Стопанственици од Кешан, Турција, ги испитуваат можностите за соработка со Македонија

Турски компании од Кешан, град во близина на границата со Грција, гледаат шанса за ширење на бизнисите во Македонија.

Нивни претставници денеска беа во посета на Македонско-турската комора (МАТТО) за да се запознаат со деловната и инвестициската клима во земјава.

Како што соопшти МАТТО, стана збор за стратегијата за развој на Владата која, според претставниците на МАТТО, е ветувачка во смисла на поттикнување и поддршка на раст на компаниите што значи и општ економски раст на земјата.

Потпретседателите на МАТТО, Алпер Тунга Ерсој – генерален директор на ТАВ, и Есер Џевахир – генерален директор на Џевахир Македонија, како и Буњамин Кутлу, трговско аташе на Република Турција, истакнаа дека Македонија располага со млада и образована работна сила што ветува и полесно водење бизниси. Не од помала важност, беше речено, се и општата сигурност во земјата, сличните културолошки вредности и присуството на локалното турско население.

На средбата присуствуваа бизнисмени од 28 компании од областа на  туризмот, градежништвото, производството и преработката на овошје, земјоделството, сточарството и трговијата. Според заменик претседателот на Стопанска комора од Кешан Мустафа Ишчинен, делегација е составена од потомци на иселеници од Македонија и Косово и дека за многумина ова е првата средба со земјата на потекло.

– Со оглед дека Кешан е порта меѓу Европа и Турција, и дека Тракија е земјоделски крај на Турција со голем извозен потенцијал, гледаат шанса за ширење на бизнисите со соседите, вклучувајќи ја и Македонија. Фактот дека Кешан е град на Мраморно море, туризам е исто така важна стопанска гранка но и можност за соработка, наведува МАТТО.

По Скопје, турската делегација ќе ги посети Приштина и Призрен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *