ИНФО                                           
     
  НАЈАВА ЗА БАВЕН ПРИЕМ ВО ЕУ

Најавите од Европската унија дека Брисел ќе ги заостри условите за прием на нови земји-членки и дека Хрватска може да се надева на членство по 2011 година, а Турција веројатно во 2025 година, неодамна не предизвикаа изненадување кај вицепремиерката Радмила Шекеринска. Таа сепак се огради дека ниту слушнала ниту видела таков извештај на ЕУ, но со оценка дека нема дилема оти патот кон ЕУ ќе биде тежок.
"Факт е дека ситуацијата дополнително се комплицира кога една земја сака да влезе во Унијата, која сега не е само проширена, туку и продлабочена. Очигледно е дека нашата задача е потешка отколку на земјите кои влегоа при последното проширување. Сега се бара усогласување на нашето законодавство со регулативите донесени во оваа 2004 година, кои се посложени. Нема дилеми дека ќе ни биде потешко, прашање е само дали ќе ги пропуштиме шансите или ќе дејствуваме", изјави Шекеринска.
 
     
 

 
МАКЕДОНИЈА ВО РЕЦЕСИЈА?

И во вториот квартал од годинава, во Македонија се забележува пад на бруто-домашниот производ. Откако во првите три месеци од годинава доживеа пад од 3,2 проценти, националната економија евидентира намалување и во вториот квартал. Според државниот Завод за статистика, бруто домашниот производ во второто тримесечје е понизок за 0,2 отсто во однос на истиот период лани. Во економската теорија е дефинирано дека кога во една држава, во два квартала по ред, паѓа БДП, односно вкупната вредност на сите произведени стоки и услуги во земјата, тогаш таа е во рецесија. Експертите и неофицијалните владини извори се согласуваат дека доколку на крајот на оваа година вооошто има пораст, тој ќе биде максимум еден отсто. Тоа значи дека нема да се достигне ниту ревидираната стапка на пораст на БДП која, како што неофицијално се дознава, била сведена на 2 процента. До крајот на годинава, доколку има економски пораст, се очекува тој да биде максимум еден отсто, но во никој случај нема да се достигне ревидираната стапка од 2 процента.

 
     
 

НОВ АРАНЖМАН НА ММФ?!

Македонија не се откажува од намерата да добие реформски аранжман од Меѓународниот монетарен фонд. Неодамна, наша делегација присуствуваше на Годишното собрание на ММФ и на Светска банка, при што имаше најави за евентуален нов аранжман.
"Со високите претставници на ММФ, со кои имавме средби во Вашингтон, се потврди нашиот претходен договор, Мисијата на Фондот да пристигне во земјава на 12 октомври и да преговараме за новиот аранжман" - изјави заменик-министерот за финансии Димко Кокароски, кој е во нашата делегација покрај министерот за финансии, Никола Поповски, и гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев.
Според Кокароски, ММФ е расположен да влезе во нов аранжман со Македонија, кој најверојатно ќе биде тригодишна реформска програма, што ќе опфати реформи во повеќе области. Вакви сигнали во САД добила нашата делегација по разговорите со Франек Розвадовски, шеф на Мисијата на ММФ за Македонија, но и со челните луѓе на Фондот, особено поради фактот што претходниот стенд-бај аранжман е успешно завршен.

 
     
  ПРОМОЦИЈА НА СОЈУЗОТ НА КОМОРИТЕ

Деновиве официјално почна со работа Сојузот на стопански комори на Македонија, кои моментно го сочинуваат трговската, индустриската и услужната комора. На промоцијата присуствуваа претставници на членките на стопанските комори, како и други заинтересирани стопанственици, претставници на државната управа, дипломатскиот кор, меѓународните организации за поддршка и синдикатите. Главни приоритети на стопанските комори ќе биде подобрувањето на законската регулатива, воспоставувањето квалитетна организациона структура на коморите, а и подобрување на деловните перфоманси на членките, преку тренинзи, работилници и семинари. Од стопанските комори информираа дека веќе се почнати одредени активности за да реализирање на нивните основни задачи. Исто така, беше најавено дека стопанските комори ќе се засилат со стручни служби, кои ќе ги реализираат конкретните работни задачи, дефинирани од управните одбори на коморите.
 
     
   ПРВ АКАДЕМСКИ ЧАС НА ФОН

На 6 октомври 2004 година, приватниот Факултет за општествени науки (ФОН) во Скопје го одржа првиот традиционален академски час, во Универзалната сала. Пред почнувањето на академскиот час, на Плоштадот "Македонија" се собраа голем број студенти-бруцоши, облечени во препознатливите униформи на овој Факултет. По манифестацијата, студентите направија обиколка низ просториите на факултетот.
Оваа година на ФОН се запишани 600 нови студенти, а вкупно 1.400 студенти веќе имаат индекс од овој Факултет. Факултетот за општествени науки е единствениот македонски приватен факултет, којшто има акредитација од Министерството за образование на Македонија. Директор на Факултетот е Билјана Андревска - Богдановска.
 
     
 

НАГРАДА ЗА ПОЕТОТ МАТЕВСКИ

На македонскиот поет Матеја Матевски му е доделена престижната меѓународна награда за поетски опус на Академијата "Мајкл Мадхуседан" со седиште во Калкута, Индија. Наградата, како и Академијата, го носи името на големиот поет од XIX век Мајкл Мадхусадан, кој пишувал на бенгалски и англиски јазик, а се доделува 28 години за достигнувања во областа на литературата, уметноста, науката и филантропијата.
Свеченото врачување на ова високо меѓународно признание - диплома, златна медалја, поетска антологија и библиографски зборник ќе се изврши во Калкута на 22 ноември годинава. Званичното известување и поканата за присуство на свеченоста на академик Матеја Матевски му ги упати генералниот секретар на Академијата, д-р Бидхан Дата.
Матеја Матевски е поранешен добитник на едно индиско признание по повод 40 години од смртта на големиот писател, нобеловецот Рабиндранат Тагоре, кога е објавен неговиот постер со стихови, преведени на хинду и со ликот на Тагоре.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

СЕДНИЦА НА ВЛАДАТА ЗА ПРАШАЛНИКОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Владата на Република Македонија денеска на вонредна седница ги разгледува активностите во врска со дистрибуцијата на прашалниците на Европската комисија до министерствата и другите надлежни државни институции кои во наредните четири месеци треба да одговорат на нив. Заменик-претседателот на Владата Радмил Шекеринска во понеделникот информира дека Прашалникот што во Скопје го донесе претседателот на Европската комисија Романо Проди, заедно со потпрашањата содржи околу 3.000 прашања.
Веќе е утврден бројот на прашања што секое министерство ќе ги добие, но за дел од прашањата не е прецизирано во чија надлежност е нивното одговарање. Владата денеска треба целосно да ги подели надлежностите за прашањата кои содржински опфаќаат повеќе ресори.
До утре сите министерства треба да ја добијат целокупната база на податоци, која ќе биде финална и од тој момент сите напори ќе бидат концентрирани на суштинското одговарање на секое од прашањата. Одговорениот прашалник треба на Еврокомисијата да и биде доставен на 31 јануари.

 

ПОЧНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА "РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ КАРДС-2003"
 

Под мотото "Изградба на независно и функционално судство и зајакнување на соработката во регионот" денеска во Скопје беше отворена дводневната Конференција "Регионалниот проект КАРДС - 2003".
"Република Македонија неслучајно во наредните три години ќе претставува седиште на административниот центар на 'Регионалниот КАРДС - 2003' на што треба да сме особено горди", рече на денешната прес-конференција министерот за првада Иџет Мемети, додавајќи дека на Конференцијата се презентираат работниот план и активностите кои во наредните три години ќе се реализираат во рамките на проектот.
Тој изрази надеж дека овој проект ќе претставуваат конкетен придонес нашите национални судски системи да ги претвориме во неприкосновени синоними за независност стручност, совесност и чесност со што ќе се заслужиме членството во ЕУ.
Мемети истакна дека за Македонија, а и за останатите дражави од регионот овој проект има исклучително значење, имајќи предвид дека неговата реализација се поклопува со периодот во кој Македонија планира и презема низа активности во насока на подобрување на состојбите во домашниот правосуден систем и негово прераснување во идентичен систем на развиените европски судски системи.
Министерката за правда на Австрија Карин Миклауч, рече дека од овој проект се очекуваат конкретни резултати, кои ќе бидат анализа за потребите на судството, а од таа анализа ќе бидат направени препораки за негово подобрување, по што следниот чекор ќе биде спроведување на тие препораки.