ИНФО

            English

            Македонски


  ИНФО                                           
     
  ПОДДРШКА ОД ДИЈАСПОРАТА ЗА ПРЕТСТОЈНИОТ РЕФЕРЕНДУМ

На 19 август 2004 година, Советот на македонската заедница за Мелбурн и Викторија свика Народно собрание, на кое донесе Резолуција во која остро го осуди прифаќањето на Законот за децентрализација на Македонија. Децентрализацијата и прогласувањето на Скопје за двојазично, а Струга и Кичево да станат општини со албанско мнозинство не е ниту малку во духот на европските принципи за децентрализација. Напротив, тоа е силување на демократијата во Македонија од страна на претседателот Црвенковски, премиерот Костов, Владо Бучковски и Али Ахмети. Им даваме целосна поддршка на обединетата опозиција, Светскиот македонски конгрес и на македонскиот народ за референдумот да биде успешен. Република Македонија е единственото парче земја кое ни остана и по никаква цена не смееме да го дадеме, уште повеќе што таа дедовина и татковина е стекната со големи жртви за време на војните во минатото.
Ако не се спроведе Референдумот, тоа ќе значи дека само во Македонија тероризмот се наградува, додека цел свет се бори против него. Рамковниот договор беше изнуден со сила, а не по демократски пат - констатира Советот на македонската заедница за Мелбурн и Викторија.
 
     
  РЕФЕРЕНДУМОТ Е ОПАСЕН ЗА АХМЕТИ

Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција смета дека со пропаѓањето на Рамковниот договор Македонија ќе влезе во опасна фаза, а успешниот референдум ќе ја воведе во граѓанска војна. За приштинскиот весник "Бота сот" Ахмети истакнал дека со пропаѓањето на Рамковниот договор сè би почнало од нула, што значи дека би се изгубиле шансите да бидеме интегрален дел на НАТО и на ЕУ. А тоа значи дека сè ќе тргне наопаку и со тешки последици за земјата. Но, сепак тој е оптимист и верува дека оваа криза ќе се надмине, бидејќи според него во Македонија се надминати и поголеми кризи од оваа, во која опозицијата и македонските екстремисти манипулираат со народот, со цел да ја дестабилизираат земјата. Ахмети верува дека партиите во владината коалиција ќе успеат т.н. референдум да го прогласат како пропаднат, затоа што само на ваков начин ќе се спречи граѓанска војна во Македонија. Очигледно, за господинот Ахмети претставува опасност демократската форма на изјаснување на граѓаните, бидејќи тој повеќе го практикува "говорот на оружјето".
 
     
 

ГРЦИТЕ ЌЕ СИ ОДАТ ОД ОКТА?!

Според грчкиот весник "Катимерини" раководството на грчката петрохемиска компанија "Хеленик петролеум" и се заканило на македонската Влада дека ќе ја затвори Рафинеријата ОКТА, доколку не добие надоместок за загуба затоа што таа го загубила монополот на пазарот, кој беше предвиден со договорот за купопродажба. Претставниците на Владата демантираат дека добиле било каква информација од "Хеленик петролеум".
"Македонската Влада досега не добила најава, барање ниту, пак, официјална информација од 'Хеленик петролеум'. Не знаеме ништо за пишувањата во весникот и досега Владата не е информирана", изјави Мирјана Контевска, советничка за односи со јавноста во кабинетот на премиерот Хари Костов.

 
     
  СКАПО ПАТУВАЊЕ ВО ЕУ

Од ова лето македонските државјани мораат да издвојуваат повеќе од 100 евра по човек, ако патуваат во земјите на Европската унија. Тоа е резултат на новата регулација, која Европската комисија ја подготви за земјите-членки на Унијата кои се потписници на т.н. Шенген договор. При вадењето виза треба да се покаже и полиса за осигурување. Со неа Европа бара патниците од земјите кои потпаѓаат под одредбите на шенген- режимот да платат осигурување за секој ден што имаат намера да го минат таму. Со ова, едно излегување од земјава, уште пред да се помине границата, македонскиот граѓанин ќе го чини околу 140 евра. Во оваа сума е вклучена годишната виза која чини 35 евра и овозможува повеќе пати влез во земјите на ЕУ, а останатите пари се за осигурувањето. Во блиска иднина Европската комисија не предвидува измена на регулативата со која би се укинале визите за македонските граѓани. Ова е резултат на непроменетиот статус на нашата држава во очите на Брисел.
 
     
  АМЕРИКАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА!

Американската компанија за механички контролни направи и автомобилски делови "Џонсон контрол инк" е заинтересирана да инвестира во Македонија. Оваа фирма, во делот на производството на електромеханички контролни направи, се претставува како еден од најголемите светски понудувачи на контролни системи, сервиси и опрема во образованието, здравството и телекомуникацискиот сектор. Во однос на производството на автомобилски делови "Џонсон контрол инк" е светска водечка компанија за производство на автомобилски внатрешни системи. Според анонимни владини извори, наводно "линкот" со оваа американска фирма го воспоставил бизнисменот Ристо Гуштеров, кој неодамна изјавил дека во Македонија ќе донесе голема компанија која може без проблем да ги купи половина од фирмите во државава.
 
     
 

НЕКВАЛИТЕТНИ СОКОВИ НА ПАЗАРОТ

Пазарната инспекција утврди дека соковите на шест македонски фирми не одговараат на прописите за квалитет на прехранбените производи. Инспекторите издале забрана за продажба на производите за кои е утврдено дека имаат поголемо количество адитиви од оние коишто се дозволени.
Портпаролот на Министерството за економија Гоце Пачемски изјави дека не може да тврди дека станува збор за здравствено неисправни пијалаци. Според него, пазарната инспекција ги испитува само декларациите и колку состојките во нив одговараат на правилникот за квалитет на освежителните безалкохолни пијалаци и правилникот за квалитет на адитивите за прехранбените производи. Контролата била направена кај осум македонски производители во Скопје, Кавадарци, Штип, Кочани и Виница.

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ЗА АВИОНСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ МОСТАР ПРЕДАДЕНА НА РОДНИНИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ

Министерот за правда Иџет Мемети, кој е координатор на Кризното тело формирано по авионската несреќа од 26 февруари годинава во близината на Мостар во која животот го загуби поранешниот претседател Борис Трајковски и осуммина негови соработници, по овластување на Владата, денеска им предаде документација поврзана за несреќата на семејствата на загинатите.
"Министерството за правда не е надлежно да ги даде целокупните доказни материјали. Делот што може да им се даде на семејствата се обидовме да го собереме и од другите надлежни органи и денеска им го предадовме", истакна Мемети.
Тој додаде дека целокупниот материјал што е доставен од Босанското обвинителство само е препратен до нашето Јавно обвинителство, кое согласно законот ќе го работи како надлежен орган.
Министерот Мемети информира дека три семејства не ја подигнале документацијата и оти со нив е контактирано и е договорено да дојдат во Министерството за правда и да ја подигнат.
По предавањето на документацијата на роднините на загинатите, Зоран Јолевски, поранешен шеф на Кабинетот на претседателот Трајковски, изјави дека откако семејствата ќе го разгледаат извештајот доколку имаат дополнителни прашања и објаснувања ќе се обратат до Министерството за правда и до Јавното обвинителство.
Според Јолевски, станува збор за обемен извештај со околу 260 страници.


МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГИ КОРИСТИ ХРВАТСКИТЕ ИСКУСТВА ВО ПРОЦЕСОТ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА

Во Охрид денеска завршија дводневните билатерални разговори меѓу делегациите на Министерството за европски интеграции на Хрватска и Секторот за европска интеграција при Владата на Република Македонија предводени од хрватската министерка Колинда Грабар-Китаровиќ и заменик на претседателот на македонската Влада Радмила Шекеринска.
По завршената средба и министерката Грабар-Китаровиќ и вицепремиерката Шекеринска ја истакнаа одличната соработка меѓу двете земји во остварувањето на заедничките стратешки цели - членство во Европската унија и трајната стабилизација и мир на просторите на Југоисточна Европа.
Хрватска ќе биде подготвена за членство во ЕУ во 2007 година, потоа ќе следат преговори, но неблагодарно е да се прецизира датумот на приемот бидејќи тоа не зависи од нас", рече министерката Грабар-Китановиќ.
Таа нагласи дека Хрватска ќе и помогне на Македонија со знаење и искуство колку што може, за што наскоро ќе следат средби на пониско ниво околу техничките прашања.

ЧЕТИРИЕСЕТ И ТРЕТО ИЗДАНИЕ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Годинашните 43-ти Струшки вечери на поезијата свечено ќе бидат отворени вечерва во Македонскиот народен театар во Скопје, каде што ќе се одржи и меѓународното поетско читање "Поетски меридијани".
Годинашниот добитник на наградата Златен венец на Струшките вечери на поезијата Васко Граса Мура денеска беше прогласен за почесен член на Друштвото на писатели на Македонија.