Алаѓозовски на конференција на министри за култура во рамки на форумот во Давос

Министерот Роберт Алаѓозовски ќе учествува на конференција на министрите за култура од земјите потписнички на Европската културна конвенција и од земјите набљудувачи на Советот на Европа, која од 20-ти до 23 јануари ќе се одржува во Давос, Швајцарија, во рамки на Светскиот економски форум.

Како што објави Министерството за култура, конференцијата е посветена на заштитата на културното наследство и на градење заедничка европска политика, со која културното наследството ќе биде заштитено и зачувано заедно со историските објекти, инфраструктурата и јавниот простор, што сето заедно ќе биде референтна точка за континуирана просторна трансформација и напредок.

– На оваа конференција организирана на почетокот на Годината на европското културно наследство, министрите ќе ги усогласат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата – баукултур (Baukultur), кој подразбира култура на изградба во поширока смисла, што опфаќа повеќе процеси за висок квалитет во архитектурата, животната средина, заштитата на културното наследство и повеќе општествени области кои влијаат на квалитетот на животот, наведува Министерството.

Конференцијата ја нагласува неопходноста од холистички пристап кон баукултур како општо добро и заедничка одговорност, а и итна потреба за заедничка акција за подобрување на изградената средина во градовите и руралните средини.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *