаните околу Македонија. Како резултат на тоа преселничките печалбарски движења на Македонците и нивниот интензитет биле условени, пред се`, од тешките економски услови за живеење и работа, а во многу помалку случаи и од причини што имаат национално-политички карактер. Тешките, лоши, често и невозможни услови за живеење и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Македонци од Тетовско и пошироко од Полог да се определат, покрај другото, и за печалбарството.

Така, при крајот на 19-от век и на почетокот на 20-от век  Македонците од етничка Македонија, а со тоа и од Полог почнале да одат на печалба и во прекуокеанските земји, САД, Канада, Австралија и Јужна Америка (особено Аргентина). Така, се знае дека првите печалбари од Македонија пристигнале на северно-американскиот континент во 1885 година. Во Австралија првите Македонци – печалбари пристигнале по Првата Светска Војна, а првите групи дошле во 1924 година, слично како и во Јужна Америка.

1svetle1Тврдомир и Владо Стамевски со сопругите

Печалбарството, односно преселувањето од Македонија во САД и  Канада е карактеристично за традиционално иселеничките краишта: Леринско, Битолско, Преспанско, Тетовско, Костурско, Охридско, Воденско, Прилепско, Струшко, Солунско, и други делови на Македонија. Иселеничките движења од овие краишта се засилиле по Илинденското востание во 1903 година, а особено иселувањето било изразено по Балканските војни и по Првата Светска Војна, кои наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донеле тројна поделба, угнетување, асимилација, денационализација и физичко уништување, што ги спроведувале порано ослободените соседи, Бугарија, Кралска Југославија, Грција и Албанија.

Она што се случувало во минатото во периодот од неколку векови, по Првата Светска Војна, за релативно кусо време во одделни делови на етничка Македонија настанале крушни миграциони движења и етнички измени кои имале катастрофални последици за македонското население. Бранот на иселување од Македонија, главно, од традиционално иселеничките краишта како што беше Полог се засили по Илинденското востание 1903 година, особено во периодот по делбите на Македонија, во текот на Балканските и Првата Светска Војна.

Според Специјалната комисија на ОН за Балканот, во извештајот од 13 мај 1949 година, од Егејска Македонија вкупно се иселени 232.000 Македонци, а на нивно место грчките власти доселија и ја колонизираа Егејска Македонија со грчки бегалци од Мала Азија.Слична судбина имаше и северо-западниот дел на денешна Македонија во која се доселиле илјадници Албанци, Геги, Качаци и балисти.

Исто така, иселувањата од сите делови на Македонија биле интензивни меѓу двете светски војни, а особено по светската криза. Иселувањето се засилило по Втората Светска Војна, посебно по поразот на Демократската армија на Грција во Граѓанската војна во Грција, на чија страна масовно учествуваше и македонското население од егејскиот дел на Македонија, со надеж дека конечно ќе ги добие своите национални и социјални права.

Таква судбина имала и фамилијата Стамевски за која  е запишано дека е едно од печалбарските во Тетовско. Печалбарската сага ја започнале двајцата браќа Крсте и Ристо. Било одлучено тие да ја врват големата вода (океанот) и на гурбет да заминат кон далечната и непозната земја Америка. Така и се случува. Некаде околу 1919 – 1920 година, според кажувањето на Светле Стамевски, дедо му Крсте кинисува со лаѓата на долгата американска дестинација. Најпрво пристигнале во Њујорк, а потоа и до крајната дестинација – Детроит.

Bo овој град веќе имало луѓе од Одри, и сепак, било полесно некако со нив да се снајдат за работа и живеачка, барем во почетните времиња. Како дојденец, дедо му Крсте почнува да работи на тунелот  меѓу Детроит и Виндзур како и многумина други Македонци. Кога веќе малку се понакренал и почнал да гледа околу себе што се’ може да добие како шанса, тогаш тој оди во фабриката за автомобили Форд. Го примаат, и имал обврска да ги става прозорците на автомобилите. Набргу е пофалуван од претпоставените.

1svetle2Семејството Стамевски

Неговиот немирен дух не запира тука. Мисли, размислува, крои, прекројува, бара друго чаре и најпосле решава да почне да работи тоа што најдобро го може и умее и башка за себе, без на главата да му стојат шефови и тутори. Имал, значи веќе искуство, познат му бил занаетот од Романија и решава заедно со брат му Ристо и со уште еден нашинец да отворат фурна во метрополата Детроит.

My тргнал добро фурнаџиско-пекарскиот бизнис. Сепак и заработувачката не била лоша, па така и можел секоја година да си оди дома во Одри кај најблиските. И се знае колку далечината, повременото видување, кратките визити се и тешки но и со ефект. На секои три години им се раѓало по едно детенце. He сакал никако фамилијата да ја пресели во Америка. Знаел дека е на гурбет, а дека тој кога ќе дојде дома, најдобро е ако купи имот. Така и правел.

Према кажувањето на Светле, во Детроит останал околу петнаесет години. Некаде во 1935-1936 година, го фатил малер. Правеле туршија и дедото се затрул. Многу тешко го оштетил стомакот. Докторот го стаписал кога му рекол оти има само уште три недели живот, оти е толку опасно труењето. Ако е така, решил да се врати назад во Македонија и кога дошло да се умира, барем да си умре дома во Одри, кај најмилите.

Се качил на параходот. Знаел дека доколку се случи да умре на бродот, тогаш ќе го фрлат во океанот и трагата не ќе му се знае никогаш. Сепак, успеал некако да стаса до дома, иако болен, ама барем жив. Сепак решил да замине в планина и таму да бара лек. Ако го биде добро ако не, крајот се знаел. Таму високо во ридовите, нашол многу диви костени.

Почнал секој ден да ги меле да ги пече и да ги јаде истовремено пиејќи, планински чај и други билки. Дома неговите останале под силен стрес, што ли ќе се случи со Крстета. Полека, полека, се случило чудо. Стомакот му се враќал во нормала. Се излекувал и живнал веќе. Еден ден сосема закрепнат се враќа назад дома. И тој и фамилијата биле најсреќни. Најлошото минало, вели Светле Стамевски.

Продолжува 

Пишува:

1slave СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *