СТАРТ ОД СОНИШТАТА

Најискусниот и секако најквалитетниот македонски ракометар, капитенот Кире Лазаров, накусо го прокоментира стартот на својата репрезентација на ова ЕП.

-Имаме старт од соништата на едно ЕП. Две победи во двете стартни средби, две тешки победи во 120 минути игра. Стекнатата самодоверба кај сите нас ни дава за право да се надеваме дека и против една Германија, која има најсилна репрезентација и клупа на ова ЕП, можеме да направиме успех.Особено нивната игра против Словенија ни дава надеж дека можеме да ги надмудриме и да ги совладаме. Имаме многу работи да поправиме во нашата игра, но ќе го направиме и тоа – вели Лазаров.

Германија е репрезентација која редовно не победува било да е тоа на Европските или Светските првенства.

-Против Германија имаме негативен скор, но ова ЕП нека биде почеток на една нова традиција. Мене ми е посебно драго и тоа морам да го истакнам дека на овие две средби добивме нови играчи кои покажаа и докажаа дека можат да дадат огромен придонес во играта. Тоа е посебно значајно поради тоа што им ја усложнуваме работата на противничките тренери и играчи, кои веќе нема така лесно да можат да ја анализираат нашата игра-реше Лазаров.

SHARE