Кинопремиера на „Бикини Мун“ во Њујорк

Филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски имаше кинопремиера во Њујорк во петокот, каде што присуствувале и дел од актерската екипа на чело со актерката Кондола Рашад, која ја игра насловната улога, и Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Како што соопшти продуцентската куќа „Банана-филм“, режисерот Манчевски во Њујорк дошол само на 48 часа специјално за премиерата, затоа што во Македонија интензивно се подготовува пред почетоткот на снимањето на неговиот нов филм „Врба“

– Се радувам што „Бикини Мун“ се врати дома, откако го сврте светот од Бразил, преку Европа до Шангај. Сакав лично да дојдам на њујоршката премиера макар и на 48 часа, оти сметам дека така најубаво ќе ја завршам таа приказна пред да почнам да го снимам „Врба’“, изјави  Манчевски.

Манчевски и Кондола Рашад имале и заеднички гостувања и интервјуа во ТВ-емисии, а објавени се и голем број рецензии во медиумите.

„Без оглед дали ќе си заминете на половина, или ‘Бикини Мун’ ќе го гледате двапати – а обете се валидни реакции на овој филм – ќе ви се чини дека режисерот Милчо Манчевски ќе биде задоволен. Тој направил филм за да ве провоцира, пишува во рецензијата на  „Њујорк тајмс“.

„Бикини Мун“ е првиот американски филм на Манчевски, кој беше снимен во Њујорк. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Паoло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Шангај, Сарасота…

Македонската премиера на филмот беше на 22 март во Скопје, а потоа играше и во кината низ Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *