Димитров-Рот: Северна Македонија може и понатаму да се потпре на германската поддршка

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска во Берлин оствари средба со Михаел Рот, актуелен пратеник во Бундестагот од редовите на СДП како дел од владејачкото мнозинство и довчерашен германски министер за Европа.

– Во текот на нашата соработка, успеав одблизу да се запознаам со вредностите што ги застапуваше во текот на извршувањето на функцијата, како и со принципиелните ставови на Германија и доследноста кога станува збор за комплетирање на Европа со земјите од регионот, изјави Димитров.

Тој додаде дека поддршката резултираше со огромна сила на напорите за европеизација на Северна Македонија и издржливост во моментите на разочарување од неисполнетото европско ветување. Имајќи го предвид сето ова, вицепремиерот Димитров е уверен дека Германија ќе продолжи да дејствува во насока на зајакнување на кредибилитетот на Унијата, а во тие напори тој истакна дека Северна Македонија секогаш ќе има сојузник и пријател во ликот на Михаел Рот.

– Вчера ја напуштив мојата функција како министер за Европа. Би сакал да изразам благодарност до Македонците, имам многу пријатели во регионот на Западен Балкан и особено во Северна Македонија. Вашиот народ го заслужува најдоброто, а тоа е ЕУ перспектива. Новата влада останува посветена на тоа, трите партии кои ја формираа новата влада остануваат посветени и многу работиме на изнаоѓање мудро решение за да се надминат билатералните спорови, вели Рот.

Тој испрати порака до Северна Македонија, да не се откажува и оти Брисел и целата Европска Унија ќе ги одржат ветувањата.

– Луѓето во Северна Македонија постигнаа многу и знам дека е долг и трнлив пат, но на крајот вреди. Сегашната европска перспектива гарантира работни места, просперитет, стабилност, мир, регионално помирување и владеење на правото и почитување на етничките, верските и сексуалните малцинства. Ви посакувам сè најдобро и многу ви благодарам за одличната соработка со мојот пријател Никола и со многу други, вклучително и претставници на граѓанскиот сектор. Не се откажувајте! Не се откажувајте и мојата порака до моите истакнати пријатели во Брисел и низ целата Европска Унија е – да ги одржиме нашите ветувања. Мораме да испорачаме, нагласи Рот.

Како што се наведува во соопштението од СЕП, вицепремиерот Димитров изразил благодарност за дејствувањето на Рот од неговата позиција за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија во светло на заедничката кауза за обединета Европа.