ИНФО

            English

            Македонски


  ИНФО                                           
     
  ПОСТАПКА ЗА РАСЧИНУВАЊЕ

Архијерејскиот црковен суд на Македонската православна црква почна постапка за расчинување на десет владици на Српската црква, кои пред еден месец учествуваа во работата на "архијерејскиот суд" на нерегистрираната паралелна црква во Македонија. Првообвинет на листата е приморско-црногорскиот митрополит Амфилохие, кој претседаваше со судот, но "во друштво" со Иринеј Бачки, со врањскиот Пахомие, браничевскиот Игњатие, епископот жички Хризостом, рашко-призренскиот Артемие, сремскиот Василие...
 
     
  ВО ТРНОВО БЕЗ ВЛАСТИТЕ

Неколку илјади Македонци од државава, од околните земји и од дијаспората се собраа во Трново на 24. средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. На оваа манифестација која веќе стана традиција не се појави никој од државниот врв.
 
     
  ОДОБРЕНИ ДОЛАРИ ЗА ПОПЛАВИТЕ

Додека сè уште траат проценките на последиците од минатомесечните поплави, нивното делумно отстранување ќе биде направено со одобрените средства од 150.000 долари од Програмата за развој на ОН. За искористување на овие средства министерот без ресор, Владо Поповски, и постојаниот претставник на УНДП во земјава, Фроде Мауринг, го потпишаа проектниот документ Итен одговор на природна катастрофа-поплавите од југоисточна и северозападна Македонија.
 
     
 

 ПЕТ МИНУТИ ЗА СЕКОЈ НЕВРАБОТЕН

Иако сите шалтери и службеници во Бирото за вработување работат со полна пареа, сепак навалицата за пријавување не може да се избегне затоа што во Скопје има 93.000 невработени. Директорот на Бирото, Павле Бошковски, вели дека ваквата состојба ќе се измени кога ќе почне да се применува системот на точно закажување. "Од 10 август секој невработен ќе дојде во точно определен ден, час и минута и секој ќе има пет минути за да биде услужен. На тој начин ќе се намалат турканиците", објаснува директорот Бошковски.

 
     
  БЕНЗИНОТ ПОСКАПЕ

Цените на нафтените деривати во малопродажбата, во просек, се повисоки за 3,18 отсто. Според објаснувањето на Регулаторната комисија за енергетика, новите цени се резултат на движењата на цената на суровата нафта на светскиот пазар, која во изминатите 14 дена изнесуваше 38,519 долари за барел и е за 9,3 отсто повисока од просечната цена на суровата нафта (35,252 долари за барел), по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати.
 
     
  МАКЕДОНСКИ ВИНА НА СВЕТСКИ ПАЗАР

Винарските визби во земјава, задоволни од нивното организирање во кластер, очекуваат дека од септември, со помош на американски експерти, ќе почнат да освојуваат нови пазари. Раководните лица од кластерот за вино објаснуваат дека за винарите било пресудно да сфатат дека хигиената во винарските визби и начинот на чување на виното се најважните фактори за добивање квалитетен и добар производ, кој лесно ќе се пласира на странските пазари. Во моментов се испитуваат 11 пазари за пласман на нашите вина, а три се избрани како најпогодни. Така, постојат шанси до наредната година македонските вина да се пласираат на англискиот, рускиот и на холандскиот пазар.
 
     
  КОНТРОЛЕН ПРЕГЛЕД ЗА ИНВАЛИДИТЕТ


Во иднина, остварувањето на правото на инвалидска пензија ќе подлежи на задолжителен контролен преглед за потврдување на инвалидитетот. Врз таа основа ќе се остварува правото на трајна инвалидска пензија. Ова е суштината на измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои беа донесени со мнозинство гласови од присутните пратеници во Собранието. Целта на новините е да се подобри ефикасноста на системот за инвалидско осигурување преку повисока објективност во постапката за оценување на работната способност.

 
     
  РАСТ НА ТРГОВСКИОТ ДЕФИЦИТ

Заводот за статистика соопшти дека во вкупната надворешно-трговска размена извозот учествува со 35,4 отсто, а увозот со 64,6 отсто. Постојаниот раст на трговскиот дефицит во надворешната размена се заканува до крајот на годината да изнесува повеќе од една милијарда долари. Тоа ќе биде рекорден дефицит во надворешно-трговската размена на Македонија. Економските експерти предупредуваат дека ваквиот дефицит е опасен, но досега нивните сугестии не вродија со конкретни мерки за поголем раст на извозот во однос на увозот.
 
     
  МЕЃУНАРОДЕН БАР-КОД ЗА АРТИКЛИТЕ

Според Македонската асоцијација за нумерирање на артиклите (ЕАН МАК) ниеден производ не може да излезе од државата доколку не добие меѓународен бар-код. Експертите велат дека со добивањето на кодовите, всушност фирмите се здобиваат и со низа други погодности, кои придонесуваат за подобрување на работењето и за зголемување на ефикасноста. Со кодовите, артиклите се подготвени за извоз, се подобрува контролата за дистрибуција и производство, бидејќи електронски се запишува секоја продажба, а се намалуваат и грешките во администрацијата.
 
     
  ИНСТИТУЦИЈА ЗА ПРИМЕНА НА ИНОВАЦИИ

Реализацијата на Програмата за поддршка на претприемништвото и за создавање конкурентност на малото стопанство во земјава е задача на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, која ја основа Владата.
Директорот на Агенцијата, Ванчо Попов, истакнал дека целта на оваа институција е примена на иновации и воведување современи технологии во малото стопанство. Тој објаснува дека Агенцијата нема да дава услуги, туку ќе се насочи кон зголемување на бројот на вработени и кон успешно работење на малите и средните фирми.
 
     
  ЕВРОПСКИ ПОТТИК ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Европската агенција за реконструкција (ЕАР) им подели 500.000 евра на 11 организации за поттикнување на вработувањето. Дел од одбиените кандидати реагираат на изборот на оваа Агенција, со обвинување дека тој бил нетранспарентен и не биле почитувани претходно утврдените правила. Во ЕАР информираат дека на сите пријавени, кои исполнувале минимум 80 отсто од правилата пропишани од Брисел, им биле прифатени понудите.
 
     
  СРПСКО ЖИТО ЗА МАКЕДОНИЈА

Извозот на пченица од Србија и Црна Гора во Македонија и во Босна и Херцеговина е почнат и во следните шест месеци, во овие две држави треба да се продадат околу 200 000 тони жито. Извозните цени с# уште варираат, а извозниците не сакаат да зборуваат за нив, бидејќи конкуренцијата во соседството е голема.
 
     
  ЧЕТИРИ ПОНУДИ ЗА "ИСКРА ИНЖЕНЕРИНГ"

По отворањето на понудите на јавниот меѓународен тендер за купување на новата фабрика "Искра инженеринг" од Куманово, за неа се заинтересирани четири фирми. Понуди поднесоа фирмите "СКЈ Андучи" од Италија, ДС "Констракшн" од Грција, "Сам инженеринг" од Скопје и физичкото лице Ванчо Матевски од Скопје.
 
     
  НОВО УЧИЛИШТЕ ВО МОНОСПИТОВО

По двегодишни ветувања конечно почна да се гради новата училишна зграда во селото Моноспитово, Струмица. Министерството за образование обезбедило 4 милиони денари за реконструкција на сегашната дотраена училишна зграда и за изградба на нова. За заокружување на овој проект се потребни околу 30 милиони денари, а се очекува изградбата да заврши до крајот на идната година.
 
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ПРЕМИЕРОТ КОСТОВ УЧЕСТВУВАШЕ НА ФОРУМ ЗА СТАБИЛНОСТА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Македонскиот премиер Хари Костов учествуваваше на Форумот "Стабилноста на Југоисточна Европа во 21 век", што вчера се одржа во Салцбург, под покровителство на австрискиот канцелар Волфганг Шисел.

На форумот учествуваа и премиерите на Албанија, Фатос Нано, на Бугарија, Симеон Саскобурготски, на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и на Романија, Адријан Настасе, како и шефот на австриската дипломатија Бенита Фереро-Валднер и координаторот на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, Ерхард Бусек.

Главен акцент на Форумот бил ставен на можностите и ризиците по стабилноста во регионот на Југоисточна Европа, а во рамките на средбата се дискутирало и за актуелната состојба на Балканот, и особено за Косово. Притоа не биле посочени конкретни заклучоци околу решавање на статусот на Косово, туку се дискутирало за формите на стабилизирање на целиот регион, што ќе го услови и економскиот развој.

Теми на разговорот на средбата, која се одржува по вторпат, биле формите за енергетска заедница на Југоисточна Европа, симнување на бариерите на слободните зони за движење на стоки и капитал.

"Ова ќе биде традиционална средба со нови форми на соработка од која ќе произлегуваат идеи и конкретни решенија на кој начин да се соработува во регионот", изјави за МИА Мирјана Контевска, портпаролката на кабинетот на Костов. Таа додаде дека Австрија и во наредниот период ќе го помага исполнувањето на условите и стандардите за интеграција на овие земји во Европската унија.

Премиерот Костов ќе оствари билатерални средби со своите колеги од регионот. На форумот не допатуваа премиерите на Србија, Хрватска и на Босна и Херцеговина.

 


АМАНДМАНСКА РАСПРАВА ПО ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ТЕРИТОРИЈАЛНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи 72-та седница со расправа по поднесените амандмани на Предлог-законот за територијална организација на локалната самоуправа, како дел од пакетот закони за децентрализација.

Во досегашната амандманска расправа, што почна во понеделникот, не е поддржан ниту еден амандман од вкупно разгледаните 26, поднесени главно од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот на министерот за локална самоуправа Александар Гештаковски за нивното неприфаќање, генерално, е дека општините споменати во амандманите не се економски моќни за да бидат самостојни.

Собранието треба да расправа по уште најмалку 130 амандмани.

Со Предлогот на законот за територијална организација на локалната самоуправа се предвидува досегашниот број општини од 123 да се намали на 80, односно на 76 општини до 2008 година.


НАСТАП НА СИМОН ТРПЧЕСКИ ВО ЛОНДОНСКИОТ РОЈАЛ АЛБЕРТ ХОЛ

Македонскиот пијанист Симон Трпчески во рамките на годинешниве Музички свечености "Промс" настапи во Ројал Алберт Хол во Лондон, најрепрезентативната и најголема концертна сала во Велика Британија.

Во придружба на Шкотскиот камерен оркестар со кој диригираше Џозеф Свенсен, Трпчески го изведе Концертот за пијано број 2 од Камиј Сен Сан и за своето музицирање доби огромен аплауз од неколку илјадната публика.

Како и многупати досега кога станува збор за неговите настапи на лондонските музички подиуми, Трпчески и на овој свој концерт ја одушеви публиката која секогаш знае да го цени и почитува неговото свирење, па својот прекрасен настап во Ројал Алберт Хол го заврши со свирење на бис.

Задоволен од концертот и од приемот кај лондонската публика, Трпчески изјави дека за него е огромна чест што можел да свири на "Промс".

"Задоволство и чест ми претставува поканата да настапам на овие свечености на музиката со толку голема и долга традиција каде доаѓаат само големи музичари. Ова беше убава можност за мене уште еднаш да го покажам своето музициранје", изјави Трпчески по заврсувањето на концертот.

Тој оцени дека ова за него бил мошне вазен настан. "Задоволен сум
од она како помина концертот, од тоа што можев да свирам со еден одличен
оркестар, каков што е Шкотскиот камерен оркестар, најдобар ваков состав на Островите, со еден прекрасен диригент и над се поради настапот во ова
раскошно здание какво што е Ројал Алберт Хол и пред неговата четириилјадна публика", нагласи Трпцески.

Како што јави дописникот на МИА од Лондон, целиот концерт на кој беа изведени и Ческата суита од Антонин Дворжак и Симфонијата број 2 од Роберт Шуман беа директно пренесувани на телевизија и радио, а свирењето на Трпчески и шкотските музичари можеше да се следи во живо и преку Интернет.

Симон Трпчески останува неколку денови во Велика Британија каде за компанијата ЕМИ го подготвува издавањето на неговото второ ЦД на кое го свири Рахмањинов, а со лондонската публика ќе има нова средба во октомври, кога ќе настапи со Лондонската филхармонија, со која веќе двапати има настапувано.