Мицкоски во Брисел: Македонскиот народ повеќе не е подготвен на дополнителни отстапки

Денеска заврши политичкото собрание на Европската народна партија, на маргините имав прилика да поразговарам со претседателот Пауло Рангел којшто доаѓа од нашата сестринска партија од Португалија, разговарав и со господинот Дејвид Мекалистер којшто е претседавач со Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент и дел од нашата сестринска партија ЦДУ од Германија.

Сето ова заврши со еден официјален состанок, со претседателот на Европската народна партија тоа е господинот Доналд Туск. Разговаравме за ветото од страна на Бугарија кон нашата Македонија и неправдата која му е нанесена на македонскиот народ, нација и македонската држава, затоа што после толку години, после толку успешни извештаи повее од петнаесет години ние сме уште во чекалницата и сме жртви на непринципиелни барања од страна на поедини земји членки на Европската унија. Јас не можам да се поистоветам со челниците на СДСМ и да доаѓам овдека во Брисел и да ја кодошам нашата Влада или да зборувам лошо тоа е проблем којшто ќе си го решиме дома, на избори и таму ќе ги поразиме и таму ќе зборуваме за нивниот криминал, корупција и погрешни политики и немањето реформи.

Тука зборував и практично барав  соговорниците, од луѓето кои се дел Европската народна партија како што е Рангел, како што е  Мекалистер и конечно Туск, да помогнат на Македонија и македонскиот народ да го добијат заслуженото, а тоа е конечно почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Македонија и македонскиот народ имаат пријатели овде во Брисел и тие ќе застанат позади интересите на нашата татковина, нашиот народ и очекувам веќе дека на следниот Самит на ЕУ кон крајот на оваа година таму во декември да конечно се вразуми нашиот источен сосед, односно политичарите кои ќе ја креираат новата влада, нормално тогаш ќе бидат веќе завршени и претседателските избори таму во Бугарија, ќе можат да го повлечат ветото, да се однесуваат европски и да може Македонија конечно да ги почне преговорите со Европската унија.

Прашање: Какви пораки вие испративте до меѓународната заедница и какви пораки меѓународната заедница испрати до Република Македонија?

Прво тоа што го кажав е дека граѓаните на Македонија се разочарани затоа што 15 години сме во чекалницата иако имаме направено можеби изминативе 15 години суштински реформи кои се многу понапредни од некои земји членки на ЕУ. Македонија многу пати во минатото застанала во одбрана на интересите на европскиот континент и на самата ЕУ кога беше и последниот бран со емигрантите што се случуваше на нашата јужна граница. Македонските граѓани споделуваат европски вредности исти онакви какви што споделуваат и граѓаните на земји членки на ЕУ и тие заслужуваат и после сето она што го направија и после сите неправди кои се нанесоа на македонскиот народ да почнат преговори со ЕУ.

Ние тоа го заслужуваме и го бараме час поскоро да стане наша реалност, реков дека јас не сум како политичарите од СДСМ кои кога беа во опозиција кодошеа овде, навредуваа и молеа Бога Македонија да не успее за да можат тие политички да се реализираат. Напротив таа бита ќе ја оставам за дома и таму ќе ги поразиме на следните локални избори, а овде се бориме за Македонија, се бориме за македонскиот народ и бараме од нашите сестрински партии од нашите пријатели со луѓето со кои денес и утре ќе разговарам да ни помогнат конечно еве во  декември е следната шанса на следниот европски совет, а зошто да не и порано Македонија да ги почне преговорите.

Затоа што без разлика дали сте вие во опозиција или сте во владата треба интересите на граѓаните да ви бидат приоритет. Политички измамници и политички циркузанти продефилирале и дефилираат на македонската политичка сцена, но она што ни е потребно е вистинска мисла вистинска идеја, вистински разговор и аргументи. Аргументите се на наша страна, на страната на македонскиот народ, македонските граѓани и нашата Македонија.

Прашање: Рековте дека посетата во Брисел ќе ја искористите да помогнете преку вашите европски партнери да се одблокира што поскоро процесот за пристапни преговори, но реалноста е дека на 22 јуни добивме студен туш од Брисел, на што се должи ова повеќекратно одолговлекување и дали сметате дека власта треба да си поднесе оставка и да има предвремени парламентарни избори?

Погрешната политика дефинитивно и слабата дипломатија, ветувањата, преземените обврски една хаотична ситуација, што се не зборувале тука нашите перјаници во владата на Зоран Заев и СДСМ, што тој лично, што поранешниот министер за надворешни работи Димитров, или сегашниот Османи, што се немаат изнакажано, за жал нема никаква испорака.

Доколку ние си ја завршевме домашната задача, доколку бевме со силна економија, силно образование, здравствен систем конкурентен со европскиот, хармонизирано законодавство, а не политички нарачани процеси, политички инструирани обвинители, силни земјоделци, среќни пензионери, младина којашто останува наместо да се сели, многу инвестиции тогаш работата ќе беше поинаква. Тогаш аргументите на официјална Софија и Бугарија ќе беа многу послаби споредено со тоа што се денес и затоа ние треба на овој начин преку домашната задача преку сето она што треба да го завршиме дома, да ја зајакнеме нашата позиција. На тој начин пропорционално ќе ја ослабиме позицијата на официјална Софија и на Бугарија и ќе дојдеме до конечно посакуваната цел, а тоа почеток на преговорите.

 Се разбира македонскиот народ повеќе не е подготвен на дополнителни отстапки, толку беше, тоа е мојата порака од овдека, сега треба еднашка Европа да си го испорача ветеното, а тоа е да Македониј почне со преговорите со Европската Унија. Не е тоа датум за Зоран Заев, датум за СДСМ, Бујар Османи и останатите, тоа е за граѓаните во нашата татковина и тие тоа го заслужуваат и тоа го заслужиле со своето однесување изминатите години.