Реџепи: Власта не е подготвена за заедничко решение со опозицијата

Денешната координативна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери не траела повеќе од десет минути, а причина за тоа според координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи било тоа што владејачкото мнозинство немало спремност да се изнајде заедничко решение за излез од настаната ситуација со блокирањето на Собранието.

-Јас лично им предложив на двајцата координатори од мнозинството да се деблокира Собранието со тоа што ќе изнајдеме решение за Предлог-законот за државјанство. Мојот предлог беше и ќе го кажам сега јасно, бидејќи во медиумските искажувања сите претставници од власта и од мнозинството велеа дека имаат тие предлог-закон за државјанство и ќе ја поднесат нивната верзија, јас предложив да ја донесат таа верзија па заеднички да седнеме да ги дискутираме двете верзии, да излеземе со еден предлог-закон кој ќе биде во служба на тие граѓани коишто имаат потреба од државјанство, изјави Реџепи.

Според неговите кажувања, од нив воопшто немало одговор и затоа јавно ги повикува власта и пратеничките групи од мнозинството да го донесат предлог-законот за којшто тие велеа дека го имаат па да го дискутираат заедно.

-Не е битно кој ќе го поднесе после во Собранието. Битно е да докажеме дека Собранието може да ги слуша и барањата од опозицијата и да се докаже дека навистина можеме да бидеме во служба на граѓаните, рече Реџепи.

Координаторот на пратеничката група на АА и Алтернатива побара од власта да „прекине со делење емоции за дневно политичка потреба околу тоа колку биле битни овие закони за граѓаните“.

– Да, вистина е дека за граѓаните доста битна е помошта околу пандемиските случувања, меѓутоа власта знае многу добро дека има категорија на граѓани кои воопшто не користат никаква помош. Ние како албанска опозиција ја прифаќаме таа одговорност дека ќе ги блокираме сите тие закони се додека не излезе законот за државјанство. Имаме контактирано со доста луѓе кои се од бизнис фелата, луѓето целосно ни даваат поддршка иако се во тешка економска и социјална состојба. Тие велат кратко, може да истраат уште месец дена без плати, но затоа сакаат да дадат придонес за граѓаните кои воопшто немаат државјанство, да им се овозможи конкретна помош, рече Реџепи.