Царовска на министерски состанок за родова еднаквост во Виена

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и заменик министерката за финансии Ширет Елези во Виена учествуваат на регионалниот министерски состанок на земјите од Западен Балкан во организација на Светска банка.

Состанокот е насловен како „Ослободување на потенцијалите за економски раст во Западен Балкан преку унапредување на родовата еднаквост во пристапот до економските можности“, а Царовска е панелист во сесијата посветена на промоција на еднаквоста во претприемништвото.

Целта на оваа сесија е да се дискутираат и предложат решенија кои ќе го подобрат пристапот на жените до финансиски средства и ќе го поттикнат нивното учество во претприемништвото. Еден од клучните чекори во борбата за родова еднаквост е овозможување еднаквост во пристапот до финансиски средства и имот, што директно се одразува врз независноста и подобрувањето на статусот на жените во општеството.

Според проценките, во просек 18 проценти од БДП се губат секоја година поради родовиот јаз на пазарот на труд. Иако се забележува напредок во однос на инклузивноста во економските можности во земјите од регионот, продолжува работата во оваа насока. На денешната средба, земјите од Западен Балкан ќе ја потпишат заедничката заложба која потврдува дека економскиот развој ќе вклучува и цврста определба за родова еднаквост во пристапот до економски можности, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *