Меѓународна конференција за борба против корупција: Корупцијата го подрива општеството неопходно е нејзино искоренување

Корупцијата е суштински неправедна, бидејќи, воведувајќи двојни стандарди, ја поништува еднаквоста на сите пред законот. Таа го подрива општеството, економијата и државата, а цената за тоа ја плаќаат сите граѓани, особено најранливите категории. Северна Македонија напредува во борбата против корупцијата, но потребно е дополнително да се работи и сите вербални заложби да се реализираат во пракса.  За тоа, потребно е да се ангажира целокупното општество, секој поеднец во институциите и сите политички чинители.

Ова се дел од пораките што денеска беа упатени од конференцијата што се одржа по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата во Скопје.

-Според општоприфатената дефиниција, корупцијата е злоупотреба на доверената власт или јавна функција за лична добивка на сметка на јавниот интерес и како таква е најголемото зло за секој демократски политички систем, и за општеството во целина. Корупцијата е суштински неправедна, бидејќи, воведувајќи двојни стандарди, ја поништува еднаквоста на сите пред законот, рече во денешното обраќање на конференцијата претседателот Стево Пендаровски.

Таа, нагласи Пендаровски, ја нарушува економијата, на политички план ја намалува довербата во институциите, го поткопува легитимитетот на избраните претставници и, постепено, но сигурно ја нарушува довербата во праведноста и ефикасноста на демократијата како систем.

-Пред неколку дена учествував на Форумот за детска сиромаштија и од истражувањата кои беа таму презентирани со сигурност произлегува фактот дека највисоката цена не ја плаќа ниту корумпираниот, ниту оној кој корумпира. Највисоката цена ја плаќаат најранливите членови на општеството – сиромашните деца, социјално загрозените семејства, самохраните мајки. Жртви на корупцијата се и младите кои не можат да се вработат, квалификуваните вработени кои не добиваат соодветна плата за својот труд, пензионерите кои немаат доволно пари за лекови и квалитетна медицинска нега, рече Пендаровски.

Според него, корупцијата ја слабее државата, ги осиромашува граѓаните, ги компромитира демократските институции. Цената, нагласи, ја плаќаме сите, особено, најранливите меѓу нас. Корупцијата, рече Пендаровски, ја поттикунува и фактот што се уште постои култура на неказнивост, а отсуствува и елементот на јавен срам.

-За да излеземе од оваа надолна спирала неопходно е да вложуваме во културата на одговорност, транспарентност и интегритет. Неопходен е систем што ги ќе намалува можностите за корупција и ќе ја направи корупцијата општествено и лично неприфатлива. А тоа ќе го постигнеме ако цената за корупцијата ја плаќаат само оние кои тоа го заслужуваат, истакна претседателот Пендаровски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека недоличното и коруптивно управување со јавните ресурси е штетно за сите во државата, за нејзиниот развој за добробитта на граѓаните. Особено, рече тој, е штетно во ова време кога тие ресурси се најпотребни за одговор и за закрепнување од пандемиската криза од КОВИД – 19.

Според него, Националната стратегија и Акцискиот план кој е призлезен  од неа, ќе бидат одличен водич за сите институции. Затоа, нагласи, Собранието ќе се обиде во најкус можен рок да ги донесе сите потребни закони, кои произлегуваат од Планот за борба против корупцијата со цел остварување на предвидените мерки и политики.

-Собранието ќе продолжи со своето транспарентно и конструктивно работење, негување на културата на партискиот дијалог, затоа што само така заедно ќе можеме да ја водиме битката против корупцијата и да имаме ефективни одговорни и траспарентни институции, правични и со интегритет, рече Џафери.

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мери Брнз во обраќањето нагласи дека корупцијата ја поткрепува нестабилноста, и ги деморализира граѓаните со тоа што ја поткопува верата во демократските процеси.

-Потребни ни се напори да ја искорениме корупцијата, меѓутоа зборовите треба да ги претвориме во дела и од овие вербални заложби да дојдеме до измерливи резултати. За тоа, мора да има отчетни институции кои ќе одговорат на потребите на граѓаните, но и залагања на целото општество, рече Брнз.

Северна Македонија, нагласи таа, напредува во борбата против корупцијата и во зголемување на транспарентноста. Додаде дека е потребен подлабок културен дијалог и нетолеранција за корупцијата.

Заменик-шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Џулијан Васало обраќајќи се на конференцијата нагласи дека корупцијата е клучен проблем со кој се соочуваат скоро сите земји во светот. Таа, како што додаде, го нарушува владеењето на правото, економскиот развој, благосостојбата на сите, предизвикува загуби за сите граѓани и за заедницата воопшто.

Затоа, рече, неопходно е сите заедно во општеството да работат и соработуваат во нејзиното искоренување за да не се остане само на декларативни заложби.

-Националната стратегија и Акцискиот план кој произлезе од неа се корисни со цел да ги наосчуваат институциите во борбата протв корупцијата, но, потребно е многу повеќе. Загалањата треба да бидат неуморни и ако сакаме да вовездеме структурни општествени промени мора да продолжиме и да не се враќаме наназад, рече Васало.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски е согласен дека е потребна заедничка борба и истрајност на сите чинители во општеството.

-Ќе успееме само и само ако сите заедно и со полн капацитет, без тактизирање храбро и одлучно ги спроведеме тешките реформи, и ги промениме навиките, да ги применуваме законите еднакво за сите и секаде, рече Николовски.

Бидејќи ова е заедничка битка на сите и за сите, додаде тој, до спикерот на Парламентот  доставивме Предлог декларација за широк фронт за борба против корупцијата.

-Очекуваме таа да биде поддржана од сите релевантни политички партии. Сите заедно да бидеме креатори на општество во кое ќе се почитуваат и спроведуваат законите, мерките и прописите. Општество во кое ќе се почитува законот, со кој ќе се соочат сите што го прекршуваат и ќе се соочат со одговорноста, рече Николовски.

Тој во обраќањето нагласи дека Владата покажала волја и подготвеност за борба со корупцијата и тоа го демонстрирала со голем број преземени мерки и актиности, но и со воведување транспарентност и отчетност.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *