Општина Крива Паланка го распиша конкурот за доделување на наградите „8-ми Октомври“, „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ и „Признание за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на општината за 2019 година.
Наградата „8-ми Октомври“ на општина Крива Паланка се доделува на физички и правни лица од Крива Паланка и Република Северна Македонија како знак на општествено признание за особени постигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, заштитата и унапредување на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото од значење за развојот на општината и нејзина афирмација во Република Северна Македонија и во светот.
Наградата 8-ми Октомври покрај на физички и правни лица се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или за континуирани успешни резултати во наставни и воннаставни активности и истата се доделува за остварувања во период од една година до објавување на конкурсот, како и за подолг период на работно и творечко ангажирање на поединци, група творци, правни лица, ученици и студенти.
Наградата „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ се доделува на поединец–физичко лице државјанин на Република Северна Македонија или странец за исклучителни заслуги и афирмација на Крива Паланка во Европа и светот.
Од Општината информираат дека по повод 8 Октомври, денот на ослободување на градот ќе бидат доделени и признанија за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Крива Паланка.
Признанијата се доделуваат на поединци и правни лица од Крива Паланка, од државата и странство како и на странски и меѓународни организации за значајно остварување и постигнување во вкупниот општествен развој од сите области на животот и трудот за унапредување и афирмација на локалната самоуправа во општина Крива Паланка.
Право да предлагаат кандидати за наградите и признанијата имаат правни и физички лица со седиште, односно живеалиште на подрачјето на Општината Крива Паланка.
Конкурсот трае осум дена од денот на објавувањето, а предлозите за кандидати се доставуваат до одборот за доделување награди и признанија на Крива Паланка во архивата најдоцна до 18 септември 2019 година.