Светски ден за безбедност на храната

Со јавна трибина и едукативно – промотивен настан денеска во Скопје ќе биде одбележан 7 јуни, Светскиот ден за безбедност на храната.

Трибината и настанот во ГТЦ ги организира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). На јавната трибина ќе учествуваат сите инволвирани во системот за безбедност на храната. Претставници на институциите, науката и невладините организации за заштита на правата на потрошувачите ќе дискутираат за тековните ризици и предизвиците во однос на безбедноста на храната во земјава. Едукативно – промотивниот настан, пак, што ќе се одржи од 13 до 14:30 часот во Градски трговски центар (ГТЦ) е за граѓаните и потрошувачите. Ќе се делат флаери и брошури, а ќе има и ликовно катче каде децата ќе творат на тема безбедна храна

-Целта на одбележувањето на овој ден е ширум светот да се подигне јавната свест за безбедноста на храната, да се превенираат, да се откријат и правилно да се управува со ризиците кои се однесуваат на храната, и преку подобрување на нејзината безбедност да се унапреди здравјето на луѓето, економскиот развој, да се овозможи отворање поголеми пазари за земјоделските призводи и одржлив развој. Преку промовирање на овој ден, ќе се мотивираат институциите и бизнис секторот за преземање мерки за подобрување на безбедноста на храната, бидејќи небезбедната храна е сериозна закана, не само за здравјето на луѓето, туку и за економијата на секоја земја, вели за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Светскиот ден за безбедност на храната e востановен во декември минатата година од Генералното собрание на Обединетите нации 2018 година. Годинава мотото е „Безбедност на храната, сечија работа”.

Според Светската здравствена организација (СЗО), годишно се бележат по околу 600 милиони случаи на заболувања од храна или скоро еден од 10 луѓе во светот се разболува од контаминирање на јадењето. Безбедноста на храната е заедничка одговорност на владите, производителите и потрошувачите. Секој има своја улога (од фарма до трпеза) во гарантирањето дека храната што се произведува е безбедна и нема да влијае врз здравјето на потрошувачите.

-Безбедноста на храната е голема закана за здравјето на луѓето. Секоја година се евидентираат до 125.000 смртни случаи кај децата под петгодишна возраст на кои отпаѓаат 40 отсто од т.н. прехранбени болести, наведува СЗО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *