Костовски: Законот за амнестија донесен на шверцерски начин без присуство на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ ги враќа долговите кон криминалците на штета на граѓаните и државата. Сите деструктивни политики на кои што предупредувавме пред избори се исполнуваат. Државата се разорува и на економски и на безбедносен и на политички план.

СДСМ денеска одлучи да ослободува криминалци, истовремено кога судиите политички им се одмаздуваат на уметници, оперски пејачи, глумци режисери само заради нивниот патриотизам. На заслужни граѓани, кои не сториле ниту прекршок во животот им се монтираат обвиненија за тероризам и се држат во притвор, додека осудени криминалци се ослободуваат на улица.

Законот за амнестија кој денес беше изгласан во Собранието  од страна на СДСМ е уште едно во низата антидржавни дејствија.

Власта, со одлука на Собранието денес од затвор пушти лица осудени за трговија со дрога,  тешки кражби, тешки телесни повреди, мачење и друго сурово нечовечко и понижувачко постапување и казнување, проституција и други тешки кривични дела.

Со доаѓање на власт на Заев, дојде живот, но не за граѓаните, туку само за криминалците.

Овој закон беше донесен на шверцерски начин без присуство на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Законот е резултат на предизборната коалиција на Заев со криминално-мафијашките структури и е целосно неправичен.

Со оваа амнестија СДСМ испраќа порака дека секој може да растура дрога меѓу младите, да малтретира, тепа и изнудува, а на крај да не се соочи со казна доколку ги поддржува антидржавните политики на Зоран Заев. Со оваа амнестија се испраќа порака до сите останати граѓани дека може да бидат малтретирани, рекетирани, а дека нема држава, ниту институции кои ќе ја гарантираат нивната безбедност и ќе ги санкционираат виновниците.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш се залагала за правда и правна држава, но очигледно е дека по доаѓањето на власт на СДСМ, такво нешто веќе не постои. Постои само селективна правда, политички реваншизам, контролирано од власта обвинителство и суд, и масовно ослободување на прекршителите на законите кои се блиски или корисни за власта, а на сметка на тоа драстично казнување на неистомислениците.

Неправедно и неправично е од затвор да се ослободуваат лица осудени за тешки кривични дела, а во исто време по судови да се влечат десетина патриоти кои се дел од монтиран прогон.

Ваквата селективност и неправда одат на штета на државата, граѓаните и нејзиниот евроатлански пат. Државата мора да биде еднаква  кон сите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *