ИНФО

            English

            Македонски


  ИНФО                                           
     
  МИНИСТЕРСКИ КОМПЛИКАЦИИ ЗА ТРГОВСКИ АТАШЕА

Изборот за трговските аташеа сe уште е во статус кво затоа што Министерството за економија и Министерството за надворешни работи не можат да се договорат околу тоа кој треба да ги вработи и да ги плаќа. Кај нас, како и секогаш, работите мора да се искомплицираат, па така сега не се знае кое министерство треба да го објави конкурсот за избор на промотор во Германија. Земјава с# уште не ја напуштиле ниту избраните промотори за Србија, Италија и Русија, бидејќи се чека двете министерства да се договорат околу нивниот статус. Последната одлука е тројцата промотори и постојаниот претставник на Македонија во СТО да ги вработи МНР, а плата да им дава Министерството за економија. Во Министерството за економија велат дека во македонските амбасади овие промотори ќе ја вршат функцијата министер-советник, што значи дека по функција ќе бидат веднаш под амбасадорот. Во тек е обука на тројцата промотори за Италија, Србија и за Русија, кои треба да заминат за Америка на уште една обука.

 
 
     
  ДЕМАНТ ЗА ДЕВАЛВАЦИЈА НА ДЕНАРОТ

- "Мој впечаток е дека сегашните најави за девалвација се политички маркетинг на опозицијата, која со тоа сака да го намали рејтингот на Владата, а да го зголеми сопствениот. Нема никаква потреба од страв, бидејќи сега денарот е постабилен во однос на изминатите четири години и таквата политика ќе продолжи и во иднина. Доколку еден ден и дојде до промена на политиката на курсот на денарот, тоа ќе се случи со нашето влегување во ЕУ, и тогаш тоа нема да ја загрози стабилноста на денарот, но зборуваме за среднорочна и долгорочна политика. Значи, нема потреба луѓето да се плашат или да се под пресија дека ќе има девалвација. Денарот е добро и стабилно платежно средство во Македонија и таков ќе остане", истакна министерот за финансии Никола Поповски, демантирајќи ги шпекулациите пуштени од опозицијата дека ќе има девалвација на денарот.
При тоа, министерот Поповски додаде дека сега земјава има исклучително низок буџетски дефицит во јавната потрошувачка, кој на ниво на централен буџет се движи под еден процент од бруто домашниот производ.

 
 
     
 

БРИШЕЊЕ НА НЕВРАБОТЕНИТЕ

По измената на Законот за вработување, во Агенцијата за вработување во јули се избришани 8.799 невработени. Од нив работа нашле само 2.920, а 4.576 се избришани поради нередовно пријавување. Во вкупниот прилив на невработени се и 1.043 лица, кои биле избришани од евиденција поради нередовно пријавување и сега повторно бараат работа преку оваа институција. Со измените во Законот, Агенцијата е овластена да ги брише од листа сите оние кои ќе ја одбијат работата која таа им ја нашла и кои не се пријавуваат редовно, поради што наредната година немаат право на повторно пријавување.
Во јули беа евидентирани најмногу невработени поради новите 3.924 лица на кои им престанал работниот однос и повторно се пријавиле во Агенцијата. Тоа се работниците од пропаднатите фирми, како и оние кои добиле отказ.
 

 
     
  НОВА МОБИМАК ПОНУДА

"Дел од мене" е новата кампања на Мобимак, која има цел да ги поврзе сите корисници, а е свртена кон младите генерации. Секој нов Мобимак корисник, без разлика дали е припејд или постпејд, добива подарок училишен пакет папка (четири тетратки, линијка, молив, гума, папка, распоред на часови и несесер) и купон со 10 отсто попуст во "Просветно дело". Пакет папка добива и секој нов корисник на Мобимак со купувањето на сим-картичка и еден од телефоните "Алкател" 331, "Сименс" А-52 или најновиот телефон на "Моторола" Ц-115, кој прв пат се појавува на македонскиот пазар.
Мотото од кое произлезе и името на новата кампања е дека младите генерации се дел од нас, а тие знаат дека Мобимак е дел од нив. Тоа е кампања со вистински ликови, ликови од секојдневниот живот, кампања која се стреми автентично да ги прикаже нештата во кои денес младите уживаат.

 
 
     
   ПОБЕДИ ДЕМОКРАТИЈАТА

На први септември годинава претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, ги предаде обрасците со собраните потписи на избирачите за распишување законодавен и задолжителен референдум, со кој граѓаните ќе треба да се изјаснат за прашањето: "Дали сте за територијалната организација на локалната самоуправа (општините и градот Скопје) утврдена со Законот за територијална поделба на РМ и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, објавен во "Службен весник на РМ" бр.46 од 1996 година и Законот за град Скопје". На инцијативата се огласиле 180.454 избирачи. При примопредавањето на документите на претседателот на Собранието на РМ, Љупчо Јордановски, Петров истакна дека со ова победи демократијата. Јордановски потенцираше дека за инцијативата нема да се гласа, туку ќе се констатира бројот на потписите на избирачите во РМ, освен можеби за одредување на датумот на одржување на референдумот.
 
 
     
 

УАПСЕН БРАТ ЉУБЕ

Истражниот судија во Пула му одредил мерка притвор од 30 дена на Љубе Бошкоски, обвинет во Македонија за случајот "Раштански лозја" каде беа убиени седуммина економски емигранти.
"По барање на Жупанското државно обвинителство во Пула, уапсен е Љ.Б., хрватски и македонски државјанин, под обвинение дека извршил казнено дејство убиство, опишано во член 123, став 3 од Казнениот закон на РМ. Тој е уапсен откако Министерството за правда на Република Македонија & го отстапи на Република Хрватска кривичното гонење, а врз основа на договорот кој го имаат двете држави за правна помош при граѓански и казнени работи", изјави Игор Стеванац, заменик- портпарол на МВР на Хрватска.
Во Жупаниското државно обвинителство на Истра со седиште во Пула, каде што е префрлено македонското обвинение за Бошкоски, велат дека работат на случајот по барање на македонското обвинителство. Обвинителниот акт во Хрватска пристигна минатиот четврток, а државното обвинителство за 5 дена веќе ја почна истрагата по македонското обвинение за убиство. Останатите четворица обвинети за "Раштански лозја", каде загинаа 7 економски емигранти од Пакистан и Индија, Стојков, Утковски, Цветков и Кикереков сe уште се во притвор и чекаат кога ќе биде закажано судењето.

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

НЕМА НАПРЕДОК ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО КИДНАПЕРИТЕ КОИ ДРЖАТ ЗАЛОЖНИЦИ ВО СЕВЕРНА ОСЕТИЈА

Засега нема резултати од преговорите со терористите кои од вчера држат 354 заложници во училиштето во градот Беслан, Северна Осетија.

Контактите меѓу киднаперите и рускиот лекар Леонид Рошал, кој е познат од кризата со заложниците во московскиот театар во 2002 година, продолжија до три часот по полноќ.

"Терористите ја прикинаа врската и ги исклучија мобилните телефони, откако го одбија предлогот за коридор за повлекување", соопшти министерот за внатрешни работи на Северна Осетија Кабзбек Ѕантиев, додавајќи дека тие сакаат да преговаараат само со чеченскиот пратеник во рускиот Парламент Асланбек Аслаханов, со претседателите на Северна Осетија и на Ингушетија и со докторот Рошал.



ЉУБЕ БОШКОСКИ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД ФУНКЦИИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ
 

Пратеникот Љубе Бошкоски испрати писмо до претседателот на Собранието Љупчо Јордановски, во кое го известува дека се повлекува од сите функции во Парламентот, вклучувајќи ја и функцијата пратеник.

Бошкоски го образложува повлекувањето со незадоволство од одбивањето на неговата кандидатура за претседател на Македонија.

"По бруталното кршење на Уставот на Република Македонија со начинот на кој вашиот тоталитарен режим ми го одзема имунитетот и не ми дозволи да се кандидирам за претседател на Република Македонија, покажа дека јас повеќе немам што да изгубам освен сопствената судбина и станав прогонет заедно со моите бранители и македонскиот народ...Од таа причина, се повлекувам од сите функции во Собранието на Република Македонија вклучувајќи ја и функцијата пратеник", се наведува во писмото на Бошкоски.

 

ДО СОБРАНИЕТО ДОСТАВЕНИ ПОТПИСИТЕ ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ
 

Светскиот македонски конгрес вчера до Собранието ги достави собраните обрасци со потписи за распишување референдум за територијалната организација.

"Денеска е празник на демократијата во Република Македонија затоа што победи волјата на граѓаните за распишување задолжителен законодавен референдум", рече претседателот на СМК Тодор Петров.

Тој објави дека 180.454 избирачи со својот потпис пред органот за евиденција на избирачкото право застанаа зад одлуката за распишување референдум. Петров очекува Собранието да го распише референдумот, а претседателот на Собранието според неговите дискрециони права во најбрз можен рок да ја свика седницата.

СМК предлага референдумот да се одржи на 21 ноември годинава имајќи ги предвид верските слободи на граѓаните од исламска вероисповед дека рамазанските пости траат од 15 октомври до 15 ноември.

"Овој референдум не е луксуз за Република Македонија, туку нејзино демократско валоризирање и легитимирање пред меѓународната заедница", нагласи Петров, додавајќи дека очекува референдумот да се спроведе без насилство.