Во тек тендерска постапка за реконструкција на коритото на река Брегалница во Берово

Општина Берово започнува тендерска постапка за реконструкција на дел од коритото на реката Брегалница. Во рамки на проектот, како што информираат од општината, предвидена е и изградба на тротоар и осветлување.

-Тендерската постапка е започната во рамките на Проектот „Заштита на жителите од една планина долж две реки“ спроведен со финансиска помош од ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Вкупната вредност за реализација на проектот изнесува 400 илјади евра, од кои 200 илјади евра се за општина Берово, информираат од општината.

Проектот, како што додаваат, предвидува изведба на градежни и монтажерски работи за подобрување на текот на река Брегалница во Берово.

-Изведбата ќе се реализира на потегот од хотел Македонија до мостот кај Ветеринарна станица во Берово, а во партнерската општина ќе се уредува речното корито на Цапаревска река во Општина Струмјани.

Со реализацијата на овој проект очекувањата на двете партнерски општини се да се подобри превенцијата од природни и вештачки катастрофи, а коритото на реката Брегалница во Берово да добие модерен и урбан изглед.