ИНФО

            English

            Македонски


  ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ ДИРЕКТОРАТОТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ДО ЕУ

Како што информира вицепремиерката Радмила Шекеринска, Европа од сега ќе комуницира со Македонија преку Директоратот за проширување, бидејќи така предвидуваат институционалните промени во Европската комисија. Според неа, досега за Македонија беше задолжен Европскиот директорат за надворешни односи, а промената е политика на дело и доказ за определбата за проширување на Европската унија. При тоа, Шекеринска нагласи дека Македонија од Европската унија побарала акцентот на Договорот за стабилизација и асоцијација да се стави на асоцирањето, а за односи со нашата земја да биде задолжен Директоратот за проширување, а не тој за надворешни односи. Од друга страна, пак, според некои дипломати од ЕУ, Република Македонија не е влезена во плановите за новото проширување на Унијата.
 
     
  ИЗВЕШТАЈОТ "КИНГЕР" ВО МАКЕДОНИЈА

Според изјавата на Тања Алтанџиева, заменик-министерот за правда, Извештајот за авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлената делегација, властите на Босна и Херцеговина го доставија до Министерството за правда. Алтанџиева појасни дека јавниот обвинител треба да одлучи дали има основа да се поведе постапка. Претходно, јавната обвинителка Меџида Кресо изјави дека е затворена истрагата за уривањето на владиниот авион "Кингер" на 26 февруари и дека никој нема да биде обвинет зашто не биле пронајдени аргументи за кривично гонење. Инаку, Извештајот кој го подготви обвинителството на Босна и Херцеговина, освен до Министерството за правда е доставен и до МВР, Министерството за транспорт и врски и до Јавното обвинителство. За авионската несреќа на претседателот Трајковски проструија многу контроверзи за неспецифичноста на случајот, дури и дека е можно да станува збор за атентат, како што шпекулираше претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

 
     
  СЛАБ ГРАЃАНСКИОТ ОДЅИВ

Граѓаните од Скопје предводени од Координативното тело на Граѓанската асоцијација "Пружи отпор-кажи не" ги оставија во зградата на Телекомот своите телефонски сметки со образец во кој бараат детаљна сметка за пресметаните разговори. Но, одѕивот на скопјани беше многу мал, само околу стотина граѓани, а според Центарот за поддршка на невладините организации приближно ист број граѓани излегле во Штип, Велес, Кичево, Гостивар и во Дебар. Во другите градови одѕивот на граѓаните бил помал поради лошата координација на невладините активисти. Коте Ламбовски, заменик-директор за маркетинг во Телеком вели дека комисиски ќе бидат разгледани сите приговори на граѓаните, а претплатниците ќе бидат информирани или по телефон или по пошта, во најбрз можен рок. Инаку, веќе подолг период Македонски телекомуникации го злоупотребуваат монополот на пазарот, а со последното поскапување на телефонскиот импулс незадоволството на граѓаните стана уште поголемо.

 
     
  СПОЈУВАЊЕ НА "АЛКАЛОИД" И "ЗЕГИН"

Македонскиот фармацевтски гигант "Алкалоид" и познатата веледрогерија "Зегин" ќе формираат заедничка компанија. Информацијата ја потврдија сопственикот на "Зегин" Благој Меанџиски и директорот на "Алкалоид" Живко Мукаетов. Според двајцата челни луѓе на овие две успешни македонски фирми, ваквото обединување ќе овозможи нов квалитет во работењето, но и приближување до крајните корисници - граѓаните кои ќе можат да добијат поквалитетни и поевтини производи. Засега не се откриваат детали околу соодносот на капиталот во новата компанија и во двете фирми велат дека ќе се земат предвид сите параметри кои ќе ги обезбеди независната ревизија. Околу мотивите за спојувањето на фирмите се вели дека фармацевтската бранша во целиот свет е во фаза на окрупнување, што обезбедува поголеми потенцијали за компаниите, но и подобра позиција на пазарот.

 
     
  ГИНЕКОЛОГИЈА "ЧАИР" ПОВТОРНО ОТВОРЕНА

Министерството за здравство даде дозвола за отворање на родилиштето и на Педијатриското одделение и специјалната болница за гинекологија и акушерство "Чаир". Одлуката е донесена откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја укина наредбата за редуцирање на раѓањата во чаирската болница, издадена на 5 август, поради можна појава на стафилококна инфекција. Од таму посочуваат дека изворот на инфекцијата не е до крај дефиниран затоа што при прием во болницата родилките не се испитуваат на клициносителство и затоа е можно да се внесе инфекција и од надворешна средина. Во соопштението од Министерството за здравство се појаснува дека првите резултати од земените мостри при појавата на кожни инфекции кај бебињата родени во болницата "Чаир" не може децидно да го определат причинителот затоа што во земените мостри имало присуство на бактеријата стафилококус ауреус и кај дел од вработените и кај дел од родилките.

 
     
  ПРОДОЛЖЕНА КАМПАЊА

Поради големиот интерес кој го пројавиле корисниците во врска со кампањата 300 гратис СМС за новите во Тандем, со која носителот на претплатничкиот договор користи 50 отсто од претплатата за разговори и СМС, а другите членови - нула денари претплата, пониски цени на мобилни телефони и по 100 бесплатни СМС пораки, се продолжува уште 30 дена. Кампањата почна на 15 јули и требаше да трае до 15 август, но Мобимак им излезе во пресрет на барањата на своите корисници и неа ја продолжи до 15 септември за новите корисници на Тандем.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

СОБРАНИ 150.000 ПОТПИСИ ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ

Потребниот цензус од 150.000 потписи за распишување референдум за неменување на територијалната организација е обезбеден, соопшти Блокот политички партии, граѓански здруженија и поединци што ја поддржуваат Иницијативата на Светскиот македонски конгрес за одржување референдум.
Заклучно со среда се собрани 146.600 потписи, а според динаминаката со која се собираат потребните 150.000 потписи се веќе обезбедени, рече Павле Трајанов, лидерот на Демократскиот сојуз апелирајќи до оние граѓани кои не се потпишале да ја поддржат оваа иницијатива.
"Ова не е победа на која било политичка партија, туку победа на граѓаните и нема никој да собира поени од оваа граѓанска иницијатива", истакна Трајанов.
Потребно е да собереме најмалку 200.000 потписи, рече Стојан Андов лидер на ЛПМ, имајќи го предвид, како што истакна, фактот што Владата немаше големо расположение за оваа иницијатива и оти е можно оспорување на некои од потписите. Според него одговорноста за регуларноста на собраните потписи е на Министерството за правда. "Во насока на потребата од собирање поголем број потписи од предвидените, е и обезбедувањето поубедлива и поцврста бројка за поддршка на иницијативата", рече Андов.
Претставниците на Блокот сметаат дека најавените локални избори не можат да се одржат во предвидениот рок и оти најразумно решение е кога ќе се одлучува за распишување референдум да биде донесена одлука и за одложување на локалните избори.
На референдумот кој според постојните законски решенија би требало да се одржи на крајот на октомври или почетокот на ноември, Блокот партии, граѓански здруженија и поединци очекуваат еден милион гласови.
Рокот за собирање потписи завршува в понеделник, по што депонираните потписи во одредените подрачни единици и месни канцеларии на Министерството за правда ќе му бидат предадени на претседателот на Собранието на Република Македонија. Собранието во рок од 30 дена треба да донесе одлука за распишување референдум што треба да се одржи најдоцна 90 дена од денот на донесување на одлуката за негово распишување, но не порано од 60 дена.
 

ПОПОВСКИ И ВОЈНЕСКА ГО ЗАВРШИЈА НАСТАПОТ НА ОЛИМПИЈАДАТА ВО АТИНА

Најдобриот македонски кајакар Лазе Поповски не успеа да избори пласман во финалето во дисциплината кајак едносед слалом на Летните олимписки игри во Атина.
Поповски во денешното полуфинале постигна 16-то време, недоволно за влез меѓу 10-те финалисти.
Пласман во четвртфиналето на 100 метри денеска не обезбеди ни атлетичарката Алаксандра Војнеска.