Средба на Бесими со Хан и Џентилони: Исполнети се условите за втората транша од 80 милиони евра

Исполнети се условите за добивање на втората транша од 80 милиони евра од макрофинансиската помош од Европската Унија во вкупен износ од 160 милиони евра, наменети за надминување на кризата предизвикана од КОВИД, информира министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан и со еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, што се одржа денеска во Брисел.

По добивањето на одобрението од Европската комисија, Министерството за финансии, рече Бесими, ќе испрати барање за исплата на втората транша. Воедно, во првата половина на март ќе поднесе барање за исплата на втората транша во износ од 8 милиони евра од Договорот за отпорност на ЕУ која се надеваме дека ќе ја добие до крајот на наредниот месец.

Земјава во октомври минатата година ја доби првата транша од макрофинансиската помош од ЕУ во износ од 80 милиони евра, а кон крајот на 2020 година дополнително беше дистрибуирана првата транша од 32 милиони евра од Договорот за отпорност на ЕУ, од кои 24 милиони евра беа префрлени во Развојната банка и веќе се алоцирани во форма на бескаматни кредитни линии со грант компонента, а 8 милиони евра ќе се користат од страна на Агенцијата за вработување, за поддршка на активните мерки за вработување.

На состанокот со еврокомесарите, како што соопшти Министерството за финансии, биле разменети искуства во делот на справување со КОВИД-кризата, економските движења, макроекономските движења, меѓународната соработка, а министерот ги информираше и за новиот Закон за буџети со којшто се воведуваат системски решенија во јавните финансии. Во таа насока, еврокомесарите го поздравиле носењето на новиот Закон за буџети, како и среднорочното буџетско планирање поставено во рамки на Законот.

На состанокот Бесими информирал дека годинава ќе биде подготвена нова програма за управување со јавните финансии 2022 – 2027 година и дека би било добро доколку ЕК размисли за поддршка на оваа програма во рамки на ИПА 3 во програмскиот период 2021 – 2027 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *