Активирани итните мерки и препораки поради загадувањето

Поради загадување на воздухот и исполнување на условите за прогласување на прагот на алармирање на ПМ10 честичките во Скопје вчера беа активирани итни мерки и препораки. Во текот на претходните два дена во Скопје на три мерни места кај Ректорат, Лисиче и во Гази Баба вредностите на ПМ10 честичките го надминаа прагот од 200 микрограми на метар кубен во два последователни денови.

Меѓу мерките се ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Правните субјекти треба да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од на отворено да работат од 11 до 17 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за Итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа треба да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Службата за Итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Капацитетите со А-ИСКЗ дозвола треба да го намалат производството до 50 отсто со што  од оваа мерка се исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

По добиеното известување активирани се мерките за намалување на загадувањето и од страна на Градот Скопје.

Во сила е бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници и се прекинати сите градежни активности на градилиштата, што се под надлежност на градот.

Меѓу мерките се и користење граѓаните да го користат јавниот превоз, возилата да не се користат без потреба, а за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали.

Според градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов годинава во градот има поквалитетен воздух во однос на претходните години што се должи на засилениот инспекциски надзор на капацитетите како и на забраната на Дрисла и зголемениот надзор на оние капацитети каде инспекцијата ја врши Министерството за животна средина.

Дел од мерките против аерозагадувањето се и интензивното чистење на градските улици и булевари од страна на ЈП „Комунална хигиена“. Интензивирање на инспекциските надзори над фирмите кои работат со отпадни гуми и отпадни масла, Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.

Во текот на вчерашниот ден мерењата исто така покажуваа високи концентрации на ПМ 10 честичките на мерните станици во Скопје.

Загадувањето беше тема и на форум организиран во МАНУ од каде порачаа дека се потребни анализи за правилно да се одредат мерките што треба да се преземат за намалување на загадувањето во државата, а преземањето несоодветни мерки само може да предизвика поголема штета.

– Ако во Европа главна причини за загадувањето е транспортот и возилата, кај нас е греењето, но сепак не треба да се занемари и сообраќајот. Главен причинител за загадувањето од транспортот во Македонија е стариот возен парк, бидејќи дури 65 отсто од возилата се постари од 2002 година. Во земјава има многу малку хибридни ии електрични возила, а многу загадуваат и градежните машини кои речиси воопшто немаат еколошки стандарди, како и приватните автобуси и такси возила, рече заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

За да се намали загадувањето, нагласи, треба да се преземат долгорочни непопуларни и строги мерки, а не популистички и да се има интегриран пристап со акција во сите сектори, но првенствено преку замена на затоплувањето и подобри еколошки карактеристики на возилата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *