Регионална конференција: Реформите во јавната администрација подеднакво важни колку и владеење на правото и независно судство

Реформите во јавната администрација се од огромна важност и поради тоа во новата методологија за преговори со Европската Унија се ставени во кластерот Основи, заедно со владеење на правото, со што почнува и завршува процесот на преговори. Иако Северна Македонија и Албанија се уште формално не ги почнаа преговорите, тие мора да имаат патоказ или акциски план за реформи во јавната администрација, бидејќи тоа е исто толку важно колку и независно судство, бидејќи преку јавната администрација се спроведува ефикасно работење на институциите во функција на граѓаните.
Ова го порачаа учесниците на дводневната онлајн регионална конференција „Граѓанинот на прво место“ во организација на WeBER 2.0 (Western Balkans Civil Society Empowerement for a Reformed Public Administration), на која учествуваше и Институтот за европска политика, како дел од мрежата ТЕН (Think for Europe).
Директорката за Стратегија и Турција во Директоратот за соседство и преговори за проширување при Европската комисија (DG Near), Мирјам Феран, рече дека силно граѓанско општество е многу важно за добро владеење, а ефикасна јавна администрација е витална за функционирањето на општеството.
-Пандемијата со Ковид-19 предизвика криза во целиот свет. Особено ги стави на тест властите и администрацијата во нејзиното справување. Силна јавната администрација е витална за властите да можат ефикасно да одговорат на кризата, јавните институции да продолжат да функционираат со цел да им се одговори на потребите на граѓаните, дури и во вакви тешки услови и да комуницираат со граѓаните транспарентно, рече Феран.
За сето ова, посочи, е потребно дијалогот меѓу граѓанското општество и властите да се базира врз меѓусебна доверба, а граѓанското општество да делува како промотор на реформите што се неопходни, но, исто така како реален набљудувач на акциите на власта.
-Понекогаш сме критикувани зошто толку ги туркаме реформите во јавната администрација посебно во земјите што се во процесот на преговори за членство во ЕУ. Ние работиме со партнерите од Западен Балкан и сме посветени да видиме ефикасна јавна администрација и поради тоа овие реформи се во средиштето на стратегијата за проширување и ги нарекуваме Темели (Fundamentals), рече таа.
Вели дека јавната администрација не може да биде статична и оти и во самата Унија состојбата таму не е иделална бидејќи тоа е област што постојано се менува.
-Не критикуваат и дека високо ги поставуваме стандардите за Западен Балкан, а од друга страна не е толку сјајно во самите земји членки. Тоа е факт, но нема статична јавна администрација. Реформите во оваа област е процес што трае и не само што ги поддржуваме земјите од Западен Балкан во тоа, туку и се насочуваме кон самите земји членки и дури и финансиски ги помагаме во реформите во администрацијата. За таа цел имаме и Директорат за реформи во ЕК, којшто ги набљудува реформите во администрацијата во земјите членки и обезбедува програми, како што ја имаме ИПА за вашите земји, истакна Феран.
Грегор Вирант, директор на заедничката иницијатива на ОЕЦД и на ЕУ – СИГМА (Support for Improvement in Governance and Management), и поранешен словенечки министер за јавна администрација (2004-2008), вели дека има силна поддршка за влез во ЕУ во земјите од Западен Балкан, но од друга страна има помал оптимизам за перспективите за членство.
-Дури и некои веруваат дека тоа никогаш нема да се случи, односно постои апатија кај граѓаните. Но силната поддршка за ЕУ интеграцијата е голем поттик за реформи во повеќе области, бидејќи луѓето очекуваат од нивните влади да направат реформи што ги налага Унијата, усогласување на законодавството, исполнување на стандардите и критериумите за членство, рече Вирант.
Според него, тоа е важно во регионален контекст бидејќи институциите на ЕУ се порационални, иако, како што вели и таму е далеку од идеално.
Додава дека Стратегијата за проширување јасно укажува дека реформите во јавната администрација се темелите, заедно со владеењето на правото.
На конференцијата ќе биде промовиран регионалниот и националните извештаи од следењето на реформата на јавната администрација 2019/2020.

Конференцијата има цел да го зајакне и прошири дијалогот за креирање и спроведување на инклузивни и транспарентни политики, како и да придонесе за одржливост на административните реформи во корист на граѓаните во регионот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *