Расте бројот на пријавите за злоупотреба на социјалните мрежи

Расте бројот на пријавите за злоупотреба на социјалните мрежи во југоисточниот дел на државата во надлежност на СВР Струмица. Според полициската статистика, лани било постапувано по 20 пријави наспроти пет во 2016 година.

Пораки со навредлива и заканувачка содржина, злоупотреба на лични податоци и прикажување порнографски материјал се најчестите случаи по кои постапувала полицијата.

Бројот од 20 пријави, според нив, не е реален зашто оштетените од најразлични причини не ги пријавуваат.

Во текот на 2017 наспроти 2016 година заклучно со ноември во Секторот за внатрешни работи во Струмица евидентирани се шест поплаки кои се однесуваат на праќање пораки со навредлива содржина, како и пораки со заканувачка содржина преку социјалната мрежа „фејсбук“. Доставени се шест известувања до Основното јавно обвинителство во Струмица за пријавување кривично дело по службена должност „злоупотреба на лични податоци“ и две за пријавено кривично дело по службена должност „прикажување на порнографски материјали на малолетник“.

Од полицијата апелираат до граѓаните да објавуваат помалку лични податоци и фотографии на социјалните мрежи и да бидат претпазливи во комуникацијата. Информираат дека и понатаму преку Отсекот за превенција ќе продолжат со едукативни предавања како „Превенција од злоупотреба на социјалните мрежи и сајбер криминалот“, кои се наменети пред се, за учениците во основните и средните училишта.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *