Законот за јазиците повторно пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска во 13 часот треба да го започне продолжението на 32.седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците, во трето читање.

Нема официјални информации дали ќе се расправа за амандманите и како или пак пратениците ќе се изјаснат само за законот. Дел од медиумите повикувајќи се на извори од СДСМ и ДУИ пишуваат дека на седницата пратениците нема да се изјаснат за амандманите туку дека ќе гласаат само за законот. Останува да се види како навистина Парламентот предводен од претседателот Талат Џафери ќе се справи со ситуацијата која ја наметна опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесување на 35.569 амандмани за Законот за употреба на јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик во земјата.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави дека очекува неделава да биде затворено прашањето за Законот за употреба на јазиците.

– Сите кажаа се што имаа, а беше оставено и доволно време за дијалог. Законот конечно треба да се донесе согласно Уставот и законите. Со тоа ќе биде затворен последниот легалистички аспект од Рамковниот договор. Да го оставиме нека се реализира, нека има своја имплементација и ќе видиме дека не е нешто што е болно, тешко или трагично, туку е нешто што ќе овозможи полесно да се разбираме едни меѓу други, рече Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во изјава за МИА вчера од Брисел повтори дека не се сомнева во уставноста на законот, што е оспорувано од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Османи рече дека Владата самоиницијативно ќе го испрати Законот до Венецијанската комисија за проверка. Според него, блокадите од страна на опозицијата во однос на Законот за јазици имаат партиска позадина.

– Овој закон е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ. Фактот дека даваат 36.000 амандмани од кои 30.000 се за казните – дали ќе биде едно евро, две евра, до 30.000 евра колку да ги покријат амандманите, е со цел физичко спречување на законот, а не за аргументирана дебата за Законот. Ние не го носиме овој Закон преку ноќ. Девет месеци дебатираме во јавноста. Два пати е усвоен од страна на Собранието со мнозинство од 69 пратеници, рече Османи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера во Струмица најави дека пратениците од неговата партија ќе учествуваат на денешната седница на Собранието, но побара отворање на амандманска расправа. Повика на разум и на почитување на законите, Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија.

– Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние кои што ќе го поддржат во таа постапка, додаде Мицкоски.

Не одговори како ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува на седницата и најави дека за натамошните чекори на опозициската партија јавноста ќе биде навремено информирана.

Законот за употреба на јазиците, кој беше донесен со 69 гласа, беше вратен со непотпишан указ во Собранието од страна на претседателот Ѓорге Иванов и со низа забелешки, врз основа на кои ВМРО-ДПМНЕ ги подготви над 35.000 амандмани.

Во Собранието денеска се најавени и две други седници и тоа 11. и 35. седница, како и седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

На продолжението на 11. седница има само една точка и тоа измените на Законот за заштита од пушење, по скратена постапка, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство. На продолжението на 35. седница има повеќе закони претежно во прво читање и неколку по скратена постапка, поднесени исто така од пратеници од владејачкото мнозинство.