Ќе се гради нова еко населба кај Бардовци и Злокуќани

Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа која ќе го примени концептот за еко населба која ќе користи обновливи извори на енергија. Тоa денеска беше главна тема на разговор меѓу градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и претставници од Проектот за користење на обновливи извори на енергија „Cool – Heating“.

– Целта на овој иновативен проект е да го поддржи спроведувањето на системи за греење и ладење базирани на обновливи извори на енергија, на среден и подолг рок, како трајна замена на традиционалниот начин на затоплување кое е и еден од изворите на загадување  на воздухот, се наведува во соопштението на општината.

Во овој проект е вклучен и еден од најдобрите студенти на Електротехничкиот факултет во Скопје, Владимир Ѓоргиевски. Тој ја презентираше можноста Карпош да добие нова еко населба во близина на Бардовци и Злокуќани, која ќе ги применува токму овие системи за греење и ладење.

Презентацијата на оваа идеја е врз основа на претходна анализа, истражување и проект, наменски изработени за овој дел од Карпош, во партнерство со земји како Австрија, Германија и Данска, се додава во соопштението.

Богоев посочи дека ова е одлична шанса за Карпош, но и за Градот Скопје, да бидат меѓу единствените во регионот кои имаат целосна енергетски-ефикасна населба. Придобивките од овие системи за греење и ладење се големи, а истите овозможуваат пониски трошоци за граѓаните, а се корисни и за целата животна средина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *