МАТТО бара субвенции за инвеститорите во земјоделството

Владата да донесе програма за поддршка на инвеститори во земјоделството, да обезбеди субвенции за малите и средните претпријатија за период од 49 години, давајќи им под концесија земјоделското земјиште од 5.000 – 10.000 метри квадратни за изградба на мали фарми или за изнајмување,   да ја подобри инфраструктурата во индустриските зони за малото стопанство и да ги укине акцизите за петро-кокс како поддршка на индустријализацијата и зголемување на конкурентноста, предлага Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО).

Членките на МАТТО денеска треба да имаат средба со премиерот Зоран Заев на која, како што велат за МИА, ќе стане збор за овие, но и за други предлози во насока на подобрување на деловната клима.

На средбата ќе се разговара и за македонско-турските билатерални економски односи и за туризмот.

Ќе се укаже, според МАТТО, и на неефикасното судство и неефикасната администрација со кои се соочуваат инвеститорите, како и на непредвидливите и долги рокови за добивање дозволи за купување недвижности или нивното користење, за вршење дејност, за ангажман на професионалци по потреба, за школување студенти,…

– Неконзистентноста на имплементацијата на правната регулатива од страна на администрација создава чувство на правната несигурност, истакнуваат членките на Комората.

Тие ценат дека законите за финансиска дисциплина, за нотаријат и за извршување треба што поскоро да се преиспитаат како што беше случај со Законот за јавни набавки.

– Во тој контекст е неопходно и преиспитување на казнената политика. Го посочуваме и Законот за додадена вредност зашто во член 32 предвидува платениот данок да се наплатува двојно, без можност за поврат. Сметаме дека со измени и дополнувања на ваквите решенија би имале „вин – вин“ ситуација, предочуваат од МАТТО.

Дали Владата планира ревизија и усогласување на регулативата согласно реалните ситуации и обновување на „регулаторната гилотина”, е исто така едно од прашањата за кои се очекува да стане збор на средбата со премиерот Зоран Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *