Макрадули: Животната средина во Македонија ќе се штити и преку грант-програмата ПОНТ

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска информираше дека во Македонија започнува грант-програмата на Фондот за Природа „Преспа-Охрид“ – ПОНТ, со што ќе се работи на заштита на животната средина, истакнувајќи дека Министерството ќе обезбеди 50 отсто кофинансирање за реализација на проектот.

– Станува збор за повеќегодишна соработка, вредна повеќе милиони евра, посочи Макрадули, наведувајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање ги следи тековните процеси на меѓународен план за заштита на природата.

Тој истакна дека главен приоритет на Министерството е ефикасното спроведување на тековните процеси на меѓународен план за заштита на природата.

– Денес се радувам што сум дел од Министерството што исклучително внимание посветува на регионалната соработка и на регионалните проекти. Ние, државите кои се стремиме кон ЕУ мораме да демонстрираме зрелост и кадарност да работиме заедно, нагласи Макрадули.

Тој наведе дека во рамки на проектот ќе бидат исполнети дел од активностите на усвоените Национални стратегии за заштита на природата и биолошка разновидност, кои во последно време, според него, се запоставени.

– Преку финансиската помош на ПОНТ, исто така ќе се спроведат и плановите за управување со заштитените подрачја. Во текот на првата година, предвидено е да се финансираат проекти за заштита на биодиверзитетот, што се однесуваат на Преспанскиот регион, Националниот парк Пелистер, Националниот парк Галичица, како и Преспанското Езеро, објасни Макрадули.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање изрази надеж дека во текот на следните години ПОНТ со својата поддршка  ќе се прошири и во охридскиот и во другите региони на земјава.

– Со имплементација на проектите од гранд-програмата на ПОНТ ќе се зајакнат капацитетите на собјектите за управување со заштитените подрачја, општините и невладините организации. Исто така ќе се придонесе и за подобрување на прекуграничното управување во делот на заштита и мониторинг над природата со соседните земји, Албанија и Грција, истакна Макрадули.

Тој посочи дека стратегијата на програмата е да ги подобри и зајакне локалните чинители во областа на животната средина, односно локално да зајакне различни здруженија од делот на рибарството, земјоделските производи, туризмот, медицинските билки и слично.