Министерката за одбрана Радмила Шекеринска попладнево ги отвори повеќечасовните билатералните консултации со САД за одбраната, кои се одржаа преку видео-конференциска врска. Обраќајќи им се на учесниците, Шекеринска рече дека САД за Северна Македонија се стратегиски партнер и голем пријател кој цели три децении ни даваше поддршка во критичните моменти.
– Членството во НАТО е нов импулс за стратегиското партнерство меѓу нашите две земји. Во сѐ посложеното безбедносно опкружување вашата експертиза и заеднички проекти и во иднина ќе бидат важни за нас. По првиот самит на НАТО на кој учествувавме како членка, ни беше огромна чест што бевме домаќини и на посетата на командантот на сојузничката команда на НАТО за Европа, американскиот генерал Тод Волтерс. Тоа за нас е уште еден знак на пријателство и соработка бидејќи Северна Македонија на тој начин го јакне сојузништвото со НАТО и партнерството со САД притоа давајќи придонес и во зацврстувањето на трансатланските релации кое е една од целите на НАТО и на САД, истакна Шекеринска.
Таа посочи дека нашата земја останува активен учесник во регионалната стабилност и сојузничките мисии и операции, вклучувајќи ги мисиите во Косово и во Ирак за каде се во тек подготовки за испраќање на наши војници.
– Дваесетгодишното учество во ИСАФ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан чие завршување го означивме токму денес во нашата земја, е тестамент за посветеноста на Северна Македонија на глобалниот мир и распределба на товарот со сојузниците, подвлече таа.
Шекеринска се осврна и на успешната едномесечна вежба „Одлучен удар“ на Криволак во која еден од главните логистички, но и оперативни контрибутори беа токму САД и рече дека таа беше круна на долгогодишното стратешко партнерство.
Билатералните одбранбени консултации се одржаа во четири сесии со учество на високи делегации од двете страни при што американската делегација беше предводена од Лора Купер, заменик помошник секретар за одбрана на САД, која на почетокот заедно со Шекеринска ги отвори консултациите.
This piece provided a lot of valuable information and was very well-written. Let’s chat more about it. Feel free to visit my profile for more related content.