Архимандрит Партениј: Наградата ја посветувам на славната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ

Архимандрит Партениј е добитник на највисоката награда на Битолски весник – награда за трајни вредности. На прославата на 55-годишнината од излегувањето на првиот број на весникот, наградата лично му ја врачи уредникот Менде Младеновски.

Во официјалното образложение за доделувањето на таа висока награда на Архимандрит Партениј, што беше прочитано за самиот крај од официјалниот дел на свеченоста, меѓу другото, пишува:

-Македонското древно светилиште Свети Јован Крстител – Бигорски манастир, стожерот на македонската духовност, бисерот на мијачката архитектура…за две години, во 2020 година, ќе го прослави својот голем јубилеј – 1.000 години од основањето, навистина редок настан за Македонија, за општежителното словенско монаштво, како и за Православието воопшто…. Пред околу 23 години, некаде кон крајот на месец јули 1995 година, младото момче од Битола, тогаш 24 годишниот Зоран Фидановски, идниот отец Партениј, по неколку години минати во светогорскиот манастир Григоријат, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски владика, Митрополитот г. Тимотеј, ја започна својата благородната и особено макотрпна мисија за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во ова македонско православно светилиште.

Би можеле долго да зборуваме за заслугите на архимандрит Партениј во поглед на материјалната возобнова и доизградба на Бигорското светилиште, но неспоредливо позначајна од бројните градежни потфати е неговата духовна и општествена мисија, спроведувана со несмален интензитет во текот на изминатите две децении. Знаејќи дека духовната обнова на секој Манастир започнува, пред сè, со обновата на литургискиот живот, уште од самиот почеток о. Партениј се погрижи во Бигорски да го воведе редовниот православен богослужбен циклус… Сето тоа придонесе светилиштето да стане духовно прибежиште за верниот народ, при што големиот број новооцрковени верници, заедно со возобновеното општежително монаштво, станаа дел од духовната преродба што ја зафати и целата наша Татковина. Како искусен и добро образован духовен раководител, отец Партениј со својата крајна несебичност и пожртвуваност за другите и за Татковината, има примено под своја закрила илјадници души од Македонија и пошироко, помагајќи им да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми во ова наше совремие на голема духовна криза и општ пад на моралните вредности… Нашироко е позната неговата хуманитарна дејност на укажување материјална и финансиска помош на оние на кои таа им е најпотребна, како на поединци така и на цели семејства. Особено е значајна мисијата на Архимандрит Партениј за лекување и ресоцијализација на лица, претежно од помладите генерации, кои западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици и стотици млади души, под духовната закрила на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на пропаста и смртта, туку и целосно да се рехабилитираат и така да станат полезни членови на нашето општество

Архимандрит Партениј нагласи дека наградата за него има свештено име – трајни вредности.

–  Во апсолутна смисла единствено Бог е оној кој е вечно траен. Јас сум само еден смирен и верен негов слуга, којшто преку подвигот на љубовта се труди да го оприсутни Божјото постоење меѓу луѓето – најнапред во моето срце, а потоа и меѓу другите. А тоа, верувајте, најдобро бива преку љубовта, бидејќи, како што вели Свети Јован Богослов, Бог е љубов. Апостолот Павле, пак, говори дека пророштва ќе престанат, јазиците ќе замолкнат, знаењата ќе исчезнат, а само љубовта е таа што ќе трае вечно. Мисијата што се трудиме да ја правиме во Манастирот со моите браќа е токму тоа – дело на љубовта кон Бога и кон ближниот, истакнува  Архимандрит Партениј.

Тој рече дека наградата ја посветува на славната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на Македонската православна црква.

– Охридската архиепископија оваа година го слави своето илјадалетие. Ретко кој народ може да се пофали со еден таков јубилеј. Впрочем, и нашата Обител, која беше основана од монахот Јован Дебранин, првиот Архиепископ Охридски после паѓањето на Самуиловото царство и втемелувач на Архиепископијата, за две години, по Божјата милост, ја слави, исто така, својата илјадагодишнина, и по тој повод уште сега ве поканувам сите битолчани да бидеме заедно на тој голем јубилеј, порача Партениј.

5 thoughts on “Архимандрит Партениј: Наградата ја посветувам на славната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *